Дознаките пресушија, како ќе преживеат семејствата?

09.09.2020 01:09
Дознаките пресушија, како ќе преживеат семејствата?

Флавиус Тудор

Повеќе од десет години, Флавиус Тудор ги делел парите што ги заработувал со 82 годишната мајка во Романија. Редовно испраќал пари со кои таа купувала лекови.

Во јуни тој тек се свртел во обратна насока. Мајка му му испратила пари за да може да си ги плати сметките.

Бидејќи имал кашлица и грозница во екот на пандемијата, Тудор (52) не можел да оди на работа во старечкиот дом каде што работи. Затоа мајка му посегнала по својата пензија, која ја заработила како библиотекарка во една од најсиромашните земји во Европа, и му испратила пари на сина си, кој со нетрпение ги чекал во една од најбогатите земји во светот.

„Баш тешки времиња“, вели тој. „Се чувствувам изгубено.“

Ширум планетата пандемијата ја загрози виталната артерија за финансиска поддршка на стотици милиони семејства - таканаречените дознаки кои работниците-мигранти од богатите земји ги испраќаат дома.

Минатата година, мигрантите во своите домови испратиле рекордни 554 милијарди долари, што е повеќе од трипати од помошта која заедно ја издвоиле напредните земји, покажуваат податоците од Светската банка. Но, судејќи според сѐ, дознаките ќе паднат на една петтина од тој износ оваа година, што е најголемо намалување во историјата.

Доха

Тој пад претставува катастрофа и значи дека пандемијата, како што стојат нештата, ќе доведе до прв глобален пораст на сиромаштијата од Азиската финансиска криза во 1998 година. Годинава, помеѓу 40 и 60 милиони луѓе ќе паднат под границата на екстремната сиромаштија. Според критериумите на Светската банка, тоа значи дека живеат со 1,90 долари или помалку дневно.

Намалувањето на дознаките е и последица на кризата која го обзема светот и кобен предзнак дека неволјите ќе дојдат допрва. Земјите во развој сочинуваат 60 проценти од светската економија според куповната моќ, според податоците на ММФ. Помалото трошење кај посиромашните нации значи и дека целиот свет ќе расте побавно.

Како и пандемијата која го донесе, така и падот кај дознаките е глобален. Европа и Централна Азија ќе забележат пад од речиси 28 проценти од парите кои се испраќаат дома, додека во субсахарска Африка падот ќе изнесува 23 проценти. Јужна Азија ќе има пад од 22 проценти, а Блискиот исток, Северна Африка, Латинска Америка и Карибите повеќе од 19 проценти.

Вкупно гледано, пандемијата тешко ги погоди платите на 164 милиони мигрантски работници кои издржуваат најмалку 800 милиони роднини, велат Обединетите нации.

„Вџашувачки е бројот на луѓе кои живеат од дознаките“, вели Дилип Рата, економист од Светската банка.

Заминувањето во странство заради работа со себе носи многу опасности: нечесни агенти за регрутација, работодавачи кои сакаат да ги експлоатираат работниците, физички опасности од мануелната работа.

Моновара Бегум

Но тоа е и начин да се постигне вертикална мобилност. Домаќинствата кои примаат дознаки имаат подобра исхрана и повеќе шанси на своите деца да им овозможат добро образование, наместо да ги тераат што побрзо да се приклучат на работната сила. Бебињата од вакви семејства се поголеми при породување.

Во некои држави, мигрантските работници можат да се пријават и за осигурување од невработеност и други програми - како жителите од Источна Европа од земјите членки на ЕУ. Но во многу држави, мигрантите во голем дел се незаштитени и особено ранливи во тешки времиња.

Пред три години, Махамед Херон го напуштил своето село во близина на Дака во Бангладеш и заминал во Катар. Тоа е патот по кој пред него поминале многу мигранти од Јужна Азија.

Позајмил 400 000 бангладешки таки (околу 4 700 долари) од роднините и ангажирал локален агент кој му купил билет за авион, обезбедил работна дозвола и му ветил работа. Тоа се големи пари во Бангладеш, износот е двапати повисок од просечниот приход по глава на жител (околу 1 855 долари). Неговата сопруга Моновара Бегум била исплашена. Нејзиниот прв сопруг - постариот брат на Махамед Херон - смртно настрадал кога во Саудиска Арабија пред десетина години го прегазил пијан возач. Таму работел како домар.

Нејзиното семејство живеело во стара куќарка која се нишала под налетот на монсунските дождови. Немале вода за пиење. Херон заработувал околу 300 таки (околу 3,5 долари) дневно, работејќи на оризовите полиња. Се хранеле исклучиво со ориз и компир. Нејзиниот најстар син имал вродена срцева маана заради која морал редовно да пие лекови.

Единствениот пат за излегување од сиромаштијата бил вложување во образованието на нејзините деца, но школарините изнесувале 6 000 таки (околу 70 долари) годишно.

„Нашата финансиска слика никогаш не била претерано добра“, рече Моновара Бегум во разговорот преку интернет.

Моновара Бегум со своите деца

Кога Херон стигнал во Доха во 2018 година, се покажало дека агенцијата не му обезбедила работа.

„Ме измамија“, вели тој, исто така преку видео-линк.

На крајот успеал да дојде до една друга агенција, која му наоѓала разни работи - чистел канцеларии, копал дупки за поставување кабли.

Херон добивал месечна плата од околу 900 катарски риали (околу 250 долари) и живеел во колективно сместување. Во собата за спиење имало 15 кревети, во сите по еден државјанин на Бангладеш.

На секои два или три месеци, дома испраќал околу 30 000 таки (350 долари), но сето тоа одело за враќање на долговите. Успеал да подмири само една четвртина.

А потоа, во мај во Доха животот практично застана, а агенцијата престанала да ги плаќа работниците, вели Херон. Добил и астма и морал да оди во болница, ги потрошил сите пари за тоа.

Во Бангладеш, во април дознаките беа за 23 проценти помали отколку една година претходно, а во мај беше забележан пад од 13 проценти. Сепак, јуни покажа знаци на закрепнување.

Училиштата и натаму се затворени во оваа земја, но и кога децата повторно ќе тргнат на училиште, меѓу нив веројатно нема да биде 16 годишниот Хасан, синот на Моновара Бегум.

Таа деновиве го моли Хасан да најде некаква работа - можеби во градежништвото или кај некој вулканизер.

Извор: New York Times/International Report