улов

03.03.2020 12:20

рибарското бротче пристигна на самрак: од брегот
туристи, купувачи, семејствата на рибарите, го гледаат
истоварот на шкампи. момчиња од дванаесетина
години главечки скокаат в море; некоја
постара жена пристигнува со рибарски стап
и кантичка полна прибор и мамки.
на малото друштво му пристапува ситен
старец со зелени очи и црвено лице, со згрутчен,
сосема цирозен нос. оди од еден
на друг, големите раце им ги спушта на вратот
и грбот, малку ги масира и не престанува да зборува,
а од никого не очекува одговор. рибарите
ги истовараат шкампите. живи се, уште
се мачат. старецот ѝ приоѓа на една млада девојка со долга
руса коса: никогаш претходно не ја сретнал. ѝ вели:
ти ми се допаѓаш, тебе ќе те масирам две
минути, не повеќе. и со брадавичавите, искусни
раце, кои најчесто се фаќаа за шишиња
и чаши, го масира осумнаесетгодишниот врат,
лопатките, ги допира точките и прашува: што ти е
ова? а ова? шкампите дишат во гајбите,
селектирани по големина. крупни, средни,
ситни. под црвените крлушки се белее
нивното месо. ги гледаат човечките очи:
веќе ги гледаат сварени или на жар. со палците
старецот ја притиска точката на левото рамо,
левата подлактица, помеѓу палецот и показалецот
на левата рака, непрестано мрморејќи: јазол
јазол јазол. потоа ги втиснува палците во точката
на десното рамо, десната подлактица,
помеѓу палецот и показалецот на десната рака. ја ниша
главата. русокосата ги гледа живите, селектирани
шкампи. со усните обликува едвај чујни звуци.
старецот со црвено лице ѝ вели: запамти го ова,
понекогаш и самата прави го, себеси ќе си помогнеш.
потоа се оддалечи од брегот; никој не го забележа.

Превод: Славе Ѓорѓо Димоски

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото