Почина чешкиот режисер Јиржи Менцел

07.09.2020 10:24
Почина чешкиот режисер Јиржи Менцел

На 82-годишна возраст почина чешкиот режисер Јиржи Менцел по долга борба со низа сериозни здравствени проблеми.

Менцел е добитник на „Оскар“ за најдобар странски филм во 1967 година за драмата од Втората светска војна - „Строго контролирани возови“. Менцел го снимал филмот во текот на политичките промени во Чехословачка, познати како „Прашка пролет“, либерализација во земјата во времето на доминацијата на СССР со Источниот блок, по Втората светска војна.

Поради провокативноста на неговата сатира „Шева на крајот“, снимена во 1969 година, беше забранета до 1990 година и беше прикажана дури по падот на Берлинскиот ѕид.

Иако меѓународно признат и ценет филмски режисер, од 1970 година, тој најмногу работел како театарски, фимски и телевизиски глумец, од творечки но и егзистенцијални причини, со оглед што неговото филмско творештво, до 1990 година, било забранувано, санкционирано, ограничувано.

Во филмовите, тој комбинираше хуманистички поглед на светот со сарказам и провокативни теми и беше важен учесник во чешкиот нов бран. Како и другите режисери од неговата генерација, Менцел имаше проблеми со комунистичките власти.

Заедно со Милош Форман, Менцел е еден од главните претставници на славната чешка филмска школа и на чешкиот нов бран.

Менцел ретко бил виден во јавноста по операцијата на мозокот во 2017 година. Тој почина во саботата, соопшти неговата сопруга Олга Менцелова.

„Најмил Јиржа, ти благодарам за секој ден што го поминав со тебе. Беше извонреден. Ти благодарам за изминатите три години, колку и да беа тешки“, напиша таа на нејзиниот фејсбук-профил.

Менцел студирал филмска продукција во Прага, а дипломирал во 1962 година.

Неговиот прв филм „Строго контролирани возови“ бил снимен според романот на Бохумил Храбал. По „Оскарот“, Менцел многу пати соработувал со Храбал.

На прашањето кој е рецептот за освојување „Оскар“, во интервју во 2006 година Менцел изјави дека тој имал повеќе среќа.

„Повредно од сите награди и медали што ги добив за овој филм беше доживотното пријателство со Храбал“, изјави тој.

Во 1987 г. Менцел добил уште една номинација за „Оскар“ за филмот „Моето слатко мало село“.

Неговиот последен филмски перформанс беше во 2018 година во филмот „Преведувачот“, кој ја раскажува приказната за човек кој бара одмазда за поранешен војник на СС, кој ги убил неговите родители.

 

ОкоБоли главаВицФото