Зошто крајот на пандемијата побавно доаѓа во Македонија?

07.10.2021 11:29
Зошто крајот на пандемијата побавно доаѓа во Македонија?

На почетокот на пандемијата проценувавме дека најверојатно ќе трае две години. Година и седум месеци подоцна, се прашувам дали тоа воопшто ќе се случи во Македонија.

Не поради недостатокот на механизми и средства како да стигнеме до крајот туку поради недостатоци во пет клучни фактори кои водат кон тоа: довербата во институциите, јасната стратегија на владата, комуникацијата со јавноста, здравствениот систем и вакцинацијата.

Состојбата денес и смртноста од КОВИД-19

Во тек е четвртиот бран на КОВИД-19. Иако навидум сме го поминале пикот, укажано со падот во репродуктивниот број и падот во бројот на активни случаи (види График 1), епидемиолошката состојба е сѐ уште нестабилна и постои ризик бранот да се развлече или да се појави нов бран подоцна оваа есен и зима.


График 1. Епидемиолошката состојба на КОВИД-19 во Македонија. А. Тековниот репродуктивен број (R) на SARS-CoV-2 се движи околу 1. Сината линијата го претставува проценетиот R по денови (R(t)); сенките ги претставуваат 95% интервалите на доверба. Црвената линија ја претставува границата на R(t) – кога е над 1 епидемијата се шири а кога е под 1 епидемијата стивнува. Б. Бројot на активни случаи на КОВИД-19 по денови, претставен со црната линија. Црвената линија го претставува кумулативниот број на смртни случаи. Извор: Министерство за здравство, treker.mk

До 05 октомври се регистрирани околу 6.700 смртни случаи од КОВИД-19 во Македонија, која е една од земјите со најголема смртност од КОВИД-19 на милион жители во светот. Покрај нив, имаме и огромен број нерегистрирани смртни случаи кои се должат на пандемијата. Според последните податоци од Државниот завод за статистика (ДЗС), од почетокот на 2020-та до крајот на јули 2021-ва починале 42.062 луѓе. Во дадениот период, доколку сме немале пандемија, проценувам дека ќе починале 32.769 луѓе. Што значи дека умреле околу 9.300 луѓе повеќе одошто што би било очекувано. Дотогаш, биле регистрирани околу 5.500 КОВИД-19 смртни случаи - скоро 60% од „вишокот“ починати (види График 2).


График 2. Прекумерната смртност во Македонија за време на КОВИД-19 пандемијата. Столбовите ги означуваат отстапките од очекуваната смртност по месеци. Вредностите над 0 укажуваат на бројот на вишок смртни случаи во даден месец.Забелешки:

1. Податоците за 2021 се првични процени според ДЗС и можат да претрпат измени.

2. Моделот е базиран на месечните варијации во смртност од јануари 2010-та до декември 2019-та.

Се поставува прашањето колку од преостанатите смртни случаи биле директно предизвикани од КОВИД-19 а колкумина се прерано починати од други болести - кардиоваскуларни болести, рак, дијабетес, итн. Тоа е огромна загуба во краток временски период. Како да прерано сме изгубиле популација на еден град со големина на Ресен, луѓе кои можеле да имаат уште години живот.

Нејасна стратегија и политички дискурс

Една од причините за лошото справување со пандемијата е отсуството на конзистентна и јасна владина стратегија. Многу од нејзините одлуки делуваа реактивно, доцнеа или беа со спорна оправданост. Тоа особено беше воочливо во изминатово лето, кога владата речиси целосно ги укина мерките без контрола на влез во државата на потенцијални случаи иако имавме исклучително ниска стапка на вакцинација. Ова, проследено со масовните собири за време на прослави и појавата на вирусната делта варијанта, доведе до преран четврт бран кој бргу се рашири и доведе до целосно разнишување на граѓанската дисциплина.

Балансот помеѓу сочувувањето на економијата и функционалноста на општеството наспроти донесувањето мерки за сузбивање на пандемијата беше далеку од оптимален, но тоа не е проблем само во Македонија туку во повеќето земји во светот, вклучувајќи ги и останатите балкански земји. За дополнително влошување на состојбата придонесе и големото политизирање и искористување на кризата за недолични пресметки на политичките опоненти. Политичарите не соработуваа за заштита на интересите на народот и државата, туку се однесуваа себично, со ниски, краткорочни цели за превласт.

Ваквата политичка атмосфера и владина неконзистентност, проследена со долгогодишното селективно спроведување на законите, како и животната несигурност, која системот ја нуди во поглед на работничките, родовите, социјалните и здравствените права, верувам дека сериозно влијаеа на мотивацијата и волјата на народот да се избори со досега најголемата државна здравствена криза.

Слабости во здравствениот систем

Пандемијата ги извади на виделина слабостите во македонскиот здравствен систем, кој со години има недостаток на кадар, опрема и инфраструктура. Имаме добри кадри, но немаат соодветни работни услови и се прегорени од работа бидејќи мораа одеднаш да лекуваат огромен број КОВИД-19 случаи. Ова доведе и до запоставување на останатите болести, што веројатно придонесе за прекумерната смртност. Делувањето на приватните болници и лаборатории во однос на цените и начинот на лекување поголемиот дел од времето остана нерегулирано. Опстојуваа како паралелни структури, надвор од националната стратегија за пандемијата, кои наплаќаат енормни суми во состојба на криза.

Се движиме кон можеби последниот бран на пандемијата, земајќи го предвид порастот на базичниот репродуктивен број, големината на преостанатиот дел од популацијата кој е ранлив на инфекција и ниската стапка на вакцинација; и понатаму не сум убеден дека постојат јасни национални протоколи за водење и третман на пациентите со КОВИД-19 во примарна здравствена заштита. Протоколи на локално ниво во болниците постојат, како тој на инфективната клиника во Скопје кој е според медицина базирана на докази и се ажурира локално (линк до стара верзија). Но, стандардизирани, јасни национални протоколи на ниво на држава се очигледно потреба и за матичните лекари и за болниците, за што сведочат и лекари од терен.

Навистина не можеме да ги обвиниме матичните лекари за нестандардизирано лекување бидејќи преку мејл имаат добиено погрешни упатства да ординираат високи дози ивермектин и антибиотици за лекување КОВИД-19 од државни установи, спротивно на медицина базирана на докази. Згора на тоа, неодамна двајца професори од Медицинскиот Факултет повторно јавно ја препорачаа употребата на контроверзниот ивермектин. Во време кога ниедна сериозна институција во развиениот свет го нема препорачано лекот за лекување КОВИД-19. Тука спаѓаат и американската Агенција за храна и лекови, Европската агенција за лекови и Светската здравствена организација, кои потенцираат да не се употребува ивермектин надвор од клинички опити и да не се користи за превенција и лекување КОВИД-19. Оваа препорака ќе остане на сила сѐ додека нема солидни податоци кои би ја оправдале неговата употреба.

Ваквиот нестандардизиран пристап во третманот на болеста остава сериозен сомнеж во и онака збунетата јавност. Граѓаните не знаат кому да веруваат кога лекари изнесуваат тврдења кои се спротивни на светскиот научно-медицински консензус. Тоа влијае да дел од пациентите не се јавуваат на лекар или не се третирани навремено.

Недовербата се должи и на погрешните информации

Сево ова придонесува за недовербата во институциите, но клучниот соработник на недовербата се погрешните информации. Голем дел од граѓаните не ги следат препораките или одбиваат да се вакцинираат поради погрешни информации и теории на заговори, што води до побрзо ширење на вирусот.

Дополнително, состојбата на масовно ширење дезинформации не беше пропратена со екстензивна здравствена комуникација. Поразително е што многу луѓе и понатаму не ја разбираат сериозноста на КОВИД-19 пандемијата, не веруваат дека вирусот постои, не веруваат во ефикасноста и безбедноста на вакцините или веруваат во налудничави идеи.

Тешко е да ги обвиниме тие луѓе, иако имаат вина, бидејќи не можеме да очекуваме граѓаните одеднаш да имаат доверба во корумпиран систем каде правото затајува. Не можеме да убедиме некој на добро однесување за време на пандемија кога има селективно санкционирање на оние кои не ги почитуваат законите. Јавното здравје не е изолирано од останатите делови од животот и сите системски грешки си влечат свои последици и доведоа до состојбата во која сме денес.

Единствен начин да се вратиме во „нормала” е преку вакцинирање!

Сепак, сѐ уште верувам дека со информирање на народот и непрекината, транспарентна комуникација ќе успееме да ги разбиеме митовите. Не постои дилема дека високата стапка на вакцинација е единствен начин да излеземе од оваа пандемија. Вакцините се безбедни и високо ефективни во спречување хоспитализација и смрт од КОВИД-19 и веројатно долгорочно ќе нѐ штитат од тешка болест од идни соеви на SARS-CoV-2. Со секое вакцинирање на 100,000 луѓе во Македонија во просек спасуваме околу 750 луѓе (види График 3А).

Доколку би вакцинирале над 80% од возрасната популација, би можеле да се вратиме во некаква нормала без рестриктивни мерки, како што тоа го направи Шведска на 29-ти септември. Дури и тогаш не треба да очекуваме дека ќе го отстраниме вирусот и дека тој повеќе нема да циркулира во популацијата. Трансмисијата на вирусот ќе продолжи. И понатаму ќе детектираме случаи, но многу поретко, а КОВИД-19 ќе стане многу поблага болест бидејќи повеќето граѓани би имале некаков имун одговор кон вирусот. Тоа е всушност и една од клучните разлики помеѓу КОВИД-19 и грипот, што доведе до потребата од дополнителни мерки за справување со оваа пандемија. За разлика од вирусот на грип, SARS-CoV-2 е вирус кон кој никој од нас немал имун одговор пред неговата појава што и придонесува за тежината на КОВИД-19. Денес, благодарение на вакцинацијата, од аспект на управување со пандемијата, би можеле да ѝ пристапиме на КОВИД-19 како што му пристапуваме на грипот доколку повеќето сме вакцинирани.

Сепак, како и за било која друга болест, ниедна заштита не е апсолутна, па ни вакциналната. Така, некои луѓе, главно постари и имунокомпромитирани лица, нема да бидат заштитени од КОВИД-19 ниту со вакцинација. И кај нив можеби трета доза вакцина би била од корист. Можеби кај овие пациенти новите лекови би одиграле битна улога. Еден таков надежен лек е молнупиравир, но рано е да се каже со сигурност бидејќи се потребни поголеми студии за неговата ефикасност. Засега, нема доволно научни докази во прилог на потребата од трета доза за целата популација. Всушност, од етички и здравствен аспект, сега е многу побитно да што повеќе луѓе вакцинираме со две дози пред да размислуваме за трета доза за било кој.

Тешка болест и смртни случаи од КОВИД-19 и понатаму ќе гледаме кај ранливи групи и највозрасните, но тие ќе бидат драстично поретки кај вакцинираните. Преголемо внимание се посветува на тоа колкав е процентот на вакцинирани меѓу починатите од КОВИД-19 во Македонија, што ја наметнува потребата да тој феномен се појасни. Како што ќе расте бројот на вакцинирани, особено кај најстарата популација, така ќе расте и нивната застапеност меѓу починатите од КОВИД-19 поради едноставен математички сооднос (види График 3).

Имено, кога ќе остане мал број невакцинирани, тие едноставно ќе претставуваат мал процент од ранливата популација која може да развие тешка КОВИД-19 болест – тоа главно се однесува на граѓани над 65 години – па ќе бидат и помалку застапени меѓу починатите. Така, кога ќе вакцинираме над 90% од највозрасните, ќе имаме поголема застапеност од вакцинираните меѓу починатите и добро е да ги информираме граѓаните сега, за некој да не го искористи тоа за идна манипулација со лажни информации.

График 3. Модел на број на спречени смртни случаи од КОВИД-19 во Македонија преку вакцинацијата. А. Сооднос помеѓу стапката на вакцинација и бројот на починати од КОВИД-19; Б. Сооднос помеѓу стапката на вакцинација и процентуалната застапеност на вакцинираните меѓу починатите од КОВИД-19. Забелешки: Процената е според претпоставките на моделот на број на спречени смртни случаи: 1. Целата популација да е изложена на SARS-CoV-2; 2. Смртноста да е базирана на процените по возрасни групи на Verity et al. (2020); 3. Ефективноста на вакцините во спречување смртен исход да е 93%; 4. Граѓаните да се вакцинирани пред да бидат изложени на вирусот; 5. Популацијата да е 1.83 милиони, според последните податоци од ДЗС.

На крај, пред нас претстои можеби последниот бран на КОВИД-19 и секој еден од нас има избор... Да се вакцинираме со две дози вакцина за да драстично ја намалиме смртноста или и понатаму да придонесуваме за огромната смртност од КОВИД-19. Не станува збор само за нашите животи. Вакцинирани остануваме дома на лекување, не го оптеретуваме системот и оставаме кревети на интензивните одделенија за оние постари граѓани кои не развиваат добар имун одговор по вакцина и кои понатаму имаат ризик од смрт; а тука се и заболените од други болести кои имаат потреба од интензивна нега.

Секој кој нема контраиндикација и може да придонесе да го намали ризикот да заврши во болница со вакцинација, има морална и граѓанска должност да го направи тоа. Одлуката да не се вакцинираме е себична и незрела, и ѝ недостасува храброст и солидарност. Колку побрзо ќе вакцинираме 80% од возрасната популацијата, толку побрзо ќе излеземе од оваа криза.

Фотографии: Небојша Гелевски - Бане

Извор: respublica.edu.mk

 

Слични содржини

Општество / Наука / Историја

ОкоБоли главаВицФото