Улогата и значењето на земјиштето во борбата против климатските промени

22.03.2021 01:39
Улогата и значењето на земјиштето во борбата против климатските промени

За само 70 години светската популација порасна од 2,5 на повеќе од 7.8 милијарди луѓе. Ваквата демографска експанзија доведе до огромна побарувачка на храна која во најголема мера е задоволена со сè поголемо ширење на индустриското земјоделство и неодржливите земјоделски практики.

Меѓутоа, за тоа постои цена. Во моментов, на глобално ниво евидентен е загрижувачки тренд на опаѓање на плодноста на земјиштето заради голема загуба на органски материи од површинските слоеви, а освен што го отежнува производството на храна, деградацијата на земјиштето значително влијае и на нашите напори да ги намалиме емисиите на гасови со ефект на стаклена градина и да ги запреме најтешките последици од климатските промени.

Значењето на органските материи во земјиштето

Во соочувањето со климатските промени од земјоделството се очекува да одговори на основната човечка потреба и да нахрани сè поголем број жители на планетата и покрај прогнозираните сериозни климатски пречки на оваа „фабрика под отворено небо“. Според некои проценки, во наредните 40 години потребно е да се произведе количина храна која вкупно е произведена во последните 500 години.

Во барањето решенија земјоделците сè повеќе се насочуваат кон својот основен ресурс - земјиштето, односно унапредување на неговиот квалитет и зголемување на количините органски материи во него.

Органските материи во земјишето имаат огромна корист и улога, а некои од поважните се следните:

1. извор на азот и други хранливи материи за растенијата;
2. зголемување на достапноста на вода за растенијата во услови на суша и нејзино задржување во случај на вишок и поплави;
3. подобрување на структурата на земјиштето и намалување на загрозеноста на земјиштето од ерозии и загуби;
4. зачувување на биодиверзитетот и еколошките услуги на земјиштето;
5. и уште многу нешта...

Сè заедно овозможува постабилно производство на храна - поголеми и сигурни приноси. Дополнително, кога земјиштето се користи разумно, тоа може да игра важна улога во ублажување на климатските промени преку складирање на јаглеродот и намалување на емисијата на гасови со ефект на стаклена градина во атмосферата. Според тоа, земјиштето може да има троен придонес во борбата со климатските промени...
Како?

Циклусот на јаглеродот во природата

Во циклусот на јаглеродот во природата земјиштето претставува негов најголем резервоар. Јаглеродот се наоѓа во земјиштето како органски јаглерод во составот на органските материи на земјиштето или во неоргански облик во составот на карбонатите и други соединенија.

Органскиот јаглерод е околу половина од составот на органските материи (ОМ). Глобално гледано, земјиштето содржи повеќе јаглерод до длабочина од еден метар отколку што го има во надземната вегетација и атмосферата заедно.

Јаглеродот е дел од сите живи битија и сочинува околу половина од сувата маса на живите организми. Како и водата, и јаглеродот кружи во природата, а поедноставен приказ на циклусот на јаглеродот на релација атмосфера - биосфера - педосфера (земјиште) би бил: растенијата преку фотосинтеза го издвојуваат јаглеродниот диоксид од атмосферата и го вградуваат во своите ткива, додека останатите живи организми го внесуваат јаглеродот преку ланците на исхрана. Разградувањето на остатокот од изумрените растенија, животни и екскрети на животните се случува заедно со дејствувањето на разградувачите, најмногу микроорганизмите. Сите аеробни живи организми испуштаат дел од јаглеродот со дишење во облик на јаглерод диоксид, така што и земјиштата емитуваат јаглерод диоксид заради работата на микроогранизмите кои разложуваат остатоци од растенија и животни и со тоа го враќаат нивниот јаглерод назад во атмосферата.

Меѓутоа, во процесот на создавање стабилни органски материи земјиштата можат „трајно“ да го складираат јаглеродот во процесот на создавање стабилни органски материи, така што почетните органски материи нема потполно да се разложат. Во земјиштето тоа е можно така што органската материја е сочувана од потполна оксидација (изложеност на кислород) и дополнително, сочувана со физичка бариера од работата на „гладните“ микроорганизми, како и врзувањето на органските материи за минералните честички во земјиштето.

Стабилните органски материи во горните, обработливи слоеви од земјиштето траат и до неколку децении, а во подлабоките слоеви над еден метар - тие се заробени „засекогаш“. Процесот на создавање траен базен со јаглерод и преместувањето на органските материи во подлабоките слоеви од земјиштето трае милиони години наназад, а така се и создадени фосилните горива.

Така што луѓето со користење на фосилните горива впрочем согорувале милениумски резерви јаглерод, што заедно со деградацијата на земјиштето довело до зголемување на количеството јаглерод диоксид во атмосферата.

Затоа што е во состојба да содржи толку јаглерод, земјиштето истовремено може да биде и нејголема шанса и најголема закана во исполнувањето на целите од Парискиот договор.

Доколку земјиштата продолжат да деградираат, тие, наместо да складираат, дополнително ќе испуштаат јаглерод диоксид во атмосферата од погорните слоеви. Губењето на органските материи од обработливите слоеви на земјиштето е глобално и рапидно.

Светските земјишта во последниве сто години континуирано ја губат органската материја заради интензивното земјоделско производство, губењето на шумите, ерозијата, ширењето на градовите и другите човечки активности кои го деградираат земјиштето. Се проценува дека денес една третина од светското земјиште е деградирано во одредена мера. Со зголемувањето на температурата земјиштата се уште поподложни на губење на органските материи и сè помалку се подготвени за екстремни климатски услови како што се сушите и другите непогоди.

Како можеме да ја зголемиме содржината на органските материи во земјиштето?

Постојат неколку концепти и повеќе нови технологии кои можат да ја сочуваат и зголемат содржината на органските материи во земјиштето, како што се: одржливо користење на земјиштата, регенеративно земјоделство, јаглеродно земјоделство, земјоделство со нулта емисии и отпад, агрошумарство, органско производство, прецизно земјоделство, редуцирана обработка на земјиштето, зачувување на плодоредот, покривни посеви, меѓу-посеви, зелено ѓубрење и друго.

Ова се добри вести доколку го промениме начинот на користење на земјиштето и агротехниката - можеме значајно да придонесеме во ублажување на климатските промени.

Иницијатива „4 во 1000“

Меѓународната иницијатива „4 во 1000“, започна на Конференцијата на Обединетите нации за климатските промени во Париз - ЦОП 21, 2015 година. Иницијативата се состои од здружувања на сите доброволно заинтересирани страни од јавниот и приватниот сектор со цел зголемување на содржината на органскиот јаглерод во земјоделските земјишта и со тоа зачувување на земјиштата за производство на храна и ублажување на климатските промени.

Годишната стапка на раст на залихите на органскиот јаглерод во земјиштето од 0,4 проценти или 4 проценти годишно, во првите 30-40 сантиметри од земјиштето, значително би ја намалила концентрацијата на јаглерод диоксид во атмосферата.

Оваа стапка на раст не е нормативна цел за секоја членка на иницијативата, но е добар показател дека дури и мал пораст на залиха со јаглерод во земјиштето е пресуден за подобрување на плодноста на земјиштето и земјоделското производство и дека на тој начин ќе се придонесе за постигнување на долгорочната цел за ограничување на порастот на температурата на прагот од плус два степени, над кој, како што укажува ИПЦЦ (Меѓувладин панел за климатски промени), ефектите од климатските промени значително го загрозуваат животот на планетата.

Дали тоа значи дека имаме едноставно и лесно достижно решение под своите нозе?

Не потполно, зголемувањето на содржината на органскиот јаглерод од 4 промили годишно бара сериозен пресврт во технологијата на одгледувањето, поголеми почетни вложувања, повеќе знаења, поинаква механизација и носи видлива корист веќе во следните години од почетокот на таквиот вид производство. Ова значи дека за достигнување на целта за зголемување на органските материи во земјиштето е потребна организирана, научна и институционална поддршка за произведувачите.

Поддршка од научната и меѓународната заедница со „заробување“ и складирање на јаглерод во земјиштето

Потенцијалот од придонесот на земјиштето во борбата со климатските промени е поддржан со цврсти научни докази и истражувања. Меѓународната заедница забрзано работи на имплементација на вакви решенија, најмногу под закрила на Обединетите нации, како што е Глобалното партнерство за земјиште (ГСП). Еден од зачетниците на оваа идеја и нејзин жесток застапник е угледниот научник, професорот Ратан Лал, добитник на многу признанија. Професорот Ратан Лал во својот труд постојано укажува на значењето на земјиштето за опстанокот на нашата планета и истакнува дека здравјето на земјиштето, растенијата, животните, луѓето и животната средина - е единствена нераскинлива целина.

Конвенцијата на Обединетите нации за борба против деградација на земјиштата (УНЦЦД) во својот труд како главна цел го има постигнувањето неутрална деградација на земјиштата, а ефектот, покрај веќе споменатите, се поврзува и со борбата против сушата.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Sophia Heymans

Извор: https://klima101.rs/