Крах на хуманитарниот систем

29.01.2024 02:17
Крах на хуманитарниот систем

Редот за вода во кампот Метче на границата помеѓу Судан и Чад, каде се наоѓаат 40 000 бегалци, се прави уште в зори и трае до заоѓањето на сонцето. Хуманитарните агенции кои им помагаат на луѓето кои побегнале од борбата во Судан, немаат доволно пари за копање бунари и недостатокот на вода е хроничен.

Сè уште не се изградени ни тоалети, па пустината околу кампот служи како тоалет на отворено. Нема ни ќебиња ни мрежи против комарци, иако ноќите се студени а во регионот пустоши маларија. Слични недостатоци ги погодуваат сите набрзина направени кампови за 500 000 бегалци кои преминале во Чад од избивањето на суданската војна во април.

„Никогаш не сум видел операција со толкав обем која е толку слабо финансирана“, вели Пјер Онорат, директор на локалниот огранок на Светската програма за храна (WFP) на Обединетите нации, кој во ноември предупреди дека недостасуваат пари за исхрана на 1,4 милиони луѓе во Чад кои се погодени од кризата.

Проблемот не е ограничен само на централна Африка. Хуманитарните агенции ширум светот се борат со недостаток на пари во време кога се зголемуваат хуманитарните потреби. ОН во 2023 година побараа рекордни 51,5 милијарди долари за 339 милиони луѓе на кои им е потребна помош, што е најмногу досега. Досега добија само 38,6 проценти од тој износ.

Ова е најдлабокиот јаз во финансирањето кој го доживеал хуманитарниот систем: помеѓу 2016 и 2022 година апелите на ОН во просек се финансирани со 58 проценти. Во тој период, средствата доделени на ОН за хуманитарна работа постојано се зголемуваа, но минатата година вкупниот износ опадна за првпат - од 30 милијарди долари во 2022 година на само малку повеќе од 21 милијарда долари во 2023 година.

„Потребите едноставно растат побрзо отколку што доаѓаат парите“, вели Јенс Лерке, портпарол на Канцеларијата на ОН за хуманитарна координација. Цената која ја трпат луѓето заради недостатокот на финансии е опишана во неодамнешниот извештај на ОН. Од мај до ноември, бројот на луѓе кои добиваат храна во Авганистан е сведен од 13 милиони на 3 милиони, додека во Демократската Република Конго 600 000 неисхранети деца не добиваат соодветен третман.

Минатата година неизвесноста на финансиите ја доведе Сомалија на раб на глад. Иако хуманитарните агенции бараа помош подолго од една година, дури во последен момент добија средства за да ја спречат катастрофата. Дотогаш повеќе од 43 000 луѓе веќе умреа од глад. Во меѓувреме Светската програма за храна ја намали помошта за милиони луѓе погодени од кризата во Јемен, Јужен Судан, Сирија, Конго, Хаити и други места.

„Секаде каде што сме присутни соочени сме со сè потешки одлуки за програмите кои ги прекинуваме или не ги ни започнуваме, за луѓето на кои можеме да им помогнеме или не“, вели Киран Донели, заменик на одделението за реагирање на кризи и опоравување во Меѓународниот комитет за спас, агенција која им помага на бегалците.

Вооружениот конфликт е најголемиот двигател на експлозијата на хуманитарните потреби. Не само што дојде до бранови нови конфликти, како оние во Етиопија, Украина, Судан и Газа, туку војните траат подолго. Тоа предизвикува подлабоки економски пореметувања, ѝ нанесува поголема штета на инфраструктурата и бара подолги и поскапи акции за помош.

Покрај војните, тука се последиците од климатските промени. Последниве години имаше тешки суши на Африканскиот рог и во Сахел, додека поплави ги погодија Пакистан, Јужен Судан и Либија. Освен што предизвикуваат нови вонредни ситуации, екстремните временски прилики ги продлабочуваат и постоечките: седумдесет проценти од војните се одвиваат во земји кои се тешко погодени од климатската криза.

Многу економии исто така сè уште трпат дополнителни потреси од пандемијата со ковидот. Сиромашните земји како што се Замбија, Лаос и Шри Ланка дополнително се задолжија за да се изборат со пандемијата и сега со тешка мака ги финансираат здравството, образованието и социјалната помош. Потоа, тука е и скокот на глобалните цени на горивата и храната предизвикан од војната во Украина, што дополнително ги погоди буџетите на владите. „Кога ќе се собере сето тоа, ситуацијата едноставно експлодира“, вели Бил О'Киф од Католичката служба за помош, организација која дистрибуира житарки кои ги донираат САД. „Не можеме да ги следиме сите овие кризи“.

Глобалните хуманитарни потреси само ќе растат. На системот за хуманитарна помош во 1999 година му беа потребни околу 1,7 милијарди долари. Се проценува дека до 2027 година ќе бидат потребни повеќе од 100 милијарди долари. Стручњаците се прашуваат дали хуманитарниот систем е срушен не само финансиски, туку и суштински.

„Сосема е неодржливо“, вели еден висок хуманитарен службеник на ОН. „Не можеме да добиеме доволно пари за она што го правиме во моментов. Како ќе работиме за неколку години кога климатските промени навистина ќе почнат да разоруваат?“

Заедницата која пружа помош е поделена околу вистинскиот пристап на новата природа на хуманитарните кризи. Некои сметаат дека секторот треба „да се врати на основите“ и да се фокусира на она во што е добар: краткорочна поддршка за спасување животи во итни слуачи. Други велат дека заради сè поголемото влијание на климатската криза, хуманитарниот сектор треба повеќе да работи на долготрајна „отпорност“ за да им помогне на луѓето да се соочат со екстремните временски услови.

Сепак, сите се сложуваат дека системот треба да се менува. Панелот организиран во Обединетите нации во јануари 2016 година заклучи дека на секторот за помош му недостасува транспарентност, дека е финансиски неефикасен и лош во мерењето на влијанието на сопствената работа. Исто така како клучно прашање се идентификуваше недостатокот на координација на хуманитарните и развојните агенции. „Речиси сите со кои разговаравме велат дека поголемата количина пари нема да ги реши сите проблеми, а можеби дури и ќе зацврсти некои од моменталните дисфункции“, се наведува во извештајот.

Меѓутоа, малку е направено за да се поправи тоа. Во мај 2016 година, на историската конференција на ОН со 9 000 делегати беше донесено ветување дека до 2020 година ќе се зголеми уделот на помошта која им се дава на локалните хуманитарни организации од 0,4 проценти на 25 проценти. Денес само 3,3 проценти одат кај невладините организации, иако тие се поевтини, повешти и поефикасни од меѓународните агенции.

И покрај соочувањето со повеќедимензионални продолжени кризи, сè уште имаме агенции за помош кои се осмислени да пружат краткорочна поддршка за време на суши, поплави и војни, вели Едуард Родиер, од Норвешкиот совет за бегалци. Овие групи преземаат сè поголем дел од работата која вообичаено ја извршуваат владите, како што е водењето болници, исплатата на социјална помош и поправки на водоводните системи.

Доаѓаме да спасуваме животи и во момент кога би очекувале да си заминеме, не можеме, зашто никој друг не работи и не можеме да ги напуштиме луѓето“, вели Родиер. „Значи, понекогаш остануваме и со децении, работејќи нешта кои се далеку од нашиот делокруг. Тоа е затоа што не функционираат другите аспекти на системот.“

Слично нешто наведува и Сорча О'Калахан од Институтот за странски развој, која вели дека хуманитарните агенции се жртви на „непланирани мисии“. Како пример наведува дека Светската програма за храна обезбедува помош за 800 000 граѓани од Либан заради колапсот на банките и валутата. „Тоа никако не може да се нарече хуманитарна криза. Тоа е политичка криза чија последица е гладта. Зошто хуманитарците мораат да ја работат туѓата работа за да пружат услуги?“.

На местата како што е Либан, вели О'Калахан, земјите донатори и мултилатералните институции како што е Светската банка би морале да направат повеќе за развојот кој ги јакне националните системи и се занимава со основните причини, така што хуманитарните агенции нема да бидат принудени да ги лекуваат симптомите. Таа исто така заговара интеграција на локалните актери во глобалниот систем за помош, како и зголемуање на помошта во пари, што е поевтино и вообичаено поефикасно од делењето храна. „Во тоа е иднината“, истакнува О'Калахан. „А не со големите и скапи меѓународни агенции кои работат од денес до утре додека не пресушат фондовите.“

Марк Ловкок, кој беше хуманитарец во ОН од 2017 до 2021 година, вели дека е потребна комплетна ревизија на формулата за финансирање на секторот. Во моментов секторот се потпира на мал број западни земји кои донираат доброволно: САД, Германија и ЕУ во 2022 година обезбедија 64 проценти од хуманитарната помош. Наместо тоа, Ловкок препорачува задолжителен систем за придонес за сите држави членки на ЕУ, сличен на моделот кој се користи за финансирање на мировните операции: „Без одржливо финансирање овој кризен циклус ќе продолжи“.

Сепак, постои чувство дека потребните промени во системот на хуманитарна помош ќе бидат со ограничен дофат. Ако се намалат потребите мора да дојде до радикално преиспитување на архитектурата на глобалното управување и финансиите, вели Пол Шпигел, директор на Центарот за хуманитарно здравство на Универзитетот Џон Хопкинс: „Хуманитарниот систем е само привремено решение. Најпосле, овие проблеми се од политичка природа.“

Антонио Гутереш, генералниот секретар на ОН, повика на ревизија на „морално банкротираниот глобален финансиски систем“ кој ги канализира парите во богатите земји а на сиромашните им го отежнува пристапот до кредити. Тој исто така им се придружи на сè погласните барања за реформи на Советот за бедбедност на ОН, на чие чело се петте постојани членки: САД, Обединетото кралство, Франција, Русија и Кина. Ова тело е основано по Втората светска војна за да ги зачува светскиот мир и безбедноста, но последниве години е парализирано заради несогласувањата, додека постојаните членки го користат ветото за да ги заштитат своите сојузници.

„Светот се промени, но не и нашите институции“, рече Гутереш на Генералното собрание на ОН минатиот септември. „Не можеме ефикасно да се занимаваме со проблемите ако институциите не го одржуваат светот каков што е. Наместо да решаваат проблеми ризикуваат да станат дел од проблемот“.

Има знаци дека нештата се поместуваат од мртва точка. Сомалија неодамна обезбеди отпис на долг од 4,5 милијарди долари во рамки на планот на ММФ за сиромашните земји, со што уделот на долгот во БДП го намали од 65 на 6 проценти. Ова ќе ги ослободи средствата кои одеа за исплата на долгот за инвестиции во здравството, образованието и социјалното осигурување, најавија сомалиските претставници.

Сепак, реформата на Советот за безбедност сè уште се извлекува. „Светот е премногу поделен за да донесе тешки одлуки“, вели Шпигел. „Не сум сигурен кога ќе постои отвореност за промени“.

Превод: Алек Кузмановски

Фотографии: Lynsey Addario

Извор: https://www.theguardian.com/