„Облечи си бела кошула!“

25.01.2020 15:26
„Облечи си бела кошула!“

(Владимир Зарев: „Пропаст“, Или-или, Скопје 2019)

Владимир Зарев е угледен бугарски писател, истакнат книжевник од најблиското јазично соседство, кој, за жал, во нашата современа преводна книжевност само еднаш имаше ѕирнато и дури сега, всушност, блиското лани 2019 година, по вторпат (а речиси ко првпат!), влезе на големи шимшир-порти со преводот на Бранислав Мирчевски на неговиот популарен, успешен, докажан и широко афирмиран роман „Пропаст“ од 2003 или, во оригинал, на бугарски – „Разруха“, објавен во издание на „Или-или“. Првата ѕирка на Зарев во македонската преводна книжевност, во македонскиот јазик, всушност, е 2008 година кога неговиот расказ „Целта на човекот“ во превод на Никола Маџиров беше поместен во Антологијата на раскази и есеи од Југоисточна Европа „Другиот покрај мене“ на Рихард Шварц, која, освен кај нас, во издание на „Темплум“, излезе и во Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Србија и Црна Гора. Барем јас, до излегувањето на „Пропаст“ го знаев само тој расказ на Зарев, зашто само тој и беше преведен на македонски. Но, затоа, пак, „Целта на човекот“ е расказ што го помнам повеќе од една деценија од првичното читање, зашто е чудесно нурнат во јазикот (бугарскиот или македонскиот, сеедно), плиснат како во лингвистички бескраен океан, запливан низ мирот и немирот со мека, суверена лирска нарација,.. расказ кој ме потсетува, се надоврзува, некако ми се преклопува и подудира со најубавата македонска раскажувачка традиција од перата на Петре М. Андреевски, Димитар Солев, Бранко Варошлија, Крсте Чачански, Васе Манчев, Блаже Миневски... Флејтата на Зарев од овој расказ која сосем јасно ја слушам и сега, би можела да биде и виолината на Петре М. Андреевски од расказот „Закопот на селскиот виолинист Ѓорѓија Димовски“ од неговата култна збирка „Неверни години“ од 1974 или дури и некаков случаен звуков навесник на романот на Блаже Миневски – „Свирци“ од 2011...
Заради и поради сево ова се радувам што најпосле „Пропаст“ е преведен и на македонски јазик.

Процепи и лични транзиции

„Пропаст“ е обемен, вешто напишан роман, епска фреска раскажана со нанесување многу лична, автентична боја врз свежиот малтер на транзицијата која сѐ уште татни и тресе, разнебитувајќи ги темелите на една доскорашна стварност, но истовремено и обидувајќи се да го спаси неспасливото со потпирки и сомнителни диреци од други, непознати светови и стварности. Романот и за европската публика бил вистинско изненадување од Бугарија. Според германската критика: „повеќе би очекувале ваков роман од Полска, Чешка, Украина,.. дури и од Германија, отколку од Бугарија“. Но, во „Пропаст“ се случува сето она што се случувало и се случува сегде при преминот од едно во друго живеење, всушност, од едно живеење во принудата за друго, поинакво живеење. Романот на Зарев раскажувачки е поставен токму во процепот, а во процепите се нема којзнае каква контрола кој и како ќе пропадне, кој, како и дали ќе се извлече. Процепот помеѓу времињата какви што биле и какви што стануваат, истовремено е и процеп помеѓу генерациите, особено помеѓу родителите и децата; процеп во самите луѓе, личности или ликови, сеедно. На микро рамниште на сопствените животи, и луѓето минуваме низ лични транзиции: принудени сме да престанеме да бидеме какви што сме биле или сме – принудени да станеме какви што не знаеме да бидеме. Сево ова е многу вешто и стрпливо опфатено во романот „Пропаст“ преку два дела, две сижејни линии, два главни лика, две приказни со многу интересен заемен однос. Со контролирани допирања кои го превртуваат лицето на разликите во опачина на сличност; или обратно – ја превртуваат опачината на разликите во лице на сличност. Како сето време нештата да се облекуваат во иста зборовна облека, во исти аливца, еднаш од едната, другпат – од другата страна. Како сето време да се шифрира и дешифрира со ист вестиментарен код на повеќе нивоа. Мартин Сестримски и Бојан Тилев се двајцата кои го носат романот „Пропаст“ на своите ликови плеќи.

Метанаративната линија, постоењето роман во романот, е само уште една од многубројните книжевни придобивки и доблести на оваа проза. Мартин е лик-писател кој го пишува романот „Пропаст“ за ликот Бојан. Сево ова е проследено и со графичка игра на слогот, Мартин како лик-писател е испишан со нормален слог во јас-форма, неговиот роман, она што божем тој го пишува, е испишано омнисцентно, во курзив. Основниот слог и курзивот (првото и третото раскажувачко лице) се „бркаат“ типографски, се допираат како што се допираат и некои букви од кирилицата со латиницата; некои букви од основниот фонт со италикот,.. како што се допираат две страдања, едното од премалку, другото од премногу... што и да е, макар и пари.

Сите ликови околу Мартин и околу Бојан, вклучително и оние преку кои тие се допираат (антикварот, многу занимлив епизоден лик, и Лора, последната иста жена во нивните различни животи) се осакатени. Ова е зборот, глаголската придавка што го содржи заедничкото за сѐ што живее или што само минува низ романот „Пропаст“. Заедничкото што шета од обичниот слог во курзивот, од едната раскажувачка линија во другата, од Мартин накај Бојан, од романот во метароманот е, всушност, сакатоста, осакатеноста... од секирата на животот. А секирата на животот е универзална, како и транзицијата, за жал. Таа не постои само во Бугарија, ниту само кај нас, ниту само каде и да било.

Раскажувачки лакмус

Владимир Зарев поседува многу раскажувачки вештини употребени во „Распад“. Тој не е праволиниски, мазен и предвидлив раскажувач. Напротив. Вешто расфрла наративни гравчиња кои навидум нѐ збунуваат и не водат кон конкретна цел. Иако се расфрлани божем потамина и насекаде, внимателно и омајно следеjќи ги, се стасува до целта одеднаш од повеќе страни. А целта е – тажна, позната, нашинска; целта е како врата низ која сме минале сите. Оние за кои читаме, но и ние од овие поднебја, кои читаме. Вмреженоста на времето и просторот, на она што се случуваше изминатите децении овде и таму, во Македонија и Бугарија, е сензитивен раскажувачки лакмус во раката на поединецот кој реагира на секоја слична, препознатлива судбина од каде и да е, чија и да е... Секое фрлено наративно гравче е одделен раскажувачки манир. Зарев владее со раскажувањето со цврста, искусна, даровита рака. Ја тегне приказната нанапред и наназад, ја почнува од средина или од крај, ама никогаш ништо не му се отпушта од раката. Суверено владее со хронолошки линеарно и реминисцентно раскажување, со основен текст и метатекст фино, фино усукани меѓу себе, напати ко еден конец, напати ко два.

Почетокот на „Пропаст“ е средина на сижето; почетокот е суштината како во многу добри романи. Зарев ја почнува својата фреска со смрта на мајката на Мартин Сестримски раскажана во еден раскошен манир на искусен прозен занаетчија. Дури по навлегување во романот, особено по негово завршување, читателот сфаќа дека погребот на почетокот не е наративен трик, туку код, шифра за романот – вистинска разделба на времињата симболично предадена преку разделба на дете и родител. Оти токму тој однос е она што прво настрадува при насилна промена на времињата. Погребот на мајката на Мартин на почетокот е необична навест и за едно друго умирање. Емотивното умирање на врската со неговата сопруга Вероника чиешто тело, како што вели самиот, „го познавав како патот до дома“. Врските на Бојан пак, и со сопругата Марија и со љубовницата Магдалена (се разбира дека имињата не се случајно избрани) се различни, ама и тие умираат, а сите смртти се исти... Има еден слој во романот во емотивните машко-женски односи кој го одлачува телесниот контакт од другата, сеопфатна блискост и при тоа одлачување, осамостојување на несамостојните нешта – умираат и едното и другото. Зашто телесниот контакт не може да живее долго без и другата, сеопфатна блискост; како што ни другата сеопфатна блискост не може да живее долго без телесен контакт. Еве, да ги наречеме телесниот контакт и другата, сеопфатна блискост – секс и сакање. Низ целиот роман нарацијата (и љубовната) е потпомогната вестиментарно, со облеки кои го даваат финалниот „изглед“ на приказната, но и карактерот на ликовите...

Вестиментарност: облекувањето на зборовите или зборувањето на облеката

1978, во своите рани триесетти, Владимир Зарев го напишал романот „Битието“ и неговиот татко, познатиот бугарски критичар и академик, претседател на Друштвото на бугарските писатели - Пантелеј Зарев, кој ги премолчил неговите претходни поетски книги, го прочитал ракописот и му рекол: „Облечи си бела кошула“. Ова прекрасна, дури и некако трогателна вестиментарна реакција ми е повеќекратно симболична за многу нешта поврзани со пишувањето и со читањето како свечени чинови. Вестиментарност е прецизен збор. Доаѓа од латинскиот збор за облека, но во теоријата на книжевноста се однесува на интерпретација; код, шифра, лозинка на текстот за „влез“ во него преку облека. Или излез. Влез или излез на ликот или на авторот ВО и ОД текстот со припомош на облеката. Вестиментарен рецензент е лице кое се дотерува за читање текст/книга што му се допаѓа; што заслужува таков чин. Вестиментарни елементи се кога ликот во одредена ситуација облекува точно определено парче облека. Вестиментарен е описот на фустанот на Наташа Ростова од „Војна и мир“ пред првиот бал, зашто кореспондира со нејзиниот лик генерално, го допрецизира, додефинира. Вестиментарни детали се чудесни парчиња текстил расфрлани низ нарацијата кои таа може да ги скрои во каков сака стил. Мартин од „Пропаст“ се облекува во бела кошула кога се подготвува да пишува. Оваа вестиментарност е фукционална карактеристика на неговиот лик. Она што го сметам како исклучително важно и интересно, конкретно во романот „Пропаст“, е вестиментарноста како рецензентски коментар, наспроти вестиментарноста во самиот текст како карактеризација на ликот. Можеби оваа анегдота што сум ја прочитала низ интервјуата на Владимир Зарев во бугарските медиуми нема никаква врска со подготовката за пишување на Мартин, но... сепак сакам да верувам дека вестиментарноста при градбата на ликот на Мартин е само одек на вестиментарната рецензија на таткото на авторот, метафорично – на неговата книжевната критика потпомогната со облека. Ова го спомнувам само за да нагласам дека книжевноста сѐ може да поврзе со сѐ, дури и да облекува, да соблекува и да преоблекува.

Мирис на чивас-регал во Созопол

Големите случувања, големите промени (историски, емотивни...) ги кршат луѓето; книжевноста од нивните остатоци создава книжевни ликови. Како што скршените парчиња биографија се здружуваат и создаваат цела фикција, така и скршените парчиња фикција се здружуваат и создаваат биографија, поцела и повистинита отколку што била. Писателот Мартин и крајно сомнителниот бизнисмен Бојан делат исто минато, некогаш биле на истата линија на некаков старт. Трката – промената – транзицијата почнала и тие со сета сила се залетани кон иднината што ниту им е позната ниту ја имаат поставено својата цел во неа. Писателот пропаѓа материјално; бизнисменот се воздигнува материјално. Двајцата се осакуваат себеси навидум на различни начини. Пропаѓа семејството на едниот – и заради сиромаштијата; пропаѓа семејството на другиот – и заради богатството. Паричката на транзицијата вреди точно толку колку што пишува и на нејзиното лице и на нејзината опачина, и на осиромашувањето и на збогатувањето, и на успехот и на пропаста, и на снајденоста и на неснајденоста.

Сакам кога големите книжевни писма од еден јазик ќе преминат во друг. Кога зборовите ќе се пресликаат во свои семантички еквиваленти во снегот или во песокта на друга лексика, на друг зборовен корпус. Сакам и кога ќе вдомиме книжевност од туѓ јазик, а сепак најмногу сакам кога по прочитот ќе остане некој ненаш збор во нашиот јазик како трага, како спомен, како врска и врвца, како отпечаток на нечие цело книжевно писмо. Македонскиот збор „пропаст“ отсега ќе ни биде многу повеќе од неговиот бугарски еквивалент „разруха“, зашто секогаш ќе нѐ потсетува на книжевното писмо на Владимир Зарев вдомено и вшиено во нашиот јазик со ситната, цврста и неуништлива игла на раскажувачкиот занает.

Како и во бугарскиот јазик, така и во македонскиот, романот „Разруха“ на Владимир Зарев мириса на чивас-регал (вискито-спонзор на популарната култура, го има и во филмот „Истерувач на ѓаволи“ на Вилијам Фридкин од 1973); идеално место за читање му е Созопол, а идеална облека за неговите зборови – бела кошула. Како и во бугарскиот, така и во македонскиот, романот „Пропаст“ е книжевен документ за светот каков што не требаше да биде, светот кој проголта многумина, за да го исплука новиот балкански човек по незнајно чија мерка.

 Слики: Brendan Monroe

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото