Како би изгледала планетата кога би била потопла за четири степени?

03.11.2021 03:33
Како би изгледала планетата кога би била потопла за четири степени?

Во моментов планетата е за околу 1 степен потопла од пред 150 години. Еден степен можеби не звучи страшно, но ова затоплување доведе до тоа да живееме во клима во која почесто се случуваат топлински бранови, суши и разни други температурни екстреми. Затоплувањето од 4 степени, што во моментов одговара на песимистично сценарио за нашата иднина, би значело драматично поинакви услови на Земјата.

„Навистина е добро овие 4 степени само да ги замислуваме и да не живееме во такво време, зашто тоа е аномалија која е еквивалент на аномалијата кога планетата ќе премине од ледена во меѓуледена доба“, објаснува Владимир Ѓурѓевиќ, професор по метеорологија на Факултетот за физика од Белград.

Како што наведува професорот Ѓурѓевиќ, во ледената доба планетата била за околу 4,5 степени постудена отколку кон крајот на 19 век, а сега можеме да доживееме слична промена, само во поинаков правец. И како што во моментов општеството не би можело најдобро да функционира во услови на ледена доба, така не би било ни подготвено да одговори на предизвиците на драматично потопол свет.

„Доколку се случи планетата да се затопли за 4 степени и да отидеме во спротивна насока, треба да размислуваме дали постоечката инфраструктура е несоодветна за такви услови и дека на таква планета нештата драстично се менуваат“, предупредува професорот Ѓурѓевиќ.

Огромен број луѓе би морале да се селат

Една од најголемите последици од таквиот пораст на температурата би било топење на поларните капи и глечерите и зголемување на нивото на морињата. Ѓурѓевиќ наведува дека според конзервативните проценки во случај на затоплување од 4 степени, нивото на морињата до крајот на векот би пораснало за еден метар, но предупредува и дека тоа е еден мошне бавен процес така што во наредните неколку стотици години нивото на морињата би можело да се зголеми за седум или осум метри.

„Само заради зголемувањето на нивото на морињата, десетици или стотици милиони луѓе би сакале да се селат. Се поставува прашањето, каква организација треба да постои и дали како општество сме способни да имаме таква организација која ќе им помогне на луѓето да најдат други места каде ќе можат да живеат“, вели професорот.

„Во моментов не е ни можно еден град од неколку милиони луѓе да го преселите десетина километри од крајбрежјето“.

Покрај зголемувањето на нивото на морињата во делови од светот комбинацијата од висока температура и влажност на воздухот би можела да биде таква што овие локации практично ќе ги направи ненаселиви.

„Првенствено зборуваме за тропските области, а овие области веројатно би биле ненаселиви зашто би биле толку непријатни за живот што луѓето речиси сигурно би се обиделе да заминат на некое друго место“, наведува професорот Ѓурѓевиќ.

Дали има надеж?

Иако сликата која ја опиша професорот Ѓурѓевиќ делува навистина црно, сепак треба да се има предвид дека ова е песимистичко сценарио за идно затоплување. На почетокот на 21 век нашето општество навистина беше на пат да заврши на планета која е драстично потопла од денес, но за среќа нештата се менуваат.

Првенствено благодарение на големиот напредок на полето на обновливите извори на енергија сега повеќето држави имаат планови емисиите на гасови со ефект на стаклена градина да ги сведат практично на нула до средината на овој век. Покрај тоа, голем број компании уште сега користат претежно чиста енергија и планираат уште следните две децении потполно да го декарбонизираат своето работење.

Според проценките на организацијата Climate Action Tracker, ако се исполнат овие најави и ветувања (што е едно големо „ако“), планетата до крајот на веков би се затоплила за 2,1 степен. Тоа сè уште не е добро, но сепак е многу подобро од опишаното песимистичко сценарио.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Alexandra Kehayoglou

Извор: https://klima101.rs/

ОкоБоли главаВицФото