Дресирани умови

29.08.2016 11:37
Дресирани умови

МЕМОРИЈАТА Е КАКО ШИЛО … (6)

16.

Нормално е кога нешто ќе започне скандалозно, така и да заврши – скандалозно. Не сме ние од тој профил, од таа класа па скандалозните нешта да успеваме да ги корегираме брзо и соодветно, културно. Говорам за Струшките вечери на поезијата, се разбира, кои што започнаа срамно, или скандалозно, а во режија на професорката Шелева, ама завршија исто така, без нејзино учество, но со учество на целата преостаната жири комисија, па целиот Управен одбор, па Дирекцијата, па Министерството за (не)култура како надлежен орган.

Зашто, прво, на крајот ги разбравме преостанатите четворица од онаа жири комисија, оние четворица (двајца, демек, поети и две, демек, поетеси!) кои не смееа глас да пуштат на обвинувањата на „петтиот елемент“, кој(а) ги обвини за „тенденциозна одлука“, за „етички и естетички преседан“, за огрешување и отстапување „од темелните вредносни и етички параметри / принципи“. Овие четворица, двајца демек поети и две демек поетеси, на сето тоа плукање се однесуваа како да ги врне дожд, што би рекле народски! Какви неморални дебелокожци. Никој ни „а“ ни „б“. Не знам така ли ги учат, така ли ги дресираат ова властелините пред да ги впуштат во погон за нив да ги вршат валканите „културни“ работи, ама ова не е поетско, уште помалку човечко однесување. Што ли значеше нивниот молк во случајов не сакам ни да нагаѓам. Би паднал на нивното рамниште, а тоа е премногу ниско.

17.

Но, ако првото им беше тренирано, не сум сигурен дека беше и второто, она кога нивната Дирекција се огласи со фамозното „Зошто имало потреба да се направи скандал поради еден автор? Зарем другите 40, кои не се селектирани, не се вредни зад нив да се застане, во случај да имало некаков проблем во жирирањето“. Или тие мислат дека тоа не се однесува (и) на нив? Тие не се таквипоети, од оние за кои нема потреба да се прави скандал зашто таквите (скандалозни) дејанија се резервирани за посебна (непријателска?) група автори? Веројатно и не се, веројатно воопшто и не се поети штом не ги интересира ете токму тој „еден автор“, еден колега / колешка, па нека е и Димковска, нека е и некој кој воопшто не живее тука?! Или, ги заболе нив за авторите се’ дури тие си седат по такви и слични тренирани комисии?

Ама и тоа како да беше малку, па четворицава дресирани уста не отворија ни за „елоквенцијата“ на директотор им, кој на прес конференција ги поплука, испцу и испрати на психијатриско лекување сите оние на кои не им се допаѓала одлуката на жирито и на дирекцијата, сите оние кои изгледа имале нешто против неговите Струшки вечери итн. Го премолчеа и тоа, иако овој говореше (и) во нивно име! Што ти е современа дресура, од македонски тренери!!!

Апропо сето ова, глас не пушти ни годинашниов добитник на наградата „Браќа Миладиновци“. Ниту него не го тангира тој „еден автор“, кој и да е’, ниту него не го засега речникот и поведението на тие кои му ја доделуваат наградата. Но, и тоа е своевидна дресура – ништо да не те интересира освен личните интереси во вид на награди! Не се огласи, нормално, ниту некој од оние „поети“ кои влегоа во потесна конкуренција за наградата. И за нив тој „еден автор“ беше ирелевантен!

18.

Е сега, ние овие „персони’ можеме да ги гледаме како сакаме, можеме да ги нарекуваме како сакаме – а впрочем, сите имиња би им одговарале, не се сомневам – нивното однесување за нив и за многумина ним слични е безмалу нормално. Но, ако ваквиот молк, ако ваквото однесување, особено и последниот скандал со насилното исфрлување на шефот на кабинетот на градоначалникот на Струга (зашто не бил акредитиран новинар!?), е примерено за една поголема група дресирани типови, запрепастува молкот на сите други инволвирани. Бидејќи, не можеме да одречеме дека тука е значително инволвирано – директно или индиректно – и Друштвото на писателите на Македонија, зашто тоа е „надлежно“ дури и за оној „еден автор“, или колку и да се, што им ги боцка(ат) очите на овие. Тоа е надлежно за сите македонски (и не само македонски!) автори, тоа е надлежно и за речникот на директорот на манифестацијата … Или и таму се сите – дресирани? Не можеме, понатаму, да ја одречеме и надлежноста, и тоа формална но и фактичка, и на Министерството за (не)култура, зашто станува збор за манифестација од (интер)национален карактер финансирана со огромни средства од заедничкиот буџет, што ќе рече и од парите на оние „проблематични“ автори.

Без да ме потсетува некој, знам дека првиот, најнадлежниот во случајов, би бил Управниот одбор или Советот или како и да се вика телото кое што, барем формално, „раководи“ со оваа манифестација односно ги застапува пошироките општествени интереси. Ама намерно ги прескокнав. Зашто, тие да беа навистина некакво одговорно тело, ќе се јавеа веднаш, уште при самата најава на скандалот. Вака, за такви неморални дресирани умови не вреди да се троши време!

Цртежи:Igor Smirnov
Извор: Теодосиевски уметност

Слични содржини

Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура

ОкоБоли главаВицФото