рани

02.03.2020 10:45

до мене во трамвајот застана маж
во јакна. другиот со раката необично
го држеше за вратот, внимателно, без блискост.
неговото лице е мирно до вкочанетост,
додека од челото му капат крупни капки пот и се лизгаат –
како да капат од некои дамнешни очи, не
оние вперени во празнината вон трамвајот –
до брадата, и подалеку, преку вратата, сѐ до градите.
толку е блиску што забележувам сè: ситни
исеченици, сосема свежи, меѓу капките
и влакненцата, а дури потоа, под левата
страна на јаката, и длабок засек, широк
колку што треба да го замислам: се протега од едната
до другата страна на вратот, а оној што со раката
цврсто му ја стега јаката на отворената рана,
всушност, му ја придржува главата. јас од тоа во истиот
миг би се вџашила, но личноста што го гледа тоа
во трамвајот не: ги барам очите на ранетиот, да ја
откријам причината, приказната, болката. тој и натаму
бдее во празно. човекот до него ме гледа
и гледа дека гледам, дека поставувам прашања. полека
ги затвора очите, полека, сака да биде јасен.
кога ќе ги отвори, помислувам: најдобро е
да се тргнам, да се оддалечам, да се загледам во сосема
друг правец. двајцата совршено јасно знаеме:
некои видени слики се неповратни, се врежуваат.

Превод: Славе Ѓорѓо Димоски

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото