Георги Старделов (28 август 1930 – 11 јануари 2021)

12.01.2021 00:47
Георги Старделов (28 август 1930 – 11 јануари 2021)

IN MEMORIAM

Смртта е неумолив факт која молчешкум ни противречи и нè опоменува да занемиме, зашто зборовите никогаш не се достатни за да ја искажат нашата тага за оној што веќе со своето тело не е меѓу нас, но, смртта, едновремено, и нè предизвикува да зборуваме, зашто на почетокот на сè е зборот и зашто зборот е и на крајот – тој е онаа алфа и омега на севкупната наша култура и цивилизација. А токму на зборот и на мислата, на логосот од кој сè започнува и кон кој сè на крајот се сосредоточува, всушност, во целина беа посветени животот и дејноста на академик Георги Старделов, зашто тој како филозоф и естетичар, како филозоф на културата и литературен критичар, како врвен херменевтичар, токму во зборовите, во нивните значења и во нивната дејствителност ја наоѓаше смислата на својата неуморна научна и општествена дејност.

Како студент на академик Старделов кој беше ментор и на мојата магистерска и на докторската дисертација, но и како негов асистент по предметите Естетика и Филозофија на културата, како професор чија дејност и сега ја продолжувам во „Естетичката лабораторија“ на Филозофскиот факулет, на истата работна маса на која и тој во минатото седеше и ги држеше своите вехементни предавања, имав прекрасна можност непосредно да учам од изворите на неговото непресушно знаење целосно поврзано со областите на естетика, на филозофијата на културата и на книжевната и уметничката критика. Нашите разговори за феномените на уметноста, а особено за литературата, беа постојани и продуктивни, и јас во нив осознавав нови нешта дури до последните моменти од животот на мојот професор.
Последното наше непосредно видување беше во декември кога враќајќи се од Филозофскиот факултет поминав кај него дома за да му ја дадам на увид својата тукушто објавена систематска „Естетика“ како и поетската книга „Град“ за која самиот Старделов напиша обемен и прониклив поговор толкувајќи ја мојата поезија со само нему својствената акрибичност и посветеност. Тој негов поговор ме израдува повеќе од сè што е за мене до сега напишано. Сепак, разговорот, со оглед на нашите мачни Ковид околности беше краток, а сега жалам што не ја прифатив неговата покана подолго да останам и, како што велеше Старделов, да си „помуабетиме“. Тој веќе ја имаше дадено во печат својата последна книга „Раѓање на трагедијата“ а книгата требаше да ја добијам при нашата следна средба. Последниот, пак, наш разговор беше телефонски на првиот ден од новата 2021 година, кога во паузата од Виенскиот новогодишен концерт со години му се јавував на професорот за да му ја честитам годината и да си размениме убави зборови и за музиката и за секогаш прекрасните изведби на Виенските филхармоничари, но и за она што треба набргу поодделно и заеднички да го сработиме. Ова не го спомнувам само како некој ефемерен податок битен само за мене, туку многу повеќе како укажување дека за академик Старделов постојаниот непосреден однос кон музиката, кон поодделните уметности, самото естетско доживување, а оттаму и естетското доживување на сите поодделни уметности (од книжевноста до архитектурата) е во средиштето на неговиот естетички интерес. Непосредното доживување на уметноста за него, како што можеме да воочиме и од голем број негови естетички и книжевно-критички дела, е клучот за разбирањето и на севкупната естетика.

Но, во оваа тажна пригода, сакам да потсетам само на неколку важни белези на творештвото на академик Георги Старделов, со кои тој во целина се вгради во македонската филозофија и естетика, поточно стана составен и неодминлив дел од севкупната македонска култура и историја.

Познато е дека за филозофското, естетичкото, есеистичкото и книжевно-критичкото дело на академик Георги Старделов постојат кај нас бројни текстови и студии: кон крајот на минатиот век е одбранета и една докторска дисертација (1997), а подготвен е и избор од неговото херменевтичко дело посветено на новата македонска книжевност (2008), додека самиот јас повеќе пати се имам произнесено за темелните вредности на ова особено значајно научно, филозофско и херменевтичко дело, почнувајќи од освртот кон книгата на Старделов „Experimentum Macedonicum“ (1983), продолжувајќи со текстот посветен на објавувањето на капиталната студија на Старделов „Summa Aestheticae“ (1991) и поговорот кон неговите избрани дела во девет томови (2000), па преку поглавјето „Критиката и естетиката“ од мојата книга „Став и суштина“ (2010) во целина посветено на севкупното дело на Старделов по повод неговиот осумдесетти роденден, потоа преку освртот кон едно од последните дела на академик Старделов „Епоха Блаже Конески“, монографијата посветена на творештвото на Конески (2018) и завршувајќи со текстот „Старделов: Проживеано искуство (Кон деведесетгодишнината од раѓањето)“ напишан минатата година (2020) а објавен во последниот број на списанието на МАНУ – „МАНУскрипт“.

Во сите овие текстови и студии за Старделов како клучна нишка се провлекува мислата за неговата целосна посветеност, до последниот момент од својот живот, на работата врз своите ракописи, работата врз толкувањето на литературата, особено на македонската, работата врз своите естетички студии за уметноста и за нејзиното непосредно доживување и важност за суштината на човекот.

Научната, културната и образовната мисија на академик Георги Старделов своите темели ги засновуваше врз сопственото огромно знаење и желбата тоа знаење просветителски да им се пренесува и на упатените и на помалку упатените, а се со цел да не се заборава на минатото и да се има свест дека ништо не почнува од нас и дека ништо со нас не завршува. Во таа насока Старделов го создаде и своето тритомно фасцинантно дело „Summa Aestheticae“ посветено на јужнословенската, на балканската и на европската естетика. Во таа насока беше и неговата работа врз капиталниот макро-проект на МАНУ „Историја на културата на почвата на Македонија“, проект што започна да се реализира уште во минатиот век а чии 28 објавени томови претставуваат вовед во новата фаза од проектот кој ќе треба во годините што следуваат да го доживее своето заокружување, за жал, сега без неговиот spiritus movens, академик Георги Старделов.

Старделов беше човек со огромни познавања на светската и на македонската култура и книжевност. Тој беше човек што сите овие знаења умееше да ги преточи во прекрасни предавања, беседи, текстови и монографски студии. Со неговата смрт неговото семејство, но и сите ние, загубивме една цела, огромна и важна стожерна библиотека што се движи, филозофијата и естетиката кај нас го загубија својот најзначаен претставник, а, пак, македонската култура го загуби човекот што целосно ѝ се посвети – толкувајќи ја и бранејќи ја, и со својата дејност и со своето дело.