Музејски посетител паднал во огромна дупка во подот што личела на дупка од цртан филм

19.01.2021 16:14
Музејски посетител паднал во огромна дупка во подот што личела на дупка од цртан филм

Токму како во реална верзија на цртан филм, еден посетител на португалски музеј се повредил минатата недела кога стапнал во уметничка инсталација налик на нацртан црн круг на подот.

Инсталацијата „Спуштање во лимбот“ од Аниш Капур поставена во музејот Сералвес во Порто, вклучува вистинска дупка длабока 2.5 метри обоена црно така што да делува како да нема воопшто длабочина.

Посетителите на претходните излоби на делото се чуделе „дали тоа навистина има дупка во подот или е само нацртан круг и обоен во екстремно црна боја“.

Иако самата инсталација била опкружена со знаци за предупредување и персоналот ги предупредувал посетителите да не се приближуваат премногу, околу неа немало ограда. Не е познато како точно посетителот, инаку 60-годишен Италијанец, успеал да стапне во дупката, но по падот во дупката од 2.5 метри бил кратко хоспитализиран.

Капур, покрај тоа што е познат по неговите џиновски инсталации, Капур во 2016 обезбеди ексклузивни уметнички права за исклучителниот материјал Вантаблек. Вантаблек, развиен од британската компанија Surrey NanoSystems е материјал способен да ги зароби речиси 100% од фотоните. Само 0.035% од видливата светлина е рефлектирана од објект покриен со Вантаблек, оневозможувајќи да се видат какви било облини или контури - ниту прецизно да се процени длабочината на дупка ако не знаете во што гледате. Инаку, овој материјал првично била развивана за воени цели, да ги направи објектите невидливи за непријателот.


Скулптура прекриена со Вантаблек

Страста на Аниш Капур за „најцрната црна“ на Surrey NanoSystems датира од моментот кога компанијата ја претстави Вантаблек во јули 2014, а во 2016 британскиот уметник роден во Мумбај си ги обезбеди ексклузивните права за користење на материјалот во областа на уметноста. Многу негови колеги веднаш го проблематизираа овој монопол врз боја, на што Капур одговори дека контроверзата е резултат на недоразбирање, зашто не се работи за боја „што излегува од туба“, туку за аплицирање на ултра тенок слој карбонски наноцевки, што подразбира научно раководен технoлошки процес.

Имено, за производство на Вантаблек се користи реактор (процесот е класифицирана/доверлива информација со највисоко ниво на тајност – како што кажавме, оригиналната намена е воена), а научници се неопходни и за да го ‘залепат’ деликатниот материјал на саканата површина.

Инсталацијата „Спуштање во лимбот“ била изложувана и пред Вантаблек да биде претставена пред јавноста, креирана со обична темна црна боја која го создавала истиот ефект на отсуство на длабочина. Барем за еден љубител на уметноста, изгледа и тоа ќе било доволно за да ужива во делото.

Извор: Gizmodo

ОкоБоли главаВицФото