1018 hPa
43 %
22 °C
Скопје - Нед, 13.10.2024 13:59
Според најновите проценки на научниците од Нов Зеланд, речиси 5 000 честички микропластика секојдневно се таложат на еден квадратен метар на некој од покривите во Оукленд. Тоа е рекорд во споредба со другите светски метрополи, како Лондон, каде мерењата покажаа дека во просек паѓаат „само“ 771 честичка микропластика на површина со иста големина.
Сепак, научниците истакнуваат дека ова не значи нужно дека и воздухот во Лондон е помалку загаден со микропластика од оној во Оукленд.
Во моментов, во светот не постои стандардна методологија или протокол за идентификација на овие ситни честички, што значи дека секоја студија се спроведува различно. А ако инструментите за мерење секојдневно се усовршуваат, логично е и секојпат да регистрираат сè повеќе штетни материи кои се кријат во воздухот. Претходните студии веќе потврдија дека честички микропластика се наоѓаат на високите планини, во нашата крв и органите - но со непознати последици кои можат да ги остават по нашето здравје.
„Идните истражувања би требало да одредат колку точно пластика вдишуваме“, вели хемичарот Џоел Ринделауб од Универзитетот во Оукленд. Резултатите до кои дојдоа тој и неговите колеги од Нов Зеланд се засновани на студија која е спроведена во временски интервал од девет недели и тоа на две различни локации во Оукленд, така што честичките се „фаќале“ со помош на инка и тегла.
Анализите открија дека најзастапен бил полиетиленот или ПЕ, кој се користи за ќеси и шишиња, потоа поликарбонатот или ПЦ, кој се користи за заштитна опрема и медицински уреди, и полиетилен терефталат или ПЕТ, кој се користи за пакување храна и пијалаци. Но како пластиката стигнала дотаму?
Во моменти кога силните ветрови дуваат од брегот, микропластиката од брановите се крева и лебди во воздухот - тоа најверојатно е и причината зошто се чини дека процентот на пластика во воздухот е многу понизок во Германија и Англија. Сепак, неспорен факт е дека ова во иднина ќе влијае на секој жител од нашата планета, зашто ќе доведе до влошување на ефектот на стаклена градина така што честичките ќе апсорбираат и емитуваат светлина и топлина.
Превод: Алек Кузмановски
Извор: National Geographic