Нефилтрирани филмски мисли во време на пандемија (2)

21.05.2020 12:20
Нефилтрирани филмски мисли во време на пандемија (2)

The Omega man

„Вакви филмови веќе не се снимаат“

Лос Анџелес, 1977 година, две години по пандемијата на чума предизвикана од биолошка војна. Стратегијата на претседателот на САД под слоганот „економијата на прво место, човечкиот живот на второ“ (прво заштитете го богатството на владејачката елита, а потоа размислувајте за здравјето на обичните луѓе) произвела трагични последици. Наместо очекуваниот „многу добар резултат од само 100.000 мртви“, практично е збришана целата човечка популација (13).

 Развивајќи го својот „филмски модел“ на болеста, режисерот Борис Сагал (Boris Sagal) не оди толку далеку вината за ова фијаско да ја префрли на Светската здравствена организација, ниту ја прикажува чумата како „кинески вирус“ (14). Сепак, во недвосмислен манир на Студената војна, тој изворот на заразата го сместува во тогаш уште свежиот кинеско–советски граничен конфликт.

Полковникот Роберт Невил (повторно Чарлтон Хестон) е воен научник и ултимативен чувар на вековната расна и родова дискриминација: тој е бел маж и единствен преживеан кој е имун на чумата зашто имал навремен пристап до превентивен третман (15). Во времето на појавувањето на пандемијата, самиот си ја инјектирал експерименталната вакцина на која работел. Преку ден Невил слободно скита по пустите улици на градот, но и покрај стекнатиот „имунокапитал“, принуден е ноќите да ги поминува во засолниште зашто го прогонува група инфицирани и опасни ноќни суштества (16). „Фамилијата“, како што се нарекуваат себе си овие мутанти, се застражувачка верска секта со средновековен изглед, која во целост ја отфрла модерната технологија. За припадниците на сектата, предводена од проповедникот Матијас, најголемо зло е науката, а Невил, воениот лекар брз на пиштол, е нејзино олицетворение и непожелен остаток.

Невил, некогашен алфа мажјак, а сега само омегачовек, се наоѓа во тешка ситуација. Кога не е во самоизолација (за да се заштити од болеста чија персонификација е анти-вакцината, версколудистичкиот култ на Матијас), тој е слободен да скита по јавните простори, но... никаде веќе нема јавност. „Недостасува народ“, рече Жил Делез (следејќи ги Паул Кле и Франц Кафка) (17).

Тоа отсуство на какви било траги на јавност и јавна сфера, во филмот, на повеќе начини, е направено застрашувачки уверливо. Пустите улици на деловниот дел од Лос Анџелес (каде Невил го поминува поголемиот дел од своите излегувања), Сагал ги снимал во текот на викендите, рано наутро, од горни ракурси, од врвовите на зградите, користејќи низа на брзи зумови. Пред да стане предводник на „Фамилијата“, Матијас бил телевизиски водител; во најголем дел историјата на пандемијата е прикажана низ кратки флешбекови во форма на телевизиски вести од минатото. На почетокот на филмот, на раб на нервен слом, Невил доживува халуцинација во која сите телефони во градот ѕвонат во исто време. („Нема телефони што ѕвонат, по ѓаволите! Нема телефони“). Конечно, во една од највпечатливите сцени во филмот, Невил оди во кино и сосема сам го гледа докумнтарецот за Вудсток на Мајкл Водли (Michael Wadleigh) од 1970 година (18). „Одличен филм“, коментира Невил, „Се прикажува веќе три години“. Додека по кој знае кој пат го следи аудио визуелниот запис за комунитарниот етос на хипи културата, „последниот човек на светот“ искрено е трогнат не само од огромната количина на луѓе што ги гледа на екранот, туку и од пораките за мир и љубов кои ги испраќаат организаторите и учесниците на славниот музички фестивал. На крајот, со горчлива, реакционерна иронија, тој заклучува (лежерно потпирајќи се на автоматската пушка): „Да. Вакви филмови едноставно веќе не се снимаат!“ (19).

Приватен настан во јавен простор. Таа логика е токму обратна во однос на начинот на кој некои од аспектите на динамиката приватно/јавно се рекалибрирани во времето на пандемијата на Ковид-19. Денес, кога поголемиот дел од светот е во изолација, јавната сфера е речиси исклучиво е виртуелна по форма (дигитални аудио и видео конверзации) и почива врз темелно приватизираната, високо фрагментираната и индивидуализирана просторно – материјална база (20). Сите комуницираме на далечина, истовремено, одразувајќи ја социјалната интеракција и самоизолација. Она што Ги Дебор и ситуационистите своевремено го дијагнозирале и во „критиката на раздвојувањето“ го осудиле како доминантен облик на техно отуѓувањето во постиндустрискиот капитализам, денес, претставува нормативна појдовна точка на секој јавен дискурс (21). Оттаму се чини сосема логично на алатките од арсеналот на еманипаторската критика на идеологијата да им се приклучи и една нова: примерено политичкиот гест на самоиспитување на идеолошката содржина на приватниот простор од кој се говори.

На тој пат, на пример, можеме да се инспирираме од исклучителната фото инсталација на Слободан Шијан, под наслов „Фашизам во мојата соба“ (2014), во која, овој филмски автор и уметник, ги собрал, систематизирал, анализирал и ги изложил сите референци за нацизмот и фашизмот, кои ги пронашол расфрлени во својот стан: книги, фотографии, сценарија, историски брошури и летоци, дури и едно шише вино (22).

Карантинот делува како вистински момент за соочување со идеолошкиот мизансцен на сопствената приватност. Можеби и Роберт Невил, некогашен научен претставник на моќниот американски воено – индустриски комплекс, сега би можел да одвои малку време и во текот на една од неброените болно самотни вечери да се позанимава со самокритичка рефлексија на тема на сопствениот, сè уште жив импулс на опсесивно собирање културни производи: трупање скапоцени уметнички предмети (слики, скулптури итн.) – некогаш скапи и недостапни, а сега безвредни остатоци на исчезнатата човечка цивилизација...

Политика на чистка во време на самоизолација.

(13) David Smith, „Trump says keeping US Covid-19 deaths to 100,000 would be a ’very good job,’” The Guardian (29. март 2020).

(14) „Trump Cuts Funds for World Health Organization as Oxfam Warns Pandemic Could Push Half a Billion into Poverty,” Democracy Now! (15. april 2020). Robert Mackey, „Trump Shrugs Off Spike in AntiChinese Racism, Even in His White House,” The Intercept (17. март 2020).

(15) Zak Cheney-Rice, „COVID-19’s Racial Death Gap Was Predictable,” New York (8. april 2020). „COVID-19: A Gender Lens,” izveštaj organizacije United Nations Population Fund (март 2020). Blake Farmer, „The Coronavirus Doesn’t Discriminate, But U.S. Health Care Showing Familiar Biases,” NPR (2. април 2020).

(16) Kathryn Olivarius, „The Dangerous History of Immunoprivilege,” The New York Times (12. април 2020).

(17). Познатата формулација на Делез е за односо помеѓу филмот и политиката, но припаѓа и на еден друг контекст – високиот модернизам на авторите како што се Alain Resnais i Straub-Huillet. Види Žil Delez, Film 2: slika-vreme (Beograd: Filmski centar Srbije, 2010), 270–271.

(18) Денес, кога платформите за стримување на содржини на големо ја истиснуваат културата на одење во кино, мора да се прашаме колку економските и психо – социјалните последици на кризата со пандемијата, дополнително ќе го загрози постоењето на оваа институција. Од друга стрна, „драјв-ин“ кината доживуваат своевидна ренесанса, благодарение на тоа што се соодветни на праксата на социјално дистанцирање. Види Scott Roxborough, „Drive-In Movie Theatres Thrive Despite Lack of New Titles: ’People Just Want to Get Out,’” The Hollywood Reporter (18. Април 2020). Види Jurij Meden, „Digital Pandemics or: On Preserving the Audience and the Will to Will,” Austrian Film Museum blog (March 27, 2020).

(19) Идеолошката импликација на коментарот на Невил е јасна: препуштени на себе, прогресивната политика и контракултурната пермисивност, порано или подоцна ќе доведат до општествена апокалипса и исчезнување на јавноста. Во прилог на ова говори и недвосмислената паралела која филмот ја повлекува меѓу „Фамилијата“ на Матијас и озлогласената „Фамилија“ на Чарлс Менсон.

(20) За ова види, на пример, видео разговорот на филозофот и активист Среќко Хорват и театарскиот режисер Оливер Фрљиќ „Филозофски театар“ (дигитално издание), 9. Април 2020.
(21) Види Guy Debord, Društvo spektakla (Anarhistička biblioteka.net, 2012), 4–9. Види исто така неодамнешен текст на ветеранот на ситуационизмот Raoul Vaneigem, „Life against capital and its pandemics,” Autonomies (13. април 2020).

(22) Размислувањето на Шијан „за начинот на кој фашизмот незабележително влегува во нашите домови и опстанува свесно и несвесно во нашите животи“, всушност започнало од шише италијанско вино на Адолф Хитлер, необичен подарок на еден пријател. На фундаменталното постсоцијалистичко политичко прашање кое го поставил филозофот Растко Моќник – „Колку фашизам?“, Шијан како да реагирал персонализирајќи го: „Се прашав што има уште во мојот стан што е во директна врска со него (фашизмот). И за чудо, тука се најде сè и сешто. Така настана оваа инсталација- како сведоштво на жилавоста на една идеологија, која во со својот деструктивен допир влијаела врз животите на сите“. Слободан Шијан, текст по повод фото инсталацијата „Фашизмот во мојата соба“ (2014). Види и Rastko Močnik, Koliko fašizma? (Zagreb: Arkzin, 1999).

 Извор: Klub Mama / Multimedijalni Institut

Кон првиот дел