Кучешки скокови од мистериозниот мост

28.12.2021 14:13
Кучешки скокови од мистериозниот мост

Не е реткост за некои мостови да се врзуваат трагични или мистериозни приказни, но мостов во Овертон во Шкотска е навистина посебен: станал озлогласен поради самоубиствата на кучиња. Неколку стотици кучиња (од 1960 навака) рипнале од мостот, од необјасниви причини, а загинале околу педесетина од нив.

Тајната на мостот во Овертон ни до денес не е разрешена, и покрај обидите на научниците и психолозите да најдат разумно објаснување за феноменот. Некои од околните жители велат дека е виновна „Белата дама од Овертон“, духот од блиската благородничка куќа. Други веруваат дека љубопитство ги тера кучињата да скокаат од мостот.

Разумно звучи објаснувањето на стручњакот за однесување на животни, Дејвид Сандс, кој вели дека скокањето на кучињата можеби е знак на различната перцепција меѓу нас, луѓето, и нив: „Ние сме многу повисоки и со самото тоа имаме многу подобра перспектива на околината, за разлика од ниските кучиња“.

Една понова верзија понуди, се чини, прифатливо објаснување. Причина за чудното однесување на кучињата можеби се куните кои живеат под мостот и кои во грмушките испуштаат јаки мириси кои ги дразнат кучињата. Нивното сетило за мирис е сто илјада пати посилно од човечкото. Освен тоа, тие имаат обичај на сопствениците да им носат изненадувачки „подароци“ од типот на ѓубре, лешеви на мртви животни, понекогаш дури и измет. Таа навика кучињата веројатно ја презеле од волците, од кои потекнуваат. Позната е навиката на волците да се тркалаат по остатоците на мртви животни кога тргнуваат во лов. Тоа го прават за да го прикријат сопствениот мирис и со тоа да го залажат евентуалниот плен.

Значи, можеби кучињата скокаат од мостот Овертон со цел да ги уловат куните што живеат во грмушките под мостот. Во секој случај лошиот публицитет ги натерал општинските власти на Овертон да стават знак на предупредување за сопствениците на кучињата:

„Опасен мост! Ве молиме држете го кучето на поводник!“

Избор и превод: П. В.

ОкоБоли главаВицФото