Како изгледа новата нормалност во Вухан?

13.02.2021 13:51
Како изгледа новата нормалност во Вухан?

Во Вухан, првиот град што беше на удар на новиот коронавирус, се чини како да избледнело сеќавањето на долгите и болни месеци строг карантин. Сега, кога неговите жители одат понатаму, често се цитира една кинеска поговорка, која предупредува дека „болката не треба да се заборави и откако лузната ќе зарасне“.

За многумина во овој град во централна Кина, изреката го сумира искушението: како да ги оставите зад себе лошите спомени и да уживате во заздравувањето. А, семејствата кои сè уште плачат во тајност, знаат колку е опасно јавноста толку брзо да заборави на непотребно изгубените животи.

Пред една година, кога Вухан беше затворен, овој град претставуваше предупредување за сите други за тоа колку е опасен вирусот. Сега тој го најавува постпандемискиот свет во кој олеснувањето заради лицата што веќе не се скриени зад маските, радосните средби на јавни места и нормалното патување со градскиот јавен превоз – по малку ги затскрива емотивните шокови и трауми.

Жителите на Вухан уживаат во обичните задоволства кои пред само 12 месеци беа прогласени за најголема опасност, како што се прошетките и шопингот долж улицата Џијанган. Канелариските работници се тркаат за место во метрото, кое беше затворено во текот на целиот карантин. Рестораните и сплавовите, караоке баровите и дискотеките се исполнети со џагор и песна. Минатата година сето ова делуваше незамисливо. За поголемиот дел од светот и натаму е незамисливо.

„Сега Вухан е најбезбедниот град во целата земја. Оваа болест веќе нема да нè фати“, вели Сонг Датонг, пензиониран возач на автобус. Но зад целата оваа распеана нормалност, некои ожалостени семејства и понатаму не можат да ги потиснат тешките сеќавања и бесот и не можат да се снајдат во триумфалното славење на иднината кое го наметна и владата. Некои и натаму се држат за предметите кои им останале од најблиските. Другите го вртат погледот, обидувајќи се да заборават.

Џу Тао, 44-годишен работник во металната индустрија, живее во делот на Вухан кој беше сериозно жариште. Уште е бесен заради неговата 82-годишна тетка која починала од коронавирус. Тој верува дека и друга негова роднина страдала од коронавирусот, иако официјално му било кажано дека имала бактериско воспаление на белите дробови.

„Луѓето од Вухан кои секаде околу мене се однесуваат како раната да се излечила и како да заборавиле на болката. Но не е така.Лузните сè уште се тука, а тие заборавиле на болката“.

Искуството од Вухан ќе биде значајно за Њујорк, Њу Делхи, Рио де Жанеиро и другите места кои ќе заздравуваат со текот на времето. Но додека Вухан ита напред, нема многу места, ако не ги сметаме гробиштата, кадешто се зборува за оние кои веќе не се со нас.

Комунистичката партија на Кина успеа да го намали бројот на заразени и Вухан да го врати во живот, многу побрзо отколку што успеала која било друга држава. Но моќта на Кина не застанува тука: таа успева да го контролира и сеќавањето на катастрофата, да го брише минатото што не ѝ се допаѓа, да изостава клучни прашања од својот официјален наратив.

Некои семејства не можат да се помират со тоа и воопшто не им се допаѓа славењето на победата. Некои семејства, пак се борат против обидите на државата да го прикрие лошто раководење со кризата на нејзиниот почеток, наспроти тоа што им се заканува притовор или следење. Но повеќето се повлекоа во својата приватна болка, која само се засилува како се ближи првата годишнина на кризата.

Вухан се најде под клуч на 23 јануари минатата година. Отпрвин, градот беше исполнет со шок и тага. Официјални лица тврдеа дека вирусот нема да се шири. Луѓето трчаа во супермаркетите за да се снабдат со храна или трчаа во болница и за најмала кашлица или треска.

„На улиците на Вухан немаше ни луѓе, ни автомобили, само колите за итна помош. А тие не ги вклучуваа сирените за да не ги плашат луѓето, само вклушените светла ги предупредуваа минувачите“, раскажува Ма Кечин (66) пензиониран Металостругар.

Болниците никнуваа за само неколку дена, за да ги прифатат заразените, а националната мобилизација успеа да спречи недостиг на здравствени работници и опрема. Вухан стана една кошница на барикади и контролни пунктови. Насекаде имаше пластични бариери и метални порти што запечатуваа цели делови од градот.

По 76 дена, во април, градот започна повторно да живее. Официјално беше објавено дека имало 50.333 случаи на инфекција со коронавирус и 3.869 смртни случаи. Некои истражувања наведуваат дека бројот е всушност многу поголем. Жителите го искажаа својот гнев врз службените лица, кои ги обвинија дека дозволиле вирусот некотролирано се раширил.

Гробиштата во Вухан

Кинеската влада ги притиска луѓето во Вухан, но и во другите делови на земјата, да гледаат кон иднината, да го намалат сеќавањето, па дури и да заборават на смртта и сите неволји од минатата година. На врвот на кризата, владата ги претвори саемските сали во привремени болници. Во еден овие центри, моментално се одржува изложба за кризата во Вухан.

Главен херој е Си Џинпинг, лидерот на Комунистичката партија кој, според изложбата, раководел со националната мобилизација со помош на која инфекцијата била брзо искоренета. Лекарите и другите „Маченици“ кои страдале во борбата со пандемијата се овековечени на белиот ѕид, но илјадници граѓани немаат свој ѕид.

Во медиумите Вухан се слави како „град херој“, голем триумф на Кинеската комунистичка партија. Речиси никој не го спомнува бројот на мртви.

Многумина во Вухан ја прифатија верзијата на настаните што ја сервираше кинеската влада и сметаат дека нивниот „град на херој“ водеше тешка и нерамноправна битка против вирусот кој уништи многу побогати земји. Некои жители сега се подготвени да преминат и преку оние првични грешки, откако видоа како поминаа САД и другите држави.

Делови од Вухан пулсираат со економска активност. Кинеските потрошувачи од средната класа, кои порано одеа на одмор во Европа и купуваа таму, сега се поблиску до дома. Во шопинг центарот „Вухан плаза“ светкаат излозите на Диор, Луј Витон и Картие.

Дури и пред конечно да заврши кризата во Кина, политичарите ги притискале локалните власти да го покренат и обноват стопанскиот живот. Повторно беа оживеани инфраструктурните проекти, а фабриките за електронски уреди веќе имаат голем број нарачки од државите каде вирусот сè уште владее.

„Помалку или повеќе, Вухан повторно застана на нозе и многумина овде доаѓаат да се опуштат“. Вели Ма Тенгјун, кој работи во службата за изнајмување велосипеди.

Малку подалеку од побогатите делови на градот, заздравувањето не е толку воедначено, тука се гледа нееднаквоста во кинеското општество.

Во „Ванда плаза“, во југозападниот дел на градот, Сје Тјантјан, вработена во еден бутик, ги чека потенцијалните муштерии. Продажбата е намалена барем за една третина од пред пандемијата, вели таа и се сеќава на една жена која долго се премислувала дали нешто да купи. „Доаѓаше неколку пати да ја проба гардеробата. Но ништо не купуваше. На крај ми кажа дека едноставно нема пари“, раскажува Сје.

Во стариот дел на Вухан, некои од продавниците останаа заклучени. Нема многу работа ниту на зелениот пазар каде се продава овошје, но и свежо месо. Но градот продолжува со френетичната модернизација: во делот на градот со име Минќан, булдожерите работат деноноќно. Се уриваат старите и дотраени згради и се прави место за новите.

Но, некои во Вухан се нервозни: што ако се врати кризата? Многумина сè уште носат маски на улиците. Знаците ги предупредуваат жителите да внимаваат на симптомите, да не патуваат во пресрет на лунарната Нова година и да не делат храна со други луѓе. Инфрацрвените монитори ги скенираат и продавниците и хотелите, покажувајќи спектрални слики на купувачите и гостите. На контролните пунктови и натаму се регистрираат посетителите, тука им се мери и температурата.

Луѓето што го прележале ковидот велат дека соседите и роднините и понатаму ги гледаат со сомнеж, како уште да се заразни. „Моите родители оздравеа, но и понатаму се плашат дека луѓето околу нив ќе ги избегнуваат“, вели Џао Тинг, жителка на Вухан. „Кога ќе се сретнат со соседите со кои порано ќе застанеа да си поприкажат, сега само си мавнуваат со рака и тактично си продолжуваат без застанување“.

За Јанг Мин, која од коронавирусот ја изгубила својата ќерка, да се продолжи понатаму е незамисливо. Но исто така неподносливо е присетувањето на она што се случуваше минатата година. Во малиот стан, виолината на ќерката и натаму стои на врвот на една полица. „Ја држам тука, ама немам сила да ја погледнам. Кога некој ќе ми го спомене моето дете морам да се свртам и да си заминам од таму“, вели таа.

Нејзината ќерка Тијан Јуси (24) се разболела во јануари, минатата година додека примала терапија за рак на дојката во една болница во Вухан. На одделението за интензивна нега во една болница во Вухан. Набрзо потоа Тијан починала. На одделението за интензивна нега лежела блиску до својата мајка. Двете имале корона.

Јанг Мин (50) и понатаму бара одговори за смртта на својата ќерка. Таа знае дека е сосема налудничаво да се спротивставуваш на Комунистичката партија. Кога отишла пред седиштетото на Комитетот на партијата во Вухан со фотографијата на својата ќерка, лужѓето од обезбедувањето ја истерале. Кога поворно се обидела, нејзината улица била преполна со полиција.

„Мислам дека во овој момент нема надеж, но не можам да се предадам“, вели таа.

Тешко е со толку болка да се живее со секојдневните притисоци да се преживее. Постарата сестра Су Мин, не може да ја откачи фотографијата на нејзиниот татко, како што налага традицијата. Нејзиниот татко починал на почетокот на февруари, минатата година. Нејзината сестра која успеала да го преживее вирусот и натаму страда заради смртта на таткото и времето што го поминала со треска во ад хок центарот за изолација. „Не смееме ниту да споменуваме што се случуваше тогаш, а сите фотографии на татко ми се отстранети“, вели таа.

Но Су нема многу време за тагување затоа што самата го издржува семејството. Таа и нејзиниот сопруг сега треба да се грижат и за нејзината мајка, сестра, внука и за родителите на сопругот.

За новогодишните празници, на почетокот на февруари, нејзиното семејство планирало да направи помен за нејзиниот татко според локалниот обичај, кој вклучува палење темјан и читање молитва. Се надевала дека ќе дојде и сестра ѝ. „Се обидов да ја убедам. Ова е првата Нова година за нашите покојни“, вели Су.

Извор: The New York Times