Поезија? Добро, ама како хоби.

18.12.2020 16:59
Поезија? Добро, ама како хоби.

Осум песни од категоријата „Поетски хумор“ на Окно.

 

Бејзил Бантинг

Што шефот му рече на Том

 

Поезија? Добро, ама како хоби.
Јас пуштам детски возови.
Господин Шо одгледува гулаби.

Тоа работа не е. Не се потиш.
Никој не те плаќа за тоа.
Мислам, би можеле да пишувате реклами.

Опера, да; или песнарки ‒
Осамениот Јавач.
Ненси пееше во хор.

Но да бараш дванаесет фунти неделно
‒ оженет сте, така? ‒
храбро, нема што.

Како да погледнам во очите
на кондуктер во автобус
ако ви ги дадам тие дванаесет фунти?

И кој е сигурен дека е тоа поезија?
Мојот клинец ‒ десет години ‒
Го умее истото, и уште со рими.

Јас заработувам три илјади, плус трошоци,
кола, дневници,
да, ама јас сум книговодител.

Како што ќе речам, така прават
во моето претпријатие.
А вие, што правите вие?

Некакви кратки, па долги зборови,
нездраво е тоа.
Кога ќе сретнам поет посакувам да се избањам.

Сè се тоа комуњари, зависници,
деликвенти.
Пишувате некои скапаници.

Тоа го вели и господинот Хајнс, а тој е учител
и тој тоа секако го знае.
Туку, работа побарајте.

 

Збигњев Херберт

За преведувањето поезија

 

Како несмасен бумбар
седна врз цветот
целото тенко стебленце се стресе
и тој се пробива низ слоевите на цветната обвивка
налик на страници од речник
стреми кон средиштето
кајшто се аромата и сладот
иако е настинат
и со затапен вкус
сепак стреми
и удира со главата
во жолтиот прашник.

И тука е крајот
тешко е да се продре
низ цветната чашка
до корењата
та бумбарот излегува
мошне горд
и гласно бруи:
бев внатре

а на оние
што сосем не му веруваат
носот го покажува
жолт од прав.

 


Артур Гитерман

Сè си е на место

 

Цветот е во коса, старецот под ќебе
Иглата е в сено, во колепката бебе,
Костурот во орман, на насловната игранка,
Врабецот е в рака, гулабот на гранка,

Црвот е во јаболко, мачката во вреќа,
Болвата е в уво, молецот врз свеќа,
Зајакот е уште в шума, ловецот на трага,
Бубрегот е в лој, а волкот на прагот.

 

Њумен Леви

Скандалозниот случај на Персивал и Жана-Сузана

 

Персивал Вилберфорс Хендерсон Крејн,
Жител на американската држава Мејн,
Беше пристоен, побожен, смерен,
На децата и сопругата предан и верен.
Жана-Сузана Валанс Дибоа,
Во Франција, во градот Троа,
Исто така верно го сакаше својот сопруг
Оти воопшто не беше во нејзиниот видокруг
Персивал Вилберфорс Хендерсон Крејн,
Жител на американската држава Мејн.
Тој за жена си беше врзан како со ортома,
Ја љубеше на секое излегување од дома,
И не гледаше на друга страна
Оти не ја знаеше Жана-Сузана.
За пат во Франција мечтаеше Персивал,
Со жената и децата таму би уживал,
Но бидејќи беа сиромашни
Останаа на искуствата домашни, дотогашни.
За тоа време копнееше и Жана-Сузана
Да не биде толку за по дома врзана,
Да ја види Америка, земјата забрзана.
Ама и таа со сиромав маж, и без среќа троа,
Сакала-нејќела си остана во Троа.
И Персивал продолжи со старите рутини,
Црква, работа, семејство - неговите вистини,
И не гледаше, се разбира, на другата страна
Оти не беше слушнал за Жана-Сузана.
И Жана-Сузана си остана чесна, без мана,
Можеби несветната оти не го беше сретнала
Жителот на Мејн, П. В. Х. Крејн.

 

Кенет Лилингтон

Балада за мојот психоаналитичар

 

Ме мачи грижа што во мојата глава
Нема подлабок, скриен, подсвесен слој:
Под мојот патец не се заканува со поплава
Никаков комплекс од фројдовски сој!
Никаде нема баш никаква невроза
И такви слични имиња фиксни
Никаде либидо ниту психоза,
Ниту скривалиште за тајни сни!

Во сништата немам амблеми
За аналитичка коректура,
Ниту какви било проблеми
За царина или за цензура,
Немам ни одвишен рафинман,
Ни простотилак од кој вријам,
Не ми треба никаков дерман ‒
Та не знам од срам каде да се скријам!

Се подига поклопецот од мојата глава,
Кога таму ‒ склопот е сосема в ред!
Немаат стручњаците со што да се бават
Кога ќе видат мозок толку блед:
Сè полно со воздух и многу светла,
Нема таму некој зафрлен кош
Залудно ќе трага стручната метла
По некој мрачен, скриен ќош!

И кога низ спиралните скали ќе се спушти
Подсвестнолошкиот тим истражувачи,
Залудни ќе им бидат трудот и надежите пусти ‒
Нема тука ништо што нешто значи!
Мојата подсвест има таков дизајн ‒
Што во нејзе шлајфува секоја тајна!
Ги нема комплексите од кои вријам ‒
Та не знам од срам каде да се скријам!

 

Стенли Шарплес

Одлука

 

Да се замеша или не ‒
На тоа се сведуваше сè.
За да го реши тој заплет
На убиство се реши Хамлет
Извршувајќи го крвавиот подвиг
Девет монолози по осознавачкиот миг.

 


Николај Олејников

Ѓеврек

 

О ѓевреку, производ ти си на пекарската вештина!
За јадење служиш, но поголема е твојата суштина!
На изглед си прост, но твојата тајна градба е завештение:
Посложена од часовник и повеличествена од растение.
Силеџија со треперлива рака те крши. Но тој е улав.
Нестрплив. Твојот прстен му предизвикува уплав,
А дупката славна, збиена
Го мачи како тајна сеуште неоткриена.
Ние во ѓеврекот гледаме, во таа проста фигура,
во неговата илјадагодишна архитектура,
Се обидуваме да сфатиме, да речеме „знам!“,
На на што, всушност, сето тоа ни личи нам?
Што значат дамките, кругот, кривините, за еден муштерија?
Залуд! Ѓеврековото значење за нас останува мистерија.

 

Огден Неш

Станувам сега и одам

 

Чак во Тибет
Е тој лама,
Нема тато,
Нема мама.

Нема жена,
Нема деца,
Јок му треба
Стрептомеца.

Нема сапун,
Нема плакар,
Не знае најлон,
Не знае бакар.

Нема шлагер,
Нема рок,
Не знае Присли,
Битлс јок.

Нема десни,
Нема зуби,
Не знае пасти
Па во туби.

Сака сече
Кога бричи,
Гајле нема
Како личи.

Не знае шљока
Ко некој,
Нема бонтон,
Пие млеко.

Не знае што е
Клозметика
Нема кола
Да се слика.

Нема весници
И такви ствари,
Купување
Не вари.

Себичњак е,
Ништо не презема,
Нема појма
Ни што нема.

Затоа, фајронт,
Поздрав пружам,
Одам најдам
Него дружам.

Превод на песната:Драгослав Андриќ (мали адаптации: П. В.)


Препев на песните: П. В. (освен „Станувам сега и одам“)

Слики: Lisbeth Zwerger

Сроден прилог

ОкоБоли главаВицФото