Милијарда хектари шуми би можеле да го забават глобалното затоплување

01.09.2021 01:17
Милијарда хектари шуми би можеле да го забават глобалното затоплување

Доколку продолжи актуелниот тренд на загадување, температурата до 2030 година ќе се зголеми за 1,5 степени целзиусови над индустриското ниво. Меѓутоа, дрвјата би можеле да ја запрат, или барем да се обидат да ја запрат, глобалната климатска криза, порачуваат експертите.

„Нашата студија покажува дека реставрацијата на шумите е најдобро достапно решение во борбата против климатските промени, и пружа цврсти докази за оправдување на вложувањата (во садење дрвја)“, вели професорот Томас Краутер од Швајцарскиот федерален институт за технологија во Цирих, и главен автор на студијата „Глобалниот потенцијал за обнова на стебла“, која е објавена во списанието Science.

„Ако реагираме веднаш, тоа би можело да ја намали емисијата на јаглерод диоксидот во атмосферата за околу 25 проценти, до нивото кое последно е забележано пред речиси еден век“, додава Кратуер.

Краутер и колегите во својата анализа користеле фото-интерпретација, метод за испитување на глобален сет податоци за околу 78 000 шуми ширум светот. Користејќи го софтверот за мапирање на алатката Google Earth, успеале да развијат предиктивен модел кој мапирал места каде би можеле да се наоѓаат идните шуми. Така заклучиле дека Земјата би можела да поддржи уште дополнителни 0,9 милијарди хектари шуми, не вклучувајќи ги веќе постоечките дрвја, земјоделското земјиште и урбаните предели. Кога овие дрвја ќе пораснат, тие би можеле да „срушат“ околу 200 гигатони јаглерод диоксид, што е околу две третини од јаглеродот што го емитувала човечката активност во атмосферата од индустриската револуција до денес. Воедно, тоа е и една четвртина од вкупниот јаглерод диоксид во воздухот, и ваквиот чин би имал „драматично влијание на климатските промени“.

Швајцарскиот тим вели и дека има слободно подрачје со големина на САД кое би можело да се искористи за садење нови шуми, а успеале и да идентификуваат шест земји во кои би можеле да се засадат нови шуми - Русија, Канада, Австралија, Бразил и Кина.

Сепак, професорот Краутер вели дека нема да дојде до подобрување во блиска иднина: „Ќе бидат потребни децении за да пораснат новите шуми и да го достигнат овој потенцијал“. Затоа сега е најважно брзо да се тргне кон остварување на оваа мерка, додава професорот од Цирих, но и да се продолжи со следење на климатските промени и наоѓање други решенија.

„Од витално значење е да ги заштитиме веќе постоечките шуми, да трагаме по други решенија и да продолжиме постепелно да ги укинуваме фосилните горива“, вели професорот Краутер.

Сепак, сите не се претерано воодушевени од решението што го нуди швајцарскиот тим. Така, Лора Данкансон, која ги истражува начините за складирање на јаглеродот на Универзитетот во Мериленд и НАСА, вели дека станува збор за „поедноставена анализа на јаглеродот кој би можеле да го неутрализираат обновените шуми, и истата не треба да ја сметаме за конечно решение“.

Согласен е и професорот Мајлс Ален од Универзитетот во Оксфорд, кој вели дека реставрацијата на дрвјата може да биде само една од ефикасните стратегии, но не и најефикасната.

Студијата од Цирих доаѓа речиси една година откако Меѓувладиниот панел за климатски промени препорача дека, доколку светот сака да го ограничи зголемувањето на температурата од 1,5 степени целзиусови до 2050 година, потребни се милијарда хектари засадени шуми.

Превод: Алек Кузмановски

Фотографии: Wouter Van de Voorde

Извор: https://elementarium.cpn.rs/