Клелија Мошер - пионерка во истражувањето на женската сексуалност

17.12.2020 21:15
Клелија Мошер - пионирка во истражувањето на женската сексуалност

 
Децении пред Алфред Кинси, Клелија Мошер, професорка на Универзитетот Стенфорд, лекарка, хигиеничарка и застапничка на женското здравје влегла во светот на сексуалноста. Истражувањето спроведено на жените родени пред 1870 година дало увид во најинтимните мисли на викторијанските жени и тоа не само за нивните сексуални навики и апетити, туку и во нивните размислувања за вонбрачните врски, за децата и за контрацепцијата.

Клелија Дуел Мошер била родена во 1863 во Албани. Нејзината наклонетост кон знаењето била поттикнувана од нејзиниот татко, доктор Корнелиус Мошер, кој често ја водел на визити и ѝ всадил љубов кон ботаниката и книжевноста. Сепак, не можел да го поднесе фактот неговата ќерка да оди на факултет; за да ја разубеди од идејата, за неа покренува бизнис, продавање цвеќиња. Но, Клелија цврсто одлучила да се држи до својот пат; штом заштедила, заминала на школување.

Нејзината студентска кариера започнала на 25 години на колеџот Велсли, а остатокот од школувањето го минала на Универзитетот во Висконсин и во Стенфорд. Нејзиниот најпознат труд, постхумно објавен, бил токму истражување за сексуалноста на жените, започнато во 1892 година, и тоа како проект за студиската програма Брачни односи на Универзитетот во Висконсин.

Проектот прераснал во истражување со кое бавела низ целата кариера. Иако тогаш тоа немало многу влијание и носело ознака на контроверзност поради простодушноста на учесничките и нивните главно позитивни погледи на сексуалноста, денес е важно поради тоа што претставува единствено познато истражување за вистинските сексуални навики на жените во 19 век.

Од испитаничките 34 оделе на факултет. Триесетина од нив биле вработени пред бракот, повеќето како учителки. Малку повеќе од половина образовани жени тврделе дека не знаеле ништо за сексот пред бракот, додека некои стекнале знаење од книги и од разговори со постари жени или од „набљудување на животните на фарма“. Но, колку и иницијално да биле затворени, овие жени уживале во сексот. Од 45-те жени, 35 признале дека имаат сексуални потреби; 34 дека доживеале оргазам; 24 дека чувството за уживање на двајцата партнери било повод за однос, и околу четвртина жени се впуштале во сексуални односи барем еднаш неделно.

Мошер дипломата од психологија ја добила во 1893 година, а магистрирала во 1984. Во тој период работела како асистентка на одделот за хигиена, подучувајќи ги студентките за здравје, за философија и за телесни вежби.

Благодарение на достапноста на женските испитанички, набрзо сфатила што била нејзината цел: да докаже дека жените не се инфериорни на мажите. Тезата на нејзиниот магистерски труд го пробила раширеното верување за инфериорноста на жените поради неможноста констатно да дишат (утврдувајќи дека жените дишат од дијафрагмата како и мажите, а не од градите, како што се верувало тогаш), докажувајќи дека предизвикувачот на отежнатото дишење бил - корсетот.

Следното истражување Клелија го направила за менструацијата, на примерок од 2000 жени, надевајќи се дека ќе ја побие идејата за „менструалното ослабување“ на жените (се сметало дека биле болни и дека е подобро да бидат неактивни во тој период). Moшер осмислила вежби за дишење, со што станала првата американска докторка која предложила телесни вежби за редуцирање на менструалните грчеви.

Со своите истражувања влегувала во сфери во кои тешко би можел да влезе некој маж, едноставно бидејќи жени не би го допуштале тоа.

Во времето кога Мошер ја добила својата диплома од медицина, во САД постоеле околу 7000 докторки и жени-хирурзи, но тие и натаму искусувале дискриминација. Дознавајќи дека мажите-колеги не се среќни што ќе добие работа како асистентка на гинеколошки хирург, таа одбива и отвора приватна пракса. Сепак, за Клелија на прво место била интелектуалната слобова и достапноста на субјекти за истражување. Затоа, во 1910 се враќа на Стенфорд откако ѝ е понудено место како асистентка на медицинскиот советник за жени на латедрата за лична хигиена.


Мошер ја опишувале како „интелектуална самотничка“. Не се зачленувала во групи ниту се поврзувала со други академки. На кампусот се истакнувала со својата типична „машкуданеста облека“. Воедно често жестоко ја критикувала модата, сметајќи дека времето што која било девојка го троши на шиење модерна облека треба да го посвети на учење.

Никогаш не влела во брак и имала неколку блиски врски, а живеела со мајка си на кампусот. Во својот дневник во 1919 запишала:

„Постепено откривам зошто сум осамена. Единственото што ме интересира се нештата за кои треба да се користи мозок. Жените кои ги запознавам не се толку заинтересирани, а и не запознавам многу мажи, оттаму постои интелектуална осаменост која може да биде опасна за умот“.

Приказната на Клелија Мошер е малку иронична: била загрижена феминистка која се држела подалеку од сестринствата; жена која ригорозно ги истражувала сексуалноста и бракот, а не може да се рече со сигурност дека што било од тоа искусила; била пионерка во светот на научниците и мечтаела за признание кое не го добила.

Целиот живот се борела со својот интелект и со фактот дека била жена во светот на мажи-научници, затоа потајно се надевала на промени и на остварување можности кои на жените ќе им бидат на располагање еднаш кога сексот ќе стане „помалку таен“, а полот помалку тежок. Во 1923 запишала:

„Родени во свет на неограничени можности, жените на идните генерации ќе покажат кои се вистинските капацитети на жените. Ќе имаат физичка, економска, расна и граѓанска слобода. Што ќе направат со неа?“

Клелија без сомнеж знаела како тоа да го искористи.

Извор: Vox Feminae