30 години обединета Германија

03.10.2020 14:12
30 години обединета Германија

На годишнината од обединувањето, 3 октомври, Германија навршува 30 години. Среќен роденден! Но чекајте, зарем Германија не е стара веќе 71 година, колку што помина од основањето на Сојузна Република Германија во 1949 година? Или дури 149 години, ако се вратиме до првото обединување во 1871 година? Или 1.220 додини, ако крунисувањето на Карло Велики во 800-та година е почеток на она што Германците го нарекуваат Рајх, а остатокот од светот Свето римско царство? Или дури 2000 години ако во Бастијан Швајнштајгер, поранешниот фудбалер на „Баерн“, кој брилираше на средината на теренот, го препознаеме далечниот потомок на воинствениот и прото-демократски племенски народ кој Тацит го опишал во „Германија“.

Одговорот на навидум едноставното прашање „Колку е стара Германија?“ воопшто не е едноставен. Но дозволете да изнесам едно смело тврдење: верувам дека последните три децении беа најдобриот период во долгата и комплицирана историја на оваа земја. Ако се потсетите на некој период кога мнозинството Германци живееле подобро, а Германија била во подобри односи со соседите, секако известете ме. Во светот, во кој цвета популизмот, фанатизмот и авторитаризмот, Сојузна Републаика Германија е светилник на стабилноста, пристојноста и одмереноста – квалитети кои ги отелотворува канцеларката Ангела Меркел.

Сепак, предизвиците со кои се носела Германија во изминатите 30 години не можат да се споредуваат со предизвиците кои ја чекаат во наредните 30. За разлика од некои други демократии, вклучувајќи ги и членките на еврозоната од југот на Европа, како што се Грција и Шпанија, германската дмеократија не мораше да полага испитот на сериозната економска криза.Затоа може да заблагодари на својата економска сила, но и на отворањето на нови извозни пазари како што е Кина, благодарение а глобализацијата, предностите на еврото (во однос на помалку конкурентната марка) ирезервите на евтина работна сила во источна и средна Европа. Сепак, нема гарании дека таквите гео-економски околности ќе потраат, ниту дека геополитичкото опкруѓување ќе биде подеднакво поволно и во иднина.

На промоцијата на книгата „Зошто Германците се подобри во сè“, од Џон Кампфнер, на овој британски автор му беше поставено прашањето за тоа како Германците го доживеале брегзит. По исправната забелешка дека хаосот во Британија прво предизвикал неверување, а набрзо потоа и згрозување и презир од страна на германската јавност, авторот додал дека ако по некоја случајност Германците би се нашле во слична ситуација, веднаш би оформиле меѓупартиски парламентарен одбор и би го ппронашле најтрезвениот и најрационалниот начин донесената одлука да ја спроведат во дело.

Тоа е интересна споредба, но мора да водиме сметка за тоа овде да не направиме голема грешка на екстраполација. Одлуката Германија да ја напушти ЕУ би подразбирала триумф на националистичкото движење за кое Алтернатива за Германија (AfD) би изгледало како здружение на вегани. Тоа движење ни би ги почитувало разуните норми на германската политика насочени кон консензус, каква што денес ја знаеме. Исто така, припадноста на Европската унија за Германија има егзистенцијално значење што не може да се каже за Британија, а и Германија, секако е поважна за ЕУ. Не е тешко да се замисли како Британи по брегзитот продолжува по некој свој пат, надвор од ЕУ и не е тешко да се замисли ЕУ без Британија. Но, невозможно е да се замисли Германија која би личела на денешната сојузна република без цврстата рамка која ѝ ја дава Европската унија – а уште помалку ЕУ без Германија.

Тоа е пораката и на новата кратка историја на Германците, „Wie wir wurden, was wir sind“ (Како станавме тоа што сме) на Хајнрих Аугуст Винклер (Heinrich August Winkler), еден од најуважените историчари во земјата. Првиот Рајх – Светото римско царство за Винклер е фундаменталниот конститутивен чин на германската историја, токму како што „позицијата на остров која е погодна за слобода“ била за историјата на Англија. За разлика од Англија, во Германија во целиот среден век и раната модерна историја се преплетувалеразлични правни надлежности, суверенитети и власти. Најпознатата книга на Винклер е обемната историја на Германија под наслов „Долго патување на запад“. Новата книга ја започнува со цитатот од внимателно формулираната изјава на претседателот на државата Richard von Wiezsäcker од 3 октомври, 1990 година: „Дојде моментот прв пат во историјата, обединета Германија да добие трајно место во заедницата на западните демократии“. Во новата книга на овој 81 – годишен историчар (роден 1938 година во Кенисберг, сегашен Калининград), највпечатлив е скептичниот, загрижен, дури предупредувачки тон со која сонародниците ги повикува да го сочуваат цврстото упориште не само во Европа, туку и на трансатлантскиот Запад.

Би рекол дека неговата загриженост е оправдана. Наспроти ксенофобијата на Алтернатива за Германија, верувам дека не мора многу да се грижиме за оној дел на препораката кој се однесува на Европа. Во германските политички говори зборот „Еврпа“ се повторува почесто отколку „амин“ во црква. Мнозинството Германци сфаќа дека нивната иднина е неодвоиво врзана за судбината на Европската унија. Но тоа не може да се тврди за целиот запад. Дури и кога ќе се спомене, терминот запад се користи како некој вид реликт од времето на студената војна, нешто што е надминато како телекс машината. Повеќето Европјани се згорзени од Доналд Трамп, но германските ставови кон Америка се посебно остри. Во германските медиуми Соединетите држави рутински се третираат на ист начина како Кина и Русија.

Повиците на Макрон за „европски суверенитет“ се прифаќаат со ентузијазам. Ако „европски суверенитет“ значи „ние Европјаните мора да направиме повеќе за да се заземеме за сопствените интереси“, тоа е сосема на место. Но ако значи „не, благодариме драги Американци, ќе се снајдеме ние и без вас“, тогаш тоа е опасно погрешен став. Пред сè заради глобалните предизвици со кои ќе се соочиме во следните 30 години, како што се климатските промени, вештачката интелигенција, пандемиите и агресивниот настап на кинеската ленинистичко – капиталистичка суперсила. Сето тоа бара партнерство на демократиите на ниво кое ќе биде повисоко од регионалното.

Во една слободна историска аналогија, би можело да се тврди дека добрата среќа на Германија по 1990 година произлегувала од тоа што во исто време била дел од Светското римско царство на Европската унија, која ѝ обезбеди просперитет и значително ги прошири слободите и можностите за нејзините граѓани и дел на Римската империја на западната алијанса под водство на Соединетите држави, која гарантираше воена безбедност и обезбеди поширока рамка на заеднички вредности и глобално влијание.

Римската империја на Соединетите држави никогаш повеќе нема да биде тоа што била. Ако Трамп освои втор мандат, сè е можно. Неговиот поранешен советник за национална безбедност, Џон Болтон тврди дека би можел дури и да се повлече од НАТО сојузот. Во тој случај Европа би морала самата да се грижи за својата безбедност, а тоа е задача за која не е подготвена. Ако Џо Бајден стане претседател, Соединетите држави можат да се вратат на улогата на незаменлив стожер на либералниот меѓународен поредок од која Германија зависи повеќе од која било друга држава. Во таа смисла, најважен датум за историјата на Германија не е 3 октомври, кој е само прилика пригодно да се одбележи историската годишнина, туку 3 ноември, денот на најверојатно најважните американски избори во историјата на модерниот трансатлантски запад.

Извор: The Guardian