Што е асистирана природна регенерација?

27.08.2021 01:24
Што е асистирана природна регенерација?

Од 1990 година светот изгуби 420 милиони хектари шумско земјиште, што е приближно половина од површината на Бразил, се наведува на сајтот на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации. Дополнително, забележан е и раст на стапката на дефорестација во изминативе три децении, со сè поголема потреба на светот за употреба на земјиштето во други цели, меѓу кои како водечка се истакнува земјоделството.

Меѓутоа, нема шуми во неограничени количини, а покрај тоа што им пружаат дом на бројни растителни и животински видови, тие играат и важна улога во климатскиот систем на планетата Земја. Тие се составен дел од јаглеродниот циклус, но исто така се и значаен резервоар на јаглерод, во што може да се согледа нивниот потенцијал при ублажување на глобалното затоплување, бидејќи можат да го акумулираат овој гас со ефект на стаклена градина.

За да ја зачуваме и зголемиме сета корист што ја носат шумите за климатскиот систем, но и остнатите видови корист, како шумските извори на вода, работите кои им носат приход на руралните заедници, одржливото производство на храна, неопходно е да ги сочуваме постоечките шуми, но и да ги обновиме изгубените.

Постои цел спектар во пристапот на обновувањето, каде на едниот крај се наоѓа спонтаниот природен процес на регенерација на шумското земјиште, додека на другиот е активното учество на човекот, кој собира семиња од шумите, прави садници, сади и одржува дрвја на претходно уништено земјиште. Некаде помеѓу овие две крајности се наоѓа ветувачки одржлив пристап, асистирана природна регенерација.

Како може човекот да помогне при природната регенерација на шумите?

Асистираната природна регенерација на шумите е комбинација на активно садење дрвја и спонтано пасивно обновување на вегетацијата, која има за цел да ја забрза природната регенерација. Овој пристап се потпира на локалните заедници кои можат да им помогнат на дрвјата и на шумската вегетација природно да се регенерира со отстранување на пречките и заканите кои би можеле да го загрозат нивниот раст, користејќи го традиционалното познавање на земјиштето на своите предци.

За да се намали сериозноста и зачестеноста на настаните кои би спречувале спонтана обнова на шумите и раст на млади дрвја, на пример, локалните заедници можат да превенираат ширење пожари така што ќе се погрижат одредени површини шумско земјиште да бидат без ситна вегетација и секаков запалив материјал.

Дополнително, со поставување огради, се штитат младите насади од стоката која би можела да ги изеде. Со отстранување на плевелот, инвазивните треви и џбуновите, се обезбедува доволно простор за да можат да растат млади дрвца. Сепак, ако природната регенерација не покажува добри резултати, во смисла да не се зголемува бројот на дрвја доволно брзо или да не се забележува спонтан раст на целните видови, тогаш човекот може селективно да посади дрвја, за да го помогне процесот на регенерација.

Кои се предностите на асистираната природна регенерација?

Светскиот институт за ресурси проценува дека трошоците за асистирана природна регенерација се помали од една третина од трошоците за активно садење дрвја. Покрај тоа, ваквиот пристап кој бара значајно намалена човечка интервенција во однос на садењето, може многу повеќе и многу побрзо да го обнови шумското земјиште. На пример, во Нигер, западна Африка, земјоделците со асистирана природна регенерација од осумдесеттите години од минатиот век регенерираа повеќе од 200 милиони стебла.

Во областите каде природните живеалишта на растителните и животинските видови се загрозени од човечки активности, пред сè со земјоделска обработка на земјиштето и одгледување стока, асистираната природна регенерација се издвојува како најдобар начин за зачувување на овие видови. Обновеното земјиште ефикасно ги имитира природните живеалишта, а одржливата обработка на земјата и оградувањето на заштитените подрачја од стоката, можат да обезбедат регенерација на природата и зачувување на биодиверзитетот.

Асистираната природна регенерација овозможува и нови работни места за локалните заедници и нови приходи. Освен тоа, како што е веќе споменато, овој пристап е исплатлив. Со обновување 21,6 милиони хектари земја во Бразил на овој начин би се заштедиле 90,6 милијарди американски долари, односно, се проценува дека трошоците за асистирана природна регенерација би биле пониски за 77 проценти во споредба со пристапот на садење дрвја.

Најпосле, асистираната природна регенерација би можела да биде важен играч во борбата со климатските промени. Студијата објавена во септември минатата година во научното списание Nature, покажа дека младите обновени шуми, спонтано и по природен пат, можат да апсорбираат многу повеќе јаглерод диоксид отколку што се сметаше претходно.

Во истражувањето се наведува дека природно обновените шуми можат да апсорбираат 23 проценти од глобално емитуваниот јаглерод диоксид секоја година, што е за 32 проценти повеќе од она што претходно го процени Меѓувладиниот панел за климатски промени. На пример, природно регенерираните 21,6 милиони хектари во Бразил на годишно ниво би можеле да акумулираат повеќе јаглерод диоксид од количината што годишно ја емитуваат Бразил и Канада заедно. (Под услов планетата да не се загрее толку што во голема мера ќе ја намали ефикасноста на фотосинтезата).

Каде може да се примени асистираната природна регенерација?

Иако е очигледно дека има многу предности, асистираната природна регенерација не е секогаш најдобар избор, заради што секогаш е важно да се процени кој пристап за обнова на природата би бил најефикасен за конкретните случаи. Асистираната природна регенерација се покажа како најдобар пристап во подрачјата кои не се сериозно деградирани, туку се опкружени со остатоци од шуми, со сè уште варијабилни семиња во земјиштето.

Од друга страна, треба да се земе предвид и гледиштето дека земјоделците нема толку лесно да ја препуштат својата најпродуктивна земја за обновување на природата, доколку не им се понуди висок паричен надомест. Во практиката, тоа значи дека сопствениците на земјиштето прифаќаат асистирана природна регенерација на земја која не е поволна за земјоделство, на ридест и карпест терен, на поранешни полиња во близина на остатоци од шуми или на земјоделско земјиште каде приносите опаѓаат со години.

Со следење на досегашните примери за асистирана природна регенерација, истражувачите учат зошто во некои случаи овој пристап доведе до брза обнова на шумите, а во некои случаи не покажа добри резултати. Овие нови сознанија можат да им помогнат на сопствениците на земјиште и на оние што донесуваат одлуки, да ја усовршат практиката и да го забрзаат напредокот.

Добар пример за успешна примена на асистирана природна регенерација е обновувањето на Атлантската шума во Бразил. Асистираната природна регенерација е една од клучните стратегии за обновување 15 милиони хектари уништено шумско земјиште од Атлантската шума до 2050 година, а покажа дека оваа стратегија функционира. Денес околу 740 илјади хектари од оваа шума се под природна регенерација и активна обнова.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Peter Coffin

Извор: https://klima101.rs/