Каде се бучните деца? Ене ги на сајтот

28.04.2021 15:11
Каде се бучните деца? Ене ги на сајтот

  Деца што возат скејт по улица. Парови што се препираат во стан. Луѓе собрани на тротоарите, со часови некого озборуваат. Некои би рекле дека сите овие активности претставуваат загадување со бучава. Еден нов сајт во Јапонија овие извршители ги ставил на мапа, така отворајќи дебата за тоа кој го нарушува мирот.

Сајтот се вика DQN Tidat, и вели дека е „водич создаден со краудсорсинг“ кој треба на луѓето во потрага по нов дом да им помогне да ги избегнат населбите населени со „глупави родители кои им доволуваат на децата да си играат на патиштата и на паркинзите“.

Жителите кои сметаат дека бучавата е неподнослива нашле засолниште и глас на овој сајт, кој собира анонимни жалби за соседите и ја „пинува“ секоја пријава на интерактивна мапа.

Жалбите поради бучава се особено зголемени во Токио. Тамошната полиција забележала 30 до 40 проценти повеќе пријави во март и во април минатата година, баш тогаш кога владата наредила да се затворат училиштата и препорачала работа од дома.

Авторот на сајтот во февруари одговарал на прашањата на медиумите но одбил да се претстави. Навел дека мапата презентира не толку суптилни укажувања на жителите - имињата никогаш не се наведуваат - и на службениците, за кои се надева дека конечно ќе им биде обрнато внимание.

Сајтот е започнат во 2016 година и на почетокот имал неколку стотини корисници. Оттогаш растел експоненцијално, како што се јакнела дебатата. Особено се на удар звуците на детските игри за кои, според наведувањата на експертите, има се’ помалку толеранција.

Иако на социјалните мрежи многумина ја пофалиле идејата, некои родители велат дека овој прстап е загрижувачки и ставуваат од се’ поголем јаз помеѓу родителите со деца и оние кои не ги поднесуваат. Помеѓу 6000 обвиненија - тука се и пријавите за лошо паркирање, премногу псовки или мачки кои гребат по автомобилските гуми - најчести се оние кои јасно ги исцртуваат деловите и улиците каде децата слободно си играат.

Акихико Ватанабе, професор по образование на Универзитетот Шига во близина на Кјото, вели дека мапата има потенцијал да им наштети на децата и на тинејџерите, така што ќе ги изнесе местата каде што се собираат без надзор. А некои родители станале и многу дефанзивно настроени во однос на забелешките за нивните деца.

„Порано родителите се извинуваа и ги прекоруваа своите деца“, вели тој. „Но сега многумина се непријателски расположени кон луѓето што се жалат.“

Најмалку 1500 нови корисници се регистрирале само во март и април минатата година. Една типична пријава изгледа вака: „Собирањата се многу дрски и бучни. Долго ги набљудував, но никако не престануваа. Децата беа без никаков надзор и правеа некакви чудни звуци.

Друга, пак, гласи вака: „Три или четири клинци овде се собраа и гласно играа за време на празниците а нивните високи гласови одекнуваа низ соседството.“

Експертите велат дека се’ постарото население на Јапонија станува нетолерантно кон деца.

Парковите и јавните простори се начичкани со знаци кои забрануваат различни видови активности. Паркот Ниши-Икебукуро во Токушина, дел од Токио, привлече посебно внимание бидејќи таму се забранети 45 различни активности.

Извор: New York Times International

ОкоБоли главаВицФото