Поразителна ковид статистика: Дури 43 отсто од хоспитализираните во ковид центрите починале

22.07.2021 16:26
6.669 луѓе заболени од корона излегле живи од болниците

 

Од 11.851 лице хоспитализирано поради ковид-19, во болница починале 5.150, открива последниот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) кој изнесува податоци заклучно со 18 јули 2021 година. 

Изразено во проценти според овој извештај стапката на смртност во болниците е 43 отсто.

Од случаите кои се водат како оздравени, 6.669 (4,4%) биле хоспитализирани додека останатите 143.554 (95,6%) биле на домашно лекување.

Заклучно со 18 јули, регистрирани се 5.487 смртни случаи. 

Најголем број смртни случаи се регистрирани на 08.04.2021 година (49), а според недела на пријавување во тек на 14. недела во 2021 година (293 случаи).

Од регистрираните смртни случаи, најголем дел се на возраст над 60 години (4.521) каде е регистриран и највисок специфичен морталитет – 1.179,5/100.000 жители.

Регистрирани се 3.400 смртни случаи кај лица од машки и 2.087 кај лица од женски пол.

Од Министерството за здравство високиот процент на смртност кај хоспитализираните го објаснуваат со податокот дека 9 од 10 од починатите имале хронични болести. Од починатите, кај 4.040 (73,6% од лицата за кои има податок) се регистрирани коморбидитети, најчесто кардиоваскуларна болест (3.222), дијабет (1.368) и белодробна болест (603).

Регистрирани се 6 смртни случаи кај бремени жени и 30 смртни случаи кај здравствени работници. Од пријавените случаи, 337 (6,2%) починале во вонболнички услови, а 5.150 (93,8%) починале за време на хоспитализација, се наведува во извештајот.

Моментално се хоспитализирани 32 лица.

Извор: https://plusinfo.mk/

 

ОкоБоли главаВицФото