Како да се смеете на климатските промени

23.05.2014 14:17
Како да се смеете на климатските промени

Во триесеттите години на минатиот век книжевниот теоретичар Кенет Берк изнесол предлог кој го нарекол „комична рамка“ - станува збор за сфаќање, пишува тој, „на човечките лудости како комедија која е секогаш на работ од најкатастрофалната трагедија“. Трагедијата неумоливо маршира кон крајот, но кај комедијата можеме само да го погодуваме епилогот. Кристина Фауст, професорка по комуникации на Универзитетот во Денвер, истакнува дека климатологијата, како и климатските вести, често се претставени како трагична апокалипса: запечатена судбина. (На почетокот на оваа недела, глациологот Ерик Ригнот им рече на новинарите дека еден дел од западниот антарктички леден покривач се истенчил над „точката од која нема враќање“.) Иако многу климатски катастрофи без сомнеж се блиску, Фауст вели дека за медиумското известување за нив би била корисна комичната рамка на Берк.

Климатолозите се релативно неискусни на полето на трагичната апокалипса. Науката главно зборува со пасивен и неемотивен јазик, често одразувајќи ја несигурноста која е составен дел од научниот процес. Таквиот пристап не може лесно да се претстави на пошироката публика - колебањето и оградувањето за час може да се злоупотреби. Но, како што податоците за климатските промени се натрупуваат, а предвидувањата и временски и просторно стануваат сѐ поблиски, после многу години на јавната сцена климатолозите стануваат сѐ подобри во предочувањето на застрашувачката сериозност на своите наоди. Пишувајќи за климатските промени во последните десет години, забележав дека сѐ поголем број научници ги отфрлаат излишните резерви и преминуваат на активни глаголи. Ги слушав дури и како зборуваат за своите чувства.

Пред неколку години, психолозите од Центарот за истражување на еколошки одлуки на Универзитетот Колумбија им покажаа на студентите една од двете компјутерски презентации за топењето на глечерите. Во првата презентација користени се статистички податоци и графикони кои ја објаснуваат врската помеѓу климатските промени и топењето на мразот. Втората презентација изнесе исти податоци со помош на слики и животни приказни: сведоштвата на еден земјоделец од Танзанија за ефектите од климатските промени и сателитски снимки од повлекувањето на ледниците на планината Килиманџаро. Студентите кои ја погледнаа втората презетација не само што запамтија повеќе информации, туку и покажаа поголема загриженост и спремност да преземат нешто. Климатолозите можеби повеќе сакаат графикони и статистика, но се навикнуваат да ги вклучат и емоционалните апели кога им ги претставуваат информациите на граѓаните.

Недвосмисленоста и непосредноста се добредојдени, но можеби не се доволни. За половина век психолошко истражување на „застрашувачките пораки“ - пораки кои се обидуваат да ги шокираат слушателите - откриено е дека предизвикувањето страв е многу ефикасно во привлекувањето внимание, но дека не функционира добро кога треба да го задржи вниманието. Секој од нас го има она што Елке Вебер, кодиректорка на Центарот за истражување на еколошки одлуки, го опишува како „ограничен базен на грижи“, кој најчесто го полниме со неодложните лични проблеми. Застрашувачките пораки се како капки во базенот. „Многу долго сме преживувале фокусирајќи се на непосредните проблеми“, вели Вебер, „Климатските промени претставуваат предизвик без преседан, когнитивно и емоционално. Мораме некако да пронајдеме начин и на нив да го прошириме и институционализираме нашето внимание.“

Еден од начините да се одржи вниманието, тврдат психолозите, е застрашувачките вести да се придружат со низа остварливи акции. „Ако од мене барате да го променам Конгресот, тоа е претешко“, вели Џенет Свим, психолог од Универзитетот Пен Стејт која ги проучува комуникациите за климатските промени, „Ако барате да променам светилка, тоа е премалку. Морате да ми дадете решение кое е и изводливо и уверливо.“ Реформите на постепен принцип - кампањи за енергетски ефикасни градови, намалување на емисиите на штетни гасови на државно ниво - тоа се цели кои ќе ги одржат учесниците активни, вели таа.

Научниците не се занимаваат со креирање политики. Како ни новинарите. Но и едните и другите прават многу повеќе од елегантно артикулирање на претстојните катастрофи. Можеме да се фокусираме на соодветните средства за можни решенија и прилагодувања - и со малку среќа да пронајдеме уверливи патишта за бегство од работ на трагичната бездна.

Извор: The New Yorker, 16.05.2014.
Слики: Holly Wood