Сентиментално писмо

21.01.2020 19:46

1862. До Константин Миладинов
во затворот цариградски.
„Да видам Охрид, Струга да видам“


Чекаш ли орелски крилја да ти даде
зандански лилјак, морничав калуѓер страден
со муцка на глушец или вампир што свиткан
врлоглаво виси на твоите валми
или полжав гологрб од вода плитка
со рокче свиткано в премека чалма?


Не чекај. Темна сенка лази на далечен угар
и покривка гробна ти ткае.
Ни Охрид ќе го видиш ни Струга
ни што и да е.


Или ќе видиш? Тогаш тоа ќе биде
на врба грозје кога ќе се роди
гавран од напрсток вино да пие
на празник иден –
кога гуштер пред комити оро ќе води.

 

Или кога дождалец ќе омрести икра на мрена
на крапица утманица плашица
и кога заклано сугаре
ќе цица скаменета боска на жена
ќе го видиш Охрид, ќе ја видиш Струга.


Или кога в здробена глава ќе светне
една ѕвездена вселена друга
потпрена сета на змиска нога –
орелски крилја ќе си метнеш
ќе го видиш Охрид, ќе ја видиш Струга.
Само тогаш.


Очајнику, и во т’гата за југ камен биди.
Протегни се. Слушаш: удавен во солзи се смеам.
Охрид и Струга не ќе ги видиш
ни ден бел.
Оглувнуваш а селава ти пеат
в суша под вршник врел

 

Думба думба дивина
’рти златен зоб
јавни коња пауна
и патувај в гроб.


И патувај, внуку Миладинов
те испраќам пијан и бушав.
Врне врз мојава исушена градина.
Дали тоа веќе на господа му се пожалила
за сушните години твојата душа?


И додека дивокрушова ракија пијам
во која змија капнала блажина
слушам – селските клепала бијат
и бучи поројница заматена
зашто во господова пајажина
душата гладна ти е фатена.


И си ги сечам прстите ковчести
да не се зграпчам за шијава
или да не си брцнам во очиве овчешки
по тебе со песна пијана


Тумба тумба татара
вршам ’рж и зоб
јавна коња златара
и отиде во гроб.

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото