Нема споредба меѓу експлозијата во Бејрут и хемикалиите од ОХИС

06.08.2020 11:36
Нема споредба меѓу експлозијата во Бејрут и хемикалиите од ОХИС

Нема споредба меѓу несреќата во Бејрут, предизвикана од експлозија на несоодветно чувана хемикалија и потенцијалната опасност за Скопје од хемикалиите на ОХИС, тврди професорот Трајче Стафилов од Институтот за хемија на ПМФ. Винил хлоридот, кој во ОХИС стои неколку децении во дотраена цистерна не е експлозивна, туку токсична хемикалија и опасноста од неа е голема, но не на начин како од амониум нитратот, кој е предизвикувачот на разорната експлозија во главниот град на Либан.

Ден по несреќата во Бејрутското пристаниште, во која животот го загубија над 100, а повредени се над 4.000 луѓе, на социјалните медиуми се раширија тврдења дека Скопје може да го снајде слична судбина доколку се случи несреќа во ОХИС, каде сè уште се чуваат опасни хемикалии, остатоци од некогашното производство. Стафилов вели дека опасноста од ОХИС е огромна, но таму нема експлозивни материјали. Несреќата во Бејрут ја предизвикала експлозијата на 2.750 тони амониум нитрат, што се користи за производство на ѓубриво и за бомби, кој шест години бил складиран на пристаништето без мерки за безбедност. Како споредба, во ОХИС има 14 тони винил хлорид, кој во моментов е под надзор.

„Амониум нитрат се користи за производство на експлозиви, а винил хлоридот е токсичен и е опасен доколку се вдише. Двете хемикалии не може да се споредуваат“, посочува Стафилов.

Доколку попуштат вентилите на цистерната во ОХИС, винил хлоридот нема да експлодира, туку ќе има емисија на токсична супстанца која го контаминира воздухот. Токму од овие причини, објаснува Стафилов, со години наназад, цистерната е под постојан надзор, а во летните месеци има и систем за разладување.

„Проблемот со ОХИС мора да биде докрај решен. Добро е што минатата година започна проект преку кој огромни количини на токсични материи се транспортираа на безбедно уништување во инсенератори во Европа, а во истиот проект ќе биде дислоциран и винил хлоридот. Сепак, таму остануваат депониите на линдан и живата, кои се огромна опасност за здравјето на луѓето, за почвата, воздухот и подземните води. За малата депонија на линдан има проект за чистење, но остануваат уште три депонии, од кои едната е во излетнично место“, потенцира Стафилов.

 Извор: Мета.мк

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото