Пандемијата ја продлабочи глобалната глад

17.09.2021 01:47
Пандемијата ја продлабочи глобалната глад

И додека умираа илјадници луѓе, и додека милиони остануваа без работа кога пандемијата со коронавирусот ја дотепуваше Јужна Африка минатата година, Тембакази Стиши, самохрана мајка, успеваше да го прехрани своето семејство благодарение на својот татко, механичар во фабриката Мерцедес-Бенз.

Кога во јануари дојде вториот бран на коронавирусот, нејзиниот татко се заразил и починал после неколку дена. Барала работа, дури и одела од врата до врата нудејќи услуги за чистење куќи за само десет долари - не помогнало. Првпат во животот таа и нејзините деца оделе на спиење гладни.

„Се обидувам да ја објаснам ситуацијата, дека сега е поинаку, дека никој не работи, но не ме разбираат“, вели Тембакази Стиши (30), додека тригодишната ќеркичка ја тегне за маицата. „Тоа е најтешкиот дел, да им се објасни на децата.“

Економската катастрофа која ја донесе пандемијата и која длабоко навлезе и во втората година, погоди милиони луѓе како што е семејството Стиши. Тие ретко успевале да заштедат нешто. Сега ги има сè повеќе, во Јужна Африка и на други места, кои се турнати од работ.

Проценката е дека 270 милиони луѓе оваа година ќе се соочат со недостаток на храна која би можела да им ги загрози животите - пред пандемијата, годишно беа околу 150 милиони - покажуваат анализите на Светската програма за храна, на агенцијата на Обединетите нации за борба против гладта. Бројот на луѓе кои се на раб на гладување, најтешката фаза од кризата, скокна на 41 милион, односно седум милиони повеќе во однос на минатата година.

Тембакази Стиши

Светската програма за храна неодамна го вклучи алармот, преку заеднички извештај со Организацијата за храна и земјоделство на ОН. Предупредија дека „конфликтите, економските реперкусии од ковид-19 и климатските промени ќе доведат до акутни недостатоци на храна на 23 жаришта во следните четири месеци“. Повеќето од овие локации се наоѓаат во Африка, но ги има и во Централна Америка, Авганистан и Северна Кореја.

Глобалнaтa глад се зголемуваше со години, бидејќи сиромашните земји беа во постојани кризи, без разлика дали се работи за вооружени групи или екстремна сиромаштија. Во исто време, сушите и поплавите поврзани со климатските промени се интензивираа и ја уништија секоја можност погодените земји да се опорават пред следната несреќа.

Но, последниве две години економските шокови кои ги донесе пандемијата само ја забрзаа кризата, укажуваат хуманитарните организации. И во посиромашните и во побогатите земји можат да се видат редици луѓе пред народните кујни. Повеќето останати без работа.

Во момент кога африканскиот континент е погоден од нов бран со коронавирусот, исчезна речиси секоја мрежа за поддршка - како финансиската помош од роднините, пријателите и соседите - која ги одржува сиромашните семејства во недостаток од институционална поддршка. Сега гладта е она што ги одвојува побогатите земји кои се враќаат во нормала и сиромашните нации кои тонат во сè подлабока криза.

„Никогаш не било волку тешко, глобално гледано“, вели Амер Дауди, виш директор за операции во Светската програма за храна. „Вообичаено постојат две, три, четири кризи - како што се конфликтите или гладта - во ист момент. Но сега ги има многу повеќе, и се многу позначајни, и се случуваат симултано ширум планетата“.

Невладини организации обезбедуваат помош во храна

Јужна Африка беше позната на континентот како земја во која главно нема глад. Сега гладта е сеприсутна.

Последнава година, трите девастирачки бранови на коронавирусот однесоа десетици илјади глави на семејства - па фамилиите веќе немаат од што да купат храна. Затворањето на училиштата, во траење од по неколку месеци, значеше и дека децата - во земјата има околу девет милиони ученици и студенти - повеќе не добиваат бесплатни оброци. Строгиот локдаун минатата година го оневозможи традиционалното продавање храна, што значеше дека најсиромашните граѓани мораат да патуваат далеку за да се снабдат во скапите и сè поскапи супермаркети.

Проценката е дека три милиони јужноафриканци останале без работните места. Стапката на невработеност сега е 32,6 проценти, што е рекорд откако владата објавува податоци за секој квартал, од 2008 година. Во руралните делови од земјата, сушите кои траеја цела година ја уништија стоката и ги обезглавија земјоделците.

Владата на Јужна Африка обезбеди помош, 24 долари месечно за секој загрозен. Тука се и другите социјални давачки. Па сепак, речиси 40 проценти од граѓаните на оваа земја се соочија со глад до крајот на 2019 година, покажува студијата на еден професор.

Во Данкан Вилиџ, во провинцијата Источен Кејп, бројни семејства останаа без работа.

„Не само што имавме доволно - имавме многу“, вели Анелиза Лангени (32), додека седи во двособниот стан во кој живеела со таткото и сестрата близначка.

Жители на источен Кејп чекаат во ред за храна

Речиси четириесет години, нејзиниот татко работел на машина во Мерцедес-Бенз. Заштедил доволно за на својот плац да изгради две монтажни куќи за кои плаќале кирија.

Пандемијата ги разниша овие планови. Само неколку недели по почетокот на пандемијата, сите останале без работа и веќе не можеле да плаќаат рента. Анелиза и нејзината сестра се надевале на пензијата на нивниот татко, која изнесува околу 120 долари.

Тогаш, во јули, починал, веројатно од ковид-19, на пат до болница.

Без шанси да најде работа, Анелиза побарала помош од двете постари соседки. Едната ѝ давала малку храна и зелка што ги купувала од пензијата на својот сопруг. Другата одвојувала од оброкот што ѝ го носела ќерка ѝ.

Но, кога почна новиот бран, во ноември, сопругот на првата соседка починал - и пензијата престанала да доаѓа. Ќерката на втората соседка исто така починала, еден месец подоцна.

Во регионот Кару, пандемијата е влошена од сушата која трае осум години.

Во 2011 година, речиси две децении по завршувањето на апартхејдот, Золи Ханабе ја употребил сета своја заштеда - работел како директор во едно училиште - и изнајмил фарма од 970 хектари. Чувал стока која пасела питома трева и пиела вода од блиската рекичка.

Но, до 2019 година реката пресушила, умреле 11 грла од стоката, а трева веќе немало. Пандемијата само ги влошила неговите проблеми.

Анелиза Лангени (десно) и нејзината сестра Анела

Превод: Алек Кузмановски

Извор: New York Times/International Report