Урбана акција: Молчењето не е решение

12.08.2020 12:46
Урбана акција: Молчењето не е решение

Во Градскиот парк во Скопје, активистите поставија фотографии од жени жртви на семејно насилство алармирајќи дека тоа се зголемува, особено во услови на криза. Акцијата е насловена „Молчењето не е решение“.

„Семејното насилство е во подем особено во време на кризи, епидемии и пандемии. Најчести жртви на овој тип насилство се жените и децата.

Многумина притиснати од кризата, секојдневната пресија и проблеми својот бес и лутината ги истураат на своите најблиски односно на членовите на семејството. Иако Македонија има систем и институции кои успешно се справуваат со овој тип на проблеми жртвите на семејно насилство најчесто одбираат да молчат, односно молчат додека не стане предоцна“, велат активистите.

Потребата на овој начин да се предупреди на семејното насилство е да се охрабрат и жртвите, но и сведоците.

„Идејата на оваа акција е од една страна да се охрабрат жртвите да проговорат и да побараат помош, но од друга страна, главна цел на акцијата е повеќе да се охрабрат сведоците на ваквите состојби да реагираат наместо да игнорираат и да ја забиваат главата во песок под превезот дека тоа не е нивна работа. Според сите светски истражувања најдобрата метода за сузбивање на семејното насилство е детекцијата и навременото реагирање. Токму затоа акцијата е поставена во градскиот парк каде што секојднево проаѓаат бројни функционални семејства во кои нема семејно насилство, но секако биле и се сведоци на овој тип насилство а никогаш не реагирале на никаков начин“.