
Господине Дакиќ, за вас многу малку знаеме, вие сте еден од ретките уметници кој во 1987 ја напушта Македонија, останува толку долго надвор и опстојува како самостоен уметник во Берлин, до денес. Како се случи тоа, која е причината за вашето заминување и зошто Берлин?
- Тоа што малку знаете за мене, не сте пропуштиле ништо возбудливо, сепак, ви благодарам на вниманието.
Нема тука некоја посебна причина, човек заминува затоа што заминува, го гони нешто да замине, некое соочување со себе, со непознатото. Моето заминување беше нешто повеќе од туристичка екскурзија. Се туркав по улиците изгубен, без адреса и со скудни финансии. Берлин беше случајност. При крајот на моите студии на ФЛУ-Скопје прво заминав за Париз, останав три месеци, се вратив, дипломирав и пак заминав за Париз, останав одреден период, па заминав за Западен Берлин.
Западен Берлин беше резерват на западната хемисфера, збиен како во конзерва. Тоа беше најлудиот град на светот, затворен во ѕидови, бодликава жица и мински полиња, а внатре лудница - војска, шпиуни, штазиагенти, кафани, проституција, егзибиционисти, лопови, панкери, шверцери, уметници... вриеше од галерии, клубови и концерти. Бев примен во Здружението на професионални уметници на Берлин (BBK), отидов во Сенатот за култура со моето портфолио, почекав петнаесет минути и ми издадоа еден лист со пет реченици дека мојот престој е збогатување за градот Берлин. Звучи откачено но тоа се случи. Тој документ беше почеток на мојата борба за опстанок.
Што е тоа што скоро половина живот ве задржа во Берлин и сѐ уште ве држи?
- Моето доаѓање во Берлин беше почеток од нула и таа бројка се зголемуваше низ времето, почнува животот да функционира, да се остварува некаква стабилност, чекор по чекор, беше напорно, а особено со мало дете напорот се удвојува. Живеам во центарот Шарлотенбург, ателјето ми е сто метри од станот, здравствено и пензиско осигурување - тој програм не се напушта така лесно, а и немам подобра понуда. Берлин е прекрасен град.