Забрзување

16.05.2019 02:19
Забрзување

Влијанието на луѓето врз природата стана толку драматичо што во следната деценија дури еден милион растителни и животински видови се во опсаност од изумирање. Загрозени се екосистемите од кои непосредно зависи опстанокот на луѓето на оваа планета, гласи заклучокот од новата сеопфатна процена на Обединетите нации.

Извештајот од 1500 страници во чиешто пишување учествувале стотици меѓународни стручњаци, а кој се потпира врз повеќе илјади научни студии, претставува досега најобемен преглед на опаѓањето на биодиверзитетот на планетата и ризиците со кои, заради тоа, се соочува човечката цивилизација. Резимето на резултатите кои ги прифатија Соединетите држави и уште 131 држава, беше презентиран на 5 мај во Париз, а интегралниот извештај ќе биде објавен до крајот на оваа година.

Заклучоците на извештајот се недвосмислени. Во повеќето копнени територии од африканските савани до прашумите во Јужна Америка, просечната разновидност на домашниот растителен и животински свет се намалила за повеќе од 20 отсто, главно во текот на минатиот век. А бидејќи човечката популација ја надмина бројката од 7 милијарди, активностите како земјоделството, преработката на дрво, забранетиот лов и риболов, рударството го менуваат светот „без преседан во човековата историја“.

Истовремено се појавува заканата: глобалното затоплување стана главна причина за изумирање на дивите животни заради стеснувањето на локалните услови од кои зависи опстанокот на многу цицачи, птици, инсекти, риби и растенија, се констатира во извештајот на ОН. Покрај различните облици на штета што луѓето ѝ ја нанесуваат на околината, климатските промени предизвикуваат сè повеќе видови, како што е бенгалскиот тигар, да се најдат во непосредна опасност од изумирање.

Па ако државите во светот не вложат поголеми напори за зачувувањето на природата, до 2050 година се очекува уште поголемо забрзување на губењето на биодиверзитетот, особено во тропските региони.

Новиот извештај на ОН не е прв кој предупредува на сериозна опасност во која се наоѓаат екосистемите на Земјата, но за разлика од претходните детално објаснува колку благосостојбата на луѓето е тесно поврзана со судбината на другите живи видови.

„Долго време луѓето го сфаќале биодиверзитетот како зачувување на природата заради самата неа“, вели Роберт Вотсон, директор на меѓудржавната научно – политичка платформа за биодиверзитетот и услугите на екосистемот, која оваа студија ја изработила на барање на националните влади. „Меѓутоа, ние во извештајот ги појаснуваме врските помеѓу биодиверзитетот и природата со прашањата како што се безбедноста, храната, водата за пиење и во богатите и во сиромашните земји“.

Во претходниот извештај на оваа група било проценето дека секоја година на жителите на Америка, природата им обезбедува околу 24 милијарди долари немонетизирана добивка. Прашумата на Амазон апсорбира огромни количини јаглен диоксид што придонесува за намалување на стапката на глобалното затоплување. Мочуриштата ја прочистуваат водата за пиење. На Карибите, туризмот и рибарството се потпираат на коралните гребени. Егзотичните тропски растенија се база на различни лекови.

Изумирањето и биолошкото осиромашување на природните предели го условува и губењето на користа што луѓето ја имаат од нив.

Денес се произведува повеќе храна од кога и да е порано, но новиот извештај укажува дека деградацијата на земјиштето веќе ѝ нанела штета на продуктивноста на земјоделството на околу 23 отсто на обработливата површина на планетата. Намалувањето на бројот на дивите пчели и другите инсекти кои учествуваат во опрашувањето на овошјето и зеленчукот влијае врз глобалните годишни приноси во вредност од околу 577 милијарди долари. Губењето на мангорвите шуми и корални гребени долж светските брегови би можело да ги изложи на зголемен ризик од поплави и до 300 милиони луѓе.

Авторите на извештајот наведуваат дека разорувањето на природата попримило такви размери што веќе нема да бидат доволни изолираните напори за заштита на поединечни видови или воспоставување на засолништа за диви животни. Заради тоа упатија повик за „трансформативни промени“ што, меѓу другото, би значело дека системски ќе се ограничи расипничката потрошувачка, ќе се намали влијанието на земјоделството врз средината и ќе се прекине илегалната сеча на шумите и риболовот.

„Повеќе не е доволно да се фокусираме само на политиките за зачувување на околината“, вели Сандра М. Дијаз, главната авторка на студијата и екологистка од Националниот универзитет Кордоба во Аргентина. „Заштитата на природната околина мора да биде вградена во трговијата и во инфраструктурните одлуки, онака како што здравјето или човековите права се вградени во секој аспект на општественото и економско одлучување“.

До денес, научниците направиле попис на само помалиот дел од живиот свет, околу 1,3 милиони видови: новиот извештај на ОН изнесува проценка дека на планетата постојат околу 8 милиони растителни и животински видови, меѓу кои најбројни се инсектите. Од 1500 –та година до денес истребени се најмалку 680 видови, вклучувајќи ги и слоновските желки од Галапагос и летечките лисици од Гуам.

Иако независните експерти велат дека е тешко да се направат прецизни прогнози, извештајот на ОН предупредува дека ни се заканува криза на изумирање, со моментална стапка на изумирање на видовите која е од 10 до 100 пати поголема отколку во изминатите 10 милиони години.
„Ако нешто не се преземе, околу милион видови ќе бидат соочени со изумирање веќе во следните децении“.

Ако државите не вложат поголем напор да ги заштитат преостанатите природни живеалишта, би можеле да доживееме исчезнување на 40 отсто од воземните видови, третина на морските цицачи и третина на коралите кои ги формираат гребените. Повеќе од 500 000 копнени видови се наведуваат во извештајот кои немаат природни живеалишта за долгогодишен опстанок.

Изминатите 50 години губењето на глобалниот биодиверзитет примарно било предизвикано од активностите како што се сечењето на шумите за потребите на земјоделството, експанзијата на патиштата и градовите, преработувањето на дрвото, ловот, риболовот, загадувањето на водите и транспортот на инвазивни видови ширум светот.

Во Индонезија, замената на прашумите со плантажи за производство на палмино масло ги опустоши живеалиштата на орангутаните и суматранските тигри. Во Мозамбик, само од 2009 до 2011 година, шверцерите на слонова коска предизвикале помор на речиси 7000 слонови. Во Аргентина и Чиле, воведувањето на американскиот бивер во 1940-тите години довело до девастација на домашните стебла (иако поттикнало напредок на други видови).

Сето ова покажува дека луѓето значително влијаеле врз промените на три четвртини од копното на планетата, се вели во извештајот, додека од 18 – от век исчезнале 85 отсто од светските мочуришта.

Со користењето на фосилните горива како извор на енергија се очекува дека глобалното затоплување дополнително ќе ја зголеми штетата. Околу пет отсто видови ширум светот се соочени со изумирање предизвикано од промените на климата, доколку просечните глобални температури пораснат за два степени Целзиусови над прединдустриското ниво, се заклучува во извештајот (светот веќе сега е потопол за 1 степен).

„Климатските промени да беа единствениот проблем, многу видови веројатно само би се преселиле и адаптирале. Но кога популациите се веќе десеткувани, кога го губат генетскиот диверзитет, кога природните предели се веќе фрагментирани па растенијата и животните не можат да бараат други живеалишта, тогаш станува збор за сериозна закана“, вели Ричард Пирсон од Универзитетскиот колеџ во Лондон.

Помалиот број видови не значи само дека светот ќе биде помонотон и поздодевен, пишува во извештајот. Тоа значи и опасност за луѓето.

Денес, производството на храна се потпира на помал број растенија и животни. Од 6190 припитомени раси цицачи кои се користат во змјоделството, повеќе од 559 веќе се изумрени, а уште 1000 се загрозени. Системот на производство на храна станува сè помалку отпорен на штетници и болести. Во иднината би можело да биде сè потешко да се одгледуваат нови, поотпорни видови растенија и стока кои би ги изфржале големите топлини и суши кои ќе настанат како последица на климатските промени.

„Повеќето приноси од природата не се целосно заменливи“, се наведува во извештајот. Губењето на биодиверзитетот „може трајно да ги стесни опцииите во иднината, како што се припитомувањет на диви видови и нивна употреба за генетски подобрувања“.

Сепак, извештајот донесува зрак надеж. Кога државите активно работат за заштита на загрозените видови често успеваат да го спречат изумирањето, како што беше случај со арапскиот орикс или црвеногушката од Сејшели. Со воспоставувањето на природни резервати и диви области, државите успеале да заштита повеќе од 15 отсто на светското копно и 7 отсто од океанот.

Но, само мал дел од најважните области за биодиверзитетот е под заштита, додека во многу природни резервати лошо се спроведува забраната за лов, сечење дрвја или илегален риболов. Климатските промени би можеле да ги обесмислат постоечките засолништа за дивите животни со поместувањето на географските подрачја за видовите кои моментално живеат во нив.

Освен што се застапуваат за ширење на заштитените области, авторите на извештајот наведуваат редица мерки со кои би се ограничило губењето на биодиверзитетот.

Земјоделците и сточарите треба да усвојат нови техники за производство на повеќе храна на помалку земја. Потрошувачите од богатите држави мора да фрлаат помалку храна и да ја зголемат ефикасноста во користењето на природните ресурси. Владите на целиот свет би морале да усвојат построги закони и доследно да ги применуваат во сузбивањето на илегалната сеча на шумите и риболовот и во спречувањето на исфрлање на тешки метали и необработени отпадни води во природната средина.

Иако напорите за ограничување на глобалното затоплување ќе бидат пресудни, во извештајот исто така се предупредува на опасноста за биодиверзитетот која ја носат некои решенија за намалувањето на емисијата на гасови како крчењето на шумите за развој на биогорива.

Ништо од сето ова нема да биде лесно, особено ако се има предвид дека земјите во развој се принудени на експлоатација на природните ресурси за да се извлечат од сиромаштијата.

Научниците коишто го изработиле извештајот се надеваат дека подоброто разбирање на користа од природата може да ја имаат луѓето и квантифицирањето на штетата од губењето на биодиверзитетот би им помогнало на владите да најдат соодветна рамнотежа помеѓу економскиот развој и заштитата на природната средина.

„Не може едноставно да им кажете на политичарите во Африка да се откажат од развојот и целиот континент да го претворат во национален парк. Но можеме да покажеме кои се последиците за благосостојбата на луѓето доколку не се земат предвид вредностите на природата“, вели Ема Арчер која ја водеше претходната студија за биодиверзитетот во Африка.

Во следните две години, дипломатите ширум светот ќе одржат редица состаноци во рамки на целите на Конвенцијата за биолошкиот диверзитет за да ги разгледаат активностите за заштитата на средината. Од друга страна, и најоптимистичното сценарио од извештајот кажува дека до 2050 година, државите би можеле само да влијаат да не се забрзува губењето на биодиверзитетот, но не и да го сопрат.

„Во овој момент нашите опции се сведени на контрола на штетата“, вели Џек Рајс, научникот кој ја предводеше претходната студија за биодиверзитетот во Северна и Јужна Америка.

Извор: The New York Times