Alice, What Else is Out There?

27.12.2010 12:21
Alice, What Else is Out There?

Велимир Жерновски: Alice, What Else is Out There?
Музеј на современата уметност, Скопје
22 декември 2010 - 5 февруари 2011

“Зошто не би зборувал за себе самиот, кога тоа ’себе’ веќе не е јас?“

Ролан Барт

Ако сакаме да го поставиме творештвото на Жерновски, да му дадеме одреден контекст на припадност, во смисла да се укаже на соодветни релации и односи во рамките на македонскaта уметничка сцена, веднаш ќе се најдеме во ситуација да не можеме да го позиционираме/контекстуализираме. А причината е колку “банална“, толку и обесхрабрувачка. “Банална“: па ние веќе подолго време заборавивме дека постои нешто што се нарекува современа, актуелна македонска уметничка сцена. Обесхрабрувачка: па ние речиси и да немаме современа, актуелна македонска уметничка сцена. Ако во далечната 1996 година за одредувањето на македонска уметничка сцена се употребуваа квалификаците како инцидентна, невтемелена, дезориентирана, скромна и тивка ‘сцена’ ( Валентино Димитровски: 1996, Големото стакло), сега сме во ситуација да се запрашаме дали воопшто можеме да зборувааме за “сцена“. За “сцена“, дури и за инцидентната, потребна е јавност, критичка свест, потребна е можност да се биде во отвореноста на јазикот како место каде што можеме да разговараме, слушајќи се едните со другите. Такво место на разговор веќе подолго време ни недостасува.

Местото на недостатокот е местото на кое Жерновски преку архетипскиот лик на Алиса прашува со прашање кое и` е упатено на Алиса: Alice, What Else is Out There? А тоа “таму“ (Out There) е неодредено: може да e внатре (зад отворената врата ), но може да е и надвор (пред вратата). Исто како што Алиса од прикаската постојано се наоѓа на некој вид на граница, дали да ја прифати можноста дека навистина се наоѓа на некое чудно место, или дека само сонува, така и Алиса на Жерновски се наоѓа на границата меѓу она надвор (општествените норми) и она внатре (сопственото Јас).

А, за кое тоа “таму“ е прашана Алиса? И, што всушност има таму? Ако ја следиме прикаската на Жерновски во која што нè воведува Алиса (Алиса, со уши на Мики Маус, нацртана на ѕидот од фоајето на Музејот на современата уметност, како клечи пред малата отворена врата обидувајќи се да види што има “таму“), ќе се најдеме во еден чуден свет на споеви на поетски и визуелни фигури, на детски цртежи и субкултурни фигуративни претстави, на колажи и инсталации, видео, фотографии, поетски текстови. Визуелната прикаска на Жерновски е разбиена, таа не се базира на еден фабулативен визуелно ликовен принцип, туку е применет принципот на монтажа или колаж на различни дискурзивни и ликовни елементи кои спротивставени едни на други произведуваат дополнителни текови на прикаската не дозволувајќи и` на тој начин да се затвори. Но, можно ли е прикаска раскажана во форма на прашање воопшто да се затвори?

И кој е тој што раскажува прашувајќи? Жерновски или можеби некој друг? Некој друг Жерновски? Ако на фабулата на патувањето, претставена преку ликот на Алиса, ги додадеме елементите на сонот, потсвеста, идентитетот, маските, огледалата, симулацијата, тогаш сме на пат да го откриеме и субјектот кој прашува раскажувајќи. Тоа е оној којшто се крие зад маските, оној којшто криеќи се себе си, се открива преку поставувањето на прашање. Соочени сме со повеќеслојна позиција на субјектот којшто испитувајќи различни биографии (преку фамилијарни фотографии, искази на пријатели и сл.) всушност почнува да ја испишува сопствената автобиографска потрага по идентитетот. Следејќи ја линијата на нарацијата низ петте ликовни “поглавија“ (Сребрен занес, Трансформемемории - инсталации, Во третата слика, Егзорцист, За добра ноќ - видеа) откриваме дека се движиме по едно сложено семантичко дискурзивно поле каде потрагата за идентитетот неможе да се запре. А не може да запре зошто прашањето ’што друго има таму?’ не дозволува постоење на една единствена, сингуларна и неделива стварност. Зошто, ако постои нешто како вистински, цврсто структуриран индентитет којшто го обликува субјектот, тогаш не би постоела и потребата да се трага по него. Се трага само по она што ни недостасува, по она што го немаме. А потрагата, предметот на потрагата тешко може да се артикулира ако субјектот не се препознае и идентифицира во другиот и другоста (туѓи фотографии, туѓи искази, туѓи биографии, референци на други автори Ворхол, Дизни), што укажува на невозможноста субјектот да се затвори, да се фиксира во сопствената сингуларност. Од оваа перспектива, нарацијата на идентитетот низ прекините и апориите на разбирањето и референцијалноста, ги поткопува претставите за постоењето на еден монолитен, хомоген и цврст идентитет.

Во контекстот на постмодернистичката поетика ваквите прикаски функционираат како стратегија на отпор во однос на претензиите на големите прикаски и големите национални, херојски теми.

ОкоБоли главаВицФото