Да не остане само една затантена провинција без младост и без радост

09.12.2019 11:52

Треба сега, веднаш, да се запрашаме: кој утре ќе ја продолжи нашата култура, нашата наука, во чии раце ќе паднат идните ученици, студенти, читатели, слушатели, пациенти, во чии раце ќе ја оставиме државата?

Бидејќи оваа наша Македонија, и покрај сета своја чудесност, сепак не е она, познато од сказните, неисцрпно кесе со златници, од кое колку и да земате тоа толку и се полни, сегашните два милиони жители можат многу бргу да се развеат низ светот и на овие простори да остане само една затантена провинција без младост и без радост, која ќе живурка од туѓа милостина.

Јас, за жал, не можам да понудам лесно решение за овие проблеми. Но само ја чувствувам одговорноста, и би сакал и вие да ја почувствувате. И тоа да нè поттикне да ги ставиме настрана ситните политички надмудрувања кои, во отсуство на каква и да е идеологија, се претворија во чиста борба за власт, а преу неа - за извори на заработка. И - да ја насочиме сета енергија (онолку колку што од неа ни останало) за решавање на вистинските прашања.

Мислите ли дека на свети Климент му било полесно кога пристигнал тука, кога се завртел наоколу и видел каква немаштија и незнаење го опкружуваат? Па сепак запнал и нешто направил - нешто што траело и опстојувало до денес како писменост, како традиција, како култура, како континуитет на духот. Ние немаме право тоа неразумно и расипикуќнички да го растуриме.

Нека ни е среќен празникот.

Влада Урошевиќ, при доделувањето на наградите „Св. Климент Охридски“, 08.12.19.

 

ОкоБоли главаВицФото