Сега лекарот ќе ви препише поезија

29.05.2021 10:55
Сега лекарот ќе ви препише поезија

Многумина од нас а можеби и сите ја поминавме изминатата година во залудни обиди да го пронајдеме најдобриот начин на жалост и тагување по оние што сме ги изгубиле, да се соочиме со стресовите, повторно да ги оживееме задоволствата што ни ги украде пандемијата на Ковид-19. На Зум платформата посетувавме и погреби и свдаби, наизменично смеејќи се и плачејќи пред екраните, во обид да му дадеме смисла на светот свртен наопаку.

Но, се прашувам колку луѓе се свртеа кон поезијата како кон извор на утеха, поврзаност, инспирација и прифаќање.

Некој што долго време ја ставал поезијата на пиедестал и лично и професионално е др. Норман Розентал, психијатар од Роквил, Мериленд, инаку пионер во користењето на терапијата со светлина за сезонските пореметувања на расположението. Др. Розентал вели дека користел песни како помош во терапијата и тоа кај пациентите давало навистина позитивни резултати.

„Ја засакав поезијата штом научив да читам и таа ми беше личен извор на утеха во различни периоди од животот. Како терапевт собирав поетски дела за кои сметав дека имаат моќ да лечат, да инспирираат или макар да донесат радост“, вели тој.

Др. Розентал сите тие песни ги собрал во книга насловена „PoetryRx: How 50 Inspiring Poems Can Heal and Bring Joy to Your Life“ (Рецепт за поезија: Како педесет инспиративни песни можат да лечат и да внесат радост во вашиот живот), а во книгата се содржани и текстови за времето и условите во коишто тие биле напишани и нивни толкувања.

Иако сите ги слават вакцините како потенцијално единствениот спас од заканата на разорниот вирус, др. Розентал смета дека поезијата може да биде вакцина за душата. Во светот кој е толку совладан од загуби, толку лишен од задоволства, тој верува дека поезијата може ја пополни празнината, да ни понуди макар краткотрајно прибежиште од неволјите и надеж за подобро утре.

За Маргарет Шраер, прабаба од Минесота, поезијата е како добар пријател: сигурен извор на инспирација и утеха , кој ѝ помогнал да остане прибрана во текот на долгите и осамени ковид месеци во еден старски дом.

„Поезијата генерално ме подига. Во секој стих постои по еден мал грумен вистина и кога ги прелистувам поетските збирки секогаш наоѓам некоја песна која ми одговара, која ме тера да продолжам. Песните ги читам на глас, секогаш кога ќе ѝ се навратите на некоја песна ја слушате со други уши. На луѓето кои мислат дека не ја сакаат или не ја разбираат поезијата, секогаш им кажувам: а што е со песните кои се пеат? Онаа твоја омилена песна, па и тоа е поезија. Некои од најпрекрасните стихови се всушност во музичките нумери“, вели таа.

Инспиративната песна на Аманда Горман за која сите зборуваа по инаугурацијата на претседателот Џозеф Бајден, на милиони луѓе им покажа каква емотивна и општествена сила може да има поезијата.

Дајана Раб, психолог и поетеса од Санта Барбара во Калифорнија, на својот блог напиша: „поезијата може да ни помогне да сфатиме дека сме дел од голема сложувалка, дека не живееме во свој изолиран свет. Пишувањето и читањето поезија може да биде зачеток на растењето, на лечењето, на промени. Поетите ни помогаат да го видиме светот на начин на кој не сме навикнати“.

И др. Рафаел Кампо, лекар и поет од Медицинската школа на Харвард, верува дека поезијата може да им помогне на лекарите да бидат повнимателни, полесно да развијат емпатија кон своите пациенти и да бидат свесни за човечноста без кое не може да постои вистинско лекување. За тоа зборуваше во својот говор на ТЕД, во 2019 година: „Кога ќе го слушнам ритамот на јазикот, кога рецитираме поезија, нашите тела ги преведуваат тие податоци во нијансирано знаење – чувствата добиваат значење“.

Според др. Роберт Керол, психијатар кој работи во Медицинскиот центар на Универзитетот Калифорнија, поезијата може да им помогне на луѓето да проговорат за работите коишто се сметаат за табу, како што се смртта и умирањето.

„Кога на луѓето ќе им се случи да загубат некој близок треба да им се дозволи да ги изнесат своите чувства, да ја изразат својата болка. Треба да им се понуди поддршка и сочувство. Луѓето самите знаат кога е време да се продолжи понатаму“, вели тој.

Илустрации: Janusz Kapusta

Извор: The New York Times