Човекот кој една година, секој ден скокаше во езеро

29.07.2021 12:44
Човекот кој една година, секој ден скокаше во езеро

Една сабота во јуни, Ден О’Конор станал на лева нога и со болки во главата. Бил вознемирен заради пандемијата, нервозен поради политичката ситуација во Америка, а тоа утро бил и спектакуларно мамурен, откако минатата вечер со неколку соседи и шише бурбон ја прославувал матурата на неговиот син.

На неговата сопруга, Маргарет ѝ здодеало неговото однесување и го истерала од куќата. Тој го јавнал велосипедот и возел пет километри до езерото Мичиген од каде се пружал убав поглед на Чикаго, се чинело како градот да блеска во далечината.

„Во време на пандемијата тоа беше како некаква светлина, сè друго беше обвиткано со темнина заедно со протестите, политиката...“

О’Конор застанал на работ на езерото. Водата под него била длабока можеби три или четири метри, температурата била едвај десетина степени. Главата му пулсирала. Скокнал.

„Се почувствував многу добро. Сакав да блокирам сè и пандемијата и сè друго“, вели тој.

Ова е сторија за 53-годишен маж кој една година, секој ден скокал во езерото Мичиген. Неговите скокови ги следеле годишните времиња во Чикаго, скокал и кога било одвратно студено и кога било убаво топло време. А речиси да ја следеле и пандемијата од првите денови па сè додека на средниот запад на САД се чинело дека пандемијата конечно стивнува.

Она што започнало како осаменичко брчкање во водата наскоро привлекло и гледачи: семејството, пријателите, познаниците, рибарите, па и две жени од Полска кои шетале околу езерото.

Истовремено, скокот во езерото станал и музички настап затоа што О’Конор почнал да ги поканува локалните музичари, кои во време на пандемијата немале никаква работа, да му пеат серенади додека скока во езерото. А тука се и оние илјадници кои настанот го следеле онлајн, бидејќи О’Конор закачувал видео клипови на Твитер и на Инстаграм од секој свој скок. Четвртиот ден објавил фотографија на социјалните мрежи. По еден месец пријателот го прашал дали уште скока во езерото.

„Во време на пандемијата тоа беше како некаква светлина, сè друго беше обвиткано со темнина заедно со протестите, политиката...луѓето ме прашуваа зошто го правам тоа и колку долго планирам да го правам“, раскажува тој.

Нешто во целиот потфат му годело на неговата личност. Пред пандемијата, Ден О’Конор нискичок, полничок, дружељубив и бушав човек, кој своевремено работел во маркетинг индустријата, сакал да оди на концерти и фестивали.

За време на зимата, имало денови кога не можел да скокне во езерото зашто било целосно замрзнато и покриено со снег, па морал прво со лопата да го искрши мразот и да најде место каде внимателно ќе влезе и ќе излезе од водата. Еднаш некоја жена го прекинала загрижена за неговото ментално здравје. „Дали вие се обидувате да се самоубиете?“ – го прашала. „Не, само малку скокам“ - одговорил О’Конор.

Пред неколку дена, на брегот стигнал облечен во бањарка на која пишувало „Great Lake Jumper“ (Голем скокач во езеро) и отакако скокнал рекол: „Баш е освежувачки“.

Извор: The New York Times

 

ОкоБоли главаВицФото