Промоција на сликовницата „Што виде бубамарата?“ од Румена Бужаровска и Јана Јакимовска

24.09.2021 11:43
Промоција на сликовницата „Што виде бубамарата?“ од Румена Бужаровска и Јана Јакимовска

На 26 септември во 13 часот, во кафе-книжарницата Буква, ќе се одржи промоција на сликовницата „Што виде бубамарата?“ на Румена Бужаровска и Јана Јакимовска, а во издание на издавачката куќа Чудна шума.

„Што виде бубамарата?“ е прва книга за деца на писателката Румена Бужаровска и прв ко-авторски проект со уметницата Јана Јакимовска. Иако првенствено наменета за деца, оваа сликовница со „стихувани сказни“, како што ги нарекува Бужаровска, е подеднакво интересна и за возрасните, кои ќе се насмеат кога ќе ги препознаат ликовите и ситуациите со кои често се сретнуваат во секојдневието.

Еден ден малата бубамара решава да направи нешто убаво за себе и тргнува на пат низ целиот свет. Шетајќи низ шаренолики предели, сведочи случки на различни чудни ѕверки. Ајкули, питони, лами и морски ѕвезди – откријте и сами каков е тој чудесен свет што го запознава бубамарата!

Румена и Јана се другарки прави
со еден мозок во две глави.
Цел живот прават глупости разни,
а сега склопија стихувани сказни.
Родени се далечната осумдесет и прва,
ги знаат магарето, творот, а и два-три црва.
Румена вежбаше клавир, Јана балет,
а сега двете се професорки на факултет.
Едната пишува, другата слика,
па така се роди и оваа книга.

Во рамки на настанот е планирана и мала креативна работилница за деца со цртање и боење.

 

ОкоБоли главаВицФото