1023 hPa
100 %
7 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 22:59
Фино ова што се откажа Министерката за финансии од платата, со тоа ќе обезбеди дополнителни 20.000 евра за државниот буџет. Но, доколку сака да ги зголеми буџетските приходи, има на располагање и малце поефективни алатки.
Прво, "одмрзнување" на прогресивниот данок, со можност за воведување и на трета стапка (на пример, 25% за доход над 2.500 евра месечно). Со тоа, ќе се обезбедат дополнителни 30 милиони евра.
Второ, воведување на прогресивен данок и на добивката на фирмите. На пример, стапка од 18% за добивката над 1 милион евра. Со тоа ќе се обезбедат уште 30 милиони евра.
Трето, укинување на ограничувањето на износот на придонесите за социјално осигурување за оние со плати над 10.000 евра. Со тоа, ќе се оданочат 250-те најплатени директори и ќе се обезбедат дополнителни 10 милиони евра за буџетот.
Четврто, оданочување на средствата кои банките ги пласираат кај Народна банка (т.е. не ги пласираат во економијата), со стапка од 2% годишно, на пример. Со тоа ќе се обезбедат уште 10 милиони евра.
Дополнителните средства да се наменат за солидарен фонд за справување со кризата, и да се користат, на пример, за награди за здравствените работници, масовно тестирање на населението за коронавирусот, подобрување на условите во болниците и центрите за сместување, поддршка на погодените граѓани и фирми и сл.
Вакво нешто не е нетипично за време на кризи, туку, напротив, е вообичаено. Во Америка, во 1917, за време на Првата светска војна, највисоката даночна стапка е зголемена од 15% на 67% (потоа пак е намалена). Во 1932, за време на големата економска криза, е зголемена од 25% на 63%. Во 1942, за време на Втората светска војна е зголемена на 88%, а потоа и на 94%. Слично е и во другите развиени држави. Ако можеле тие, можеме и ние.
Слики: Pawel KUCZYNSKI