Конференцијата за климатски промени: зелена измама

02.12.2022 02:59
Конференцијата за климатски промени: зелена измама

Неодамна заврши уште една годишна конференција на ОН за климатските промени која се одржуваше во египетското летувалиште во Шарм Ел-Шеик. Медиумите унисоно известија дека е постигнат историски договор за основање фонд за надомест на штетата која ја предизвикаа климатските промени. А климатските промени најмногу ги погодуваат суптропските и тропските делови од светот кои се и најсиромашни. Особено земјите од Источна Африка и Јужна Азија тешко се соочуваат со последиците од сушите и поплавите. Неодамнешните катастрофални поплави во Пакистан можеби се и најочигледен пример за влијанието на глобалното затоплување врз секојдневниот живот на жителите на овие делови од светот. Затоа, не е ни чудно што токму министерката за климатски промени Шери Рехман во пакистанската влада беше најгласна во настојувањата да дојде до формирање на овој посебен наменски фонд кој најмногу би им помагал токму на земјите во развој во Азија и Африка. Меѓутоа, тоа е само првата добиена битка.

Останува отворено прашањето како и колку ќе се полни фондот. Богатите земји од глобалниот север и запад сигурно нема толку лесно да се согласат со финансирање на штетите кои ги предизвикуваат климатските промени надвор од нивните граници. Како што извести бразилската новинарка и социолог, Каролина Хорн, западните земји, особено претставникот на САД за климата, некогашниот државен секретар, Џон Кери, инсистираше фондот да се финансира со приватни средства. На пример Кери не одговори како да се принудат приватните компании во најголемата економија на светот да уплаќаат пари во глобалниот фонд за климатски промени. Но затоа можеме да одговориме ние: со силна државна регулација и поголемо оданочување на корпорациите.

До регулација и посилен државен климатски интервенционизам сигурно нема да дојде зашто политичарите од сиромашните земји од глобалниот југ љубезно бараа од своите западни колеги или не дај боже од Унилевер или Кока Кола, двете транснационални корпорации кои ги финансираа последните две климатски конференции. Заради тие причини, а и заради армијата лобисти од нафтениот и бизнисот со гас кои во голема мера ги надминуваат националните делегации, повеќето климатски активисти конференцијата за климатски промени на ОН не ја сфаќаат сериозно. Во неодамнешното интервју за австралиската Еј Би Си, најпознатата активистка Грета Тунберг, конференцијата ја нарече измама, но истовремено нагласи дека е важно таму да седат делегации од земјите од глобалниот југ кои се најпогодени од последиците на глобалното затоплување и да се слушне нивниот глас и покрај фактот што конференцијата се користи за големите корпорации со успешен Пи Ар да ја намалат или целосно да ја отфрлат сопствената одговорност за загадувањето на планетата.

За жал, западните медиуми и оваа конференција ја искористија за продлабочување и заострување на геополитичките односи, наместо да известуваат за реалните односи на моќта на ваквите мултилатерални собири. Во својот извештај за заклучоците од конференцијата, Фајненшл Тајмс не ја спомена улогата на лобирањето на нафтениот бизнис во финалниот текст на заклучоците од конференцијата кој беше особено благ кон влијанието на фосилните горива врз климата. Но затоа земјите од ОПЕК, Русија и Кина беа обвинети за непостигнување на амбициозниот план и заклучоците. Мошне лицемерно, со оглед на историската улога и одговорноста на најразвиените, Западна Европа и САД, како и нивните нафтени компании, за моменталната еколошка состојба на планетата.

Со други зборови, единствено вредно за споменување од дваесет и седмата конференција за климатски промени е фондот за надомест на штетите во најранливите земји. Сè останато беше business as usual. Конференцијата во која улогата на приватниот капитал и интересите е толку голема, не може да резултира со значајни успеси ниту со поинакви резултати. Истовремено, во мултиполарен свет каде односите помеѓу државите се сè позаострени, конференцијата медиумски се искористи за овие односи дополнително да се оптоварат, со помалку смешно претставување на Западот како своевиден носител на прогресивни идеи за климатските промени, што не може да биде подалеку од вистината.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Melanie Daniel

Извор: https://www.bilten.org/
 

ОкоБоли главаВицФото