Пандемиското затворање на Индија се претвора во хуманитарна трагедија

02.04.2020 16:30
Пандемиското затворање на Индија се претвора во хуманитарна трагедија

 

 Низ цела Индија, милиони мигрантски работници бегаат од растурените градови дома во своите села. Овие неформални работници се ‘рбетот на економијата во големите градови – градат куќи, готват храна, служат во ресторани, доставуваат, прават автомобили, прават поправки во домови. Нивниот број е проценет на околу 100 милиони. За да се оттргнат од сиромаштијата во своите села, повеќето од нив живеат во трошни куќи во густи урбани гетоа и се стремат да се искачат на социјалната скала.

Затворањето поради корона вирусот минатата недела преку ноќ ги претвори во бегалци. Нивните работни места беа затворени и повеќето работодавачи и изведувачи кои ги плаќале исчезнале. Жени, мажи и деца се распрснаа и ги започнаа своите патувања. Го носат со себе во ќеси својот оскуден имот – обично храна, вода и облека. Кога децата ќе се изморат од пешачење, родителите ги носат на рамена.

Пешачат дење и ноќе. Повеќето рекоа дека им снемало пари и дека се плашат дека ќе изгладат. „Индија пешачи кон дома“, гласеше насловот на весникот The Indian Express. Вџашувачкиот егзодус потсетува на бегалците за време на крвавата поделба на Индија во 1947. Тогаш милиони бегалци мораа да се движат кон источен и западен Пакистан, бран во кој мигрираа 15 милиони луѓе.

Овојпат, стотици илјади мигрантски работници очајно се обидуваат да се вратат дома во своите земји. Борејќи се со глад и умор, тие се обединети во колективна волја некако да се вратат онаму каде припаѓаат. Велат дека домовите во селото им обезбедуваат храна и удобност за семејствата. Очигледно затворањето со цел да се спречи пандемијата се претвора во хуманитарна криза.

Помеѓу бегалците беше и една 90-годишна старица, чие семејство продавачо ефтини играчки во предградие на Делхи. Каџоди пешачеше со своето семејство кон родниот Раџастан оддалечен околу 100 километри. Тие јадеа бисквити и пушеа традиционални рачно завиткани цигари за да го стишат гладот. Понижувачкото бегање од градот не ѝ ја одзело гордоста: „Таа рече дека би купила билет за дома, кога би имало превоз.“

Раџниш, 26-годишен автомобилски работник кој пешачи 250 километри до родното село, мисли дека ќе му требаат 4 дена. „Ќе умреме од пешачење пред да нé стигне корона вирусот.“ Не преувеличува. Минатата недела, 39-годишен маж на патување од 300 километри од Делхи до Мадија Прадеш се жалел на болка во градите и исцрпеност и починал. Четворица мигранти на пат кон Гуџарат, вратени од границата, биле удрени од камион на мрачен автопат.

Како што кризата се влошуваше, државните власти се мачеа да организираат транспорт, засолништа и храна. Но, обидите да ги транспортираат во селата брзо се претвори во друг кошмар. Стотици илјади работници беа притиснати еден до друг на автобуска станица во Делхи чекајќи да ги соберат автобусите.

Градоначалниот на Делхи, Арвинд Кеџривал, ги молеше работниците да не го напуштаат градот. Побара од нив да останат онаму каде што се, бидејќи во големи групи се под ризик да се заразат со корона вирусот. Порача дека владата ќе им ги плати кириите, и го објави отворањето на 568 центри за дистрибуција на храна во главниот град. Премиерот Наренда Моди се извини за затворањето „кое предизвика толку потешкотии во вашите животи, особено кај сиромашните“, додавајќи дека „овие тешки мерки се неопходни за да се победи оваа битка.“

Неспособноста да го предвидат овој егзодус е неуспех на Моди и останатите надлежни. Моди беше особено респонсивен на барањата на индиските мигрантски работници заглавени во странство: стотици од нив беа вратени дома во специјални летови. Но барањата на домашните работници им беа шок.

„Желбата да се оди дома во време на криза е природно. Ако индиските студенти, туристи, патниците во странство, сакаат да се вратат, истото важи и за работниците во големите градови. Сакаат да одат дома во своите села. Не може да праќаме авиони за да вратиме дома една група граѓани, оставајќи ги другите да пешачат до дома“, твитна Шекхар Гупта, основач и уредник на The Print.



Чинмај Тумбе, автор на „Индија се движи: Историја на миграции“, вели дека градот нуди економска сигурност на сиромашните мигранти, но нивната социјална сигурност лежи во нивните села, каде имаат обезбедена храна и сместување: „Со прекинот на работата и исчезнувањето на работните места, тие сега бараат социјална сигурност дома“. Исто така, постојат преседани за бегството на мигрантските работници за време на криза – на пример, при поплавите во Мумбаи од 2005. Половина од градското население, главно мигранти, исто така ги напуштиле градовите при налетот на шпанскиот во 1918 – тогаш се работеше за Бомбај.

Кога во 1994 изби чума во западна Индија дојде до „речиси библиски егзодус на стотици илјади луѓе од индустрискиот град Сурат“, пишува историчарот Френк Сноуден во неговата книга „Епидемиите и општеството“. Половина од населението во Бомбај го напуштило градот за време на претходна епидемија на чума во 1896. Драконските мерки против чумата наметнати од британските власти излегле „тап чекан наместо хируршки прецизни инструменти“. Тие помогнале Бомбај да ја преживее епидемијата, но „жителите кои побегнаа ја понесоа болеста со себе, ширејќи ја“.

На крајот, Индија е соочена со застрашувачки и предвидливи проблеми во процесот на наметнување на затворањето и истовремено во грижата за сиромашните и бездомните. Многу од тоа ќе зависи од тоа дали економските и животните услови во рамки на стратегијата за затворање се внимателно управувани и дали е добиена согласноста од народот. „Ако не е така, постои потенцијал за сериозни тешкотии, општествени тензии и отпор.“ Индија веќе објави пакет за помош од 22 билиони долари за оние кои се погодени од затворањето. Следните неколку дена ќе одредат дали ќе може успешно да се организира транспортот на работниците до дома или ќе ги задржат работниците во градовите обезбедувајќи ги со храна и пари.

Извор: www.bbc.com