Климатските промени, финансиската помош и најзагрозените нации

16.02.2022 01:51
Климатските промени, финансиската помош и најзагрозените нации

Според резултатите од новата студија, вкупно 16 од 37 климатски најзагрозени земји, од Бурунди до Јемен, ја пропуштија првата рунда грантови од Зелениот климатски фонд наменети за адаптација на глобалното затоплување. Меѓу нив се наоѓаат Хаити, Централноафриканската Република и Авганистан.

Ова се припишува на недостатокот на ресурси, податоци, експертизи и инфраструктура кои се неопходни за конкурирање.

За помошта од Зелениот климатски фонд квалификувани се 154 земји, што е речиси двојно повеќе од бројот земји кои ја остварија таа помош - истражувачите утврдија дека 84 земји во развој меѓусебно поделиле парични средства во вкупен износ од 2,5 милијарди американски долари во периодот од 2015 до 2019 година. Дел од парите се издвоени за намалување на емисиите, и тоа примарно преку поставување соларни панели.

Околу 54 проценти од средствата отидоа кај малите островски земји, најмалку развиените земји и африканските земји. Според оценките на самиот фонд, тоа значи дека повеќе од половината финансии завршиле во загрозени држави. Сепак, сликата е малку поинаква кога ќе се земат предвид различните количини богатство и нивото на ранливост меѓу земјите.

Не е исто кога средства ќе добие држава со повисоки приходи како Јужна Африка и држава со пониски приходи како Сомалија. Имајќи го тоа предвид, авторите на новата студија ги рангираа земјите според степенот на ранливост на климатските промени и институционалните капацитети.

Според нивните наоди, речиси половина од земјите (16 од 37) ја пропуштиле првата рунда грантови од Зелениот климатски фонд. Најтешко се погодени државите од африканскиот континент - 13 од 30 најмалку развиени држави во Африка не добиле никакви средства за финансирање проекти за прилагодување на климатските промени.

Меѓу другото, проектите во областа на климатската адаптација вклучуваат садење дрвја што би спречило ширење на пустините и градење брани и насипи со цел заштита од поплави. Тие се особено значајни за земјите од таканаречениот глобален југ, кои се наоѓаат на сериозен удар од климатските промени. Но, досега парите не стигнуваа до нив во доволна мера.

Во рамки на фондот е обезбедена дополнителна помош за земјите за подготовка на проекти и движење низ системот од вкупно 172 милиони американски долари, но научниците сметаат дека тоа не е доволно и советуваат да се поедностави комплицираниот и долг процес за аплицирање.

Резултатите уште еднаш го нагласуваат постоењето на климатската неправда, како и потребата на решавањето на тој проблем. Ова е особено важно зашто последиците од зголемувањето на средната глобална температура и временските екстреми претежно ги погодуваат токму неразвиените земји кои во текот на историјата имале пониски емисии на гасови со ефект на стаклена градина од развиените. Затоа еден од столбовите на Парискиот договор е тоа што богатите нации, почнувајќи од 2020 година, на посиромашните ќе им обезбедат 100 милијарди американски долари годишно за финансирање климатски акции, но тоа ветување остана неисполнето и проценките се дека посакуваната сума нема да се достигне пред 2023 година.

Иако паричната помош и Зелениот климатски фонд се воведени како механизми за неутрализирање на историската климатска неправда, се чини дека тие делумно го усложнуваат овој глобален предизвик и дека затоа треба да се направат поправедни и подостапни за маргинализираните земји.

Превод: Алек Кузмановски

Фотографии: Johnny Miller

Извор: https://klima101.rs/