ФООМ донира 100.000 долари за најзагрозените ромски семејства

02.04.2020 11:34
ФООМ донира 100.000 долари за најзагрозените ромски семејства

Во услови на исклучително неизвесна и ризична состојба во која се наоѓа нашето општество и јавното здравје во моментов, потребата за заштита на најранливите граѓани е огромна. Највисок приоритет на Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ) е заштитата и подобрувањето на животот на сите, особено на маргинализираните граѓани. Во таа насока ФООМ обезбеди донација од 100.000 долари за итна хуманитарна интервенција за загрозените ромски семејства кои се социјално и економски најдиректно засегнати од здравствената криза.

Од исклучителна важност во овие моменти е да се обезбеди соодветната поддршка за најранливите групи на граѓани и тоа преку зголемување на можноста за одржување на редовна хигиена и дезинфекција, но и преку поддршка во храна во периодот на изолација. За таа цел, ФООМ во соработка со Црвениот крст на Република Северна Македонија обезбеди хуманитарни пакети со храна и средства за хигиена кои се доволни во период од еден месец да служат за потребите на едно семејство со 4 до 6 членови. Со активноста ќе се опфатат околу 10.000 граѓани од ромската заедница, односно околу 2.000 семејства кои живеат во скопско Шуто Оризари, Тетово, Гостивар, Битола, Прилеп, Куманово, Делчево, Виница Пехчево и село Црник. Дистрибуцијата на хуманитарните пакети ќе започне утре (петок, 3.4.2020) и ќе заврши најдоцна на 10 април 2020 година.

За непречено одвивање на активноста, Црвениот крст на Република Северна Македонија на терен ќе соработува со шест граѓански организации кои се активни и препознаени во ромските заедници. Романо Чачипе, ИРИЗ – Скопје, Сонце – Тетово, Станица П.Е.Т. – Прилеп, НРЦ – Куманово, НВО КХАМ – Делчево, ХОПС - Скопје и Центарот за деца на улица – Шуто Оризари помогнаа да се идентификуваат потребите на најпогодените ромски семејства и ќе ја помогнат дистрибуцијата на хуманитарните пакети. Им изразуваме благодарност за нивниот несебичен ангажман во овие кризни моменти.

„Ние во Фондацијата Отворено општество – Македонија сме посветени на градењето толерантно и инклузивно општество, отворено за учество на сите граѓани подеднакво. Поддршката и учеството на ромската заедница во подобрувањето на условите за пристап до образование, здравствени и правни услуги, но и за промена на перцепциите, ставовите и однесувањата кон Ромите останува наш фокус и понатаму“, велат од ФООМ.

 

ОкоБоли главаВицФото