1023 hPa
100 %
7 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 22:59
Ве молам, поштедете нѐ од фермански објаснувања за тоа што претставува и колку е опасен корона вирусот. Знаеме. Само размислете и на прашањата што ги поставуват други, мислејќи малку без страв за сопствениот живот, а со почит и разбирање кон туѓиот.
Пред некој ден на порталите за вести осамна известување дека министерот за информатичко општество, Дамјан Манчевски, најавил воведување на апликација за следење на луѓето што имале контакт со заболени. Од штурото објаснување за воведување на една прилично комплексна апликација, која може да има разновидни последици за нашата приватност и безбедност, не можев да заклучам дали апликацијата – за која не можев ниту пак да разберам како точно функционира, според изјавите пренесени во медиумите – е задолжителна, или пак не. Прво министерот наводно рекол дека е доброволна, но потоа изјавил дека немало да сме морале да ја користиме оваа апликација доколку луѓето биле искрени. Таа изјава контрадикторно најавува дека нешто „мора“ да се прави – еве, да се преземе чекор за една ваква апликација. Дека всушност, таа ќе лови неискреност – а таа обично не се открива доброволно.
Како и да е. Неделава ќе се лансира таа апликација па се надевам ќе дознаеме што како. Туку, мене ме вознемирува нешто друго во однос на целава приказна. Ме вознемири подготвеноста на неразбрано, на недоинформирано, тукуречи на слепо, да се прифати дека една ваква апликација е нужно добра, позитивна и никако штетна. Искрено, ме шокира подготвеноста по сите тие ужасни бомби и прислушувања на илјадници луѓе, сето тоа државно мониторирање и следење што ни го донесоа разочарувањето Катица Јанева и недоверба во идејата за правда во иднината – широкоградо и без никакво предзнаење да кажеме: апликација за следење? Давај!
Во ред. Апликацијата може да е корисна, не велам не. Ова го кажувам уште веднаш за да не бидам нападната како што ми се случи кога поставив прашање во врска со оваа апликација. Нормално дека ќе поставам прашање кога нешто не ми е јасно (за разлика од тоа како нѐ учеше нашиот авторитарен образовен систем). Но добив ваков коментар. Го издвојувам овде затоа што сметам дека е класичен пример за реакцијата на типичниот сограѓанин кој не сака да прифати мислење спротивно од она што е главнотековно, т.е. спротивно од мислењето на сегашната техничка влада: „Румена, Вие да сте слободни во движењето… па макар сите ги заразиле“.
Значи: ако се плашам од тоталитаризам и од неефикасност, сакам да заразувам (при што воопшто не сум ни болна, ниту пак излегувам)??? Не знаете колку пати слушнав во изминатиот месец при секое прашање или сомнеж во ефикасноста на мерките „Сакате да умрат луѓе, за вие да одите по кафани!“ Тоа е едно ниско и простачко вулгаризирање потекнато од стравот и би рекла глупоста на човекот што сака да си го заштити својот живот и не гледа, на пример, дека ако ги тутнеш пензионерите (како да се недоветни дечиња) во рок од два часа да ги завршат сите обврски што ги имаат, ќе се создадат толпи и на таков начин всушност уште повеќе ќе ги изложиш на ризик. Дека ако најавиш полициски час во тек на цел викенд во Куманово во 17.30 во петок, луѓето ќе се испаничат и сите масовно наеднаш ќе излезат надвор, што повторно ги зголемува шансите тие да се заразат меѓусебно.
Но тоа во овие денови на паника, страв и гнев не треба да ме изненадува (иако не престанува да ме изненадува). Всушност, многу борци за човекови права што се шлакаа со бои по протести и дуеја образи дувајќи во вувузели пред шампитата на владата деновиве немаат никаков проблем со тоа да пропагираат (баш да пропагираат) полициски час како единствен добар и нужен излез од оваа светска криза. Единствен добар и нужен излез кој го практикуваат – со драстични мерки како нашите – други држави со историја на тоталитаризам, како на пример Србија и Албанија. Па така, зарем не е легитимно човек да се запраша: што се случува кога толку многу моќ ќе ѝ се даде на полицијата? Дали кога сево ова еднаш ќе се заврши, а ќе се заврши, полицијата така лесно ќе се откаже од моќта што ја има? Моќ на која ние сме се навикнале?
На крајот, што има погрешно во тоа да се има различно мислење и да се поставуваат прашања?
Сакам да прашам, што ако сте пензионерка што живее сама и нема време во текот на тие два часа што ѝ се доделени (како на недоветно казнето дете) да излезе и да ги заврши сите обврски? Ќе задоцните и ќе ве уапси полиција? Затоа што сте заразувале?
Што ако имате аутистично дете што е вознемирено затоа што му е уништена потребната рутина, и вреска и плаче со часови затоа што не можете да излезете? Ќе излезете и ќе бидете уапсени од полиција?
Што ако мажот ви ве крши од тепање во петок навечер? Ќе чекате до понеделник за да избегате, за да не ве уапсат?
Што ако сте разведени и не живеете со вашето дете? Дали ако му е лошо и сака да ве види во сабота, ќе треба да чека до понеделник, зашто ќе ве уапси полиција?
Што ако добиете паничен напад и морате да излезете на воздух? Ќе ве уапси полиција?
И ред други прашања.
Ве молам, поштедете нѐ од фермански објаснувања за тоа што претставува и колку е опасен корона вирусот. Знаеме. Како и вас, и ние сѐ сме прочитале и сме се информирале. Само размислете и на прашањата што ги поставуват други, мислејќи малку без страв за сопствениот живот, а со почит и разбирање кон туѓиот. И престанете да ги навредувате соговорниците кои имаат поинакво мислење од вашето обвинувајќи ги дека шират смрт и зараза. На крај, ужасно е кога сопствениот народ го нарекувате „стока“ и сакате да го затворите во трло. Така и вие станувате дел од таа стока, дел од истото трло.
Извор: Независен