Одржливото домување и капиталистичките контрадикции

26.11.2021 01:13
Недостапноста на одржливо домување е резултат на капиталистичките контрадикции

Прашањето за одржливото домување претставува еден од централните општествени и политички проблеми уште од самите зачетоци на капитализмот. На пример, дополнителна мотивација во преминот на фосилна енергија, како што објаснува Андреас Малм во својата семинална студија, во тој период во Велика Британија на капиталистите им претставувало и станбеното прашање. Имено, било многу скапо да се градат работнички населби во близина на реките каде се наоѓале фабриките кои ја користеле водата како погон. Поповолно и поевтино им било да ја „донесат“ фабриката во град каде и онака живееле работниците, а тоа им го овозможиле фосилните горива. Секако, фактот за преместувањето на домувањето од расходите на капиталистите не го решавал станбеното прашање само по себе.

Низ историјата на капитализмот се појавувале разни решенија и одржливоста на домувањето најмногу зависела од политичкиот однос на силите во одредени историски епизоди. Во историската епизода во која живееме во моментов, а за чиј почеток можеме да ја одредиме финансиската криза од 2008 година, непосредно предизвикана токму од хипотекарните кредити, проблемот со одржливото домување се појави како централно политичко прашање ширум светот. Цените на недвижностите и рентите моќно скокнаа и претставуваат сè поголемо финансиско оптоварување на работниот народ. Конкретно, дополнително го осиромашуваат. Секако, се појавуваат и политички реакции на овие процеси, а сигурно најпозната е успешниот берлински референдум за национализација на дел од станбениот фонд. Но, што се крие зад растот на цените?

Неодамна објавената студија на Институтот Мекинси Глобал, претставена на страниците Фајненшл Тајмс, доволно ги разоткрива „позадинските процеси“. Истражувањето е насловено „The rise and rise of the global balance sheet: How productively are we using our wealth?“ и се занимава со буџетите на домаќинствата, владите, банките и нефинансиските компании во десет земји кои претставуваат 60 проценти од светскиот БДП: Австралија, Кина, Канада, Франција, Германија, Јапонија, Мексико, Шведска, Обединетото Кралство и САД. Генерално, заклучокот е дека богатството не го користиме продуктивно. Имено, две третини од нето вредноста во буџетите е во недвижности и земја. И покрај својата приказна за дигитализацијата, блокчејнот, криптовалутите и чудата на современиот свет, парите сепак во најголема мера одат во имотот како најстара класа.

Авторите на студијата како главна причина ги гледаат ниските каматни стапки од последниве години. Имено, се појави големо количество евтини пари со кои централните банки настојуваа да ги санираат последиците од финансиската криза и да ја поттикнат економијата. Меѓутоа, не дојде до поттик на економијата, или барем не до посакуваното ниво. Најголем дел од овие средства отидоа во различни класи имот, а доминантно во недвижности. Накратко, живееме во период во кој запре синхронизираниот раст на нето вредноста, односно богатството и БДП, карактеристичен за повеќето историски периоди, со отстапувања во одредени земји. Изминатава деценија богатството расте побрзо од БДП и тука треба да се бараат причините за појавата на разни облици политички бес од сите делови од спектарот.

Накратко, финансиските институции и корпорациите одбиваат да инвестираат во таканаречените продуктивни сфери од економијата и средствата порадо ги вложуваат во недвижности со што тие стануваат сè поскапи и сè помалку достапни. Како што се вели во самата студија, бројни светски корпорации буквално лежат на „вишоци“ пари, но не одлучуваат да инвестираат. Вистинското прашање е, а тоа не се поставува експлицитно во студијата: зошто нема можност за профитабилни вложувања? Значаен број лево ориентирани економисти упатуваат на една од основните контрадикции на капитализмот и тврдат дека дошло до прекумерен раст на индустриските капацитети, односно до прекумерно производство и дека едноставно нема простор за нови профитабилни вложувања на какви се надеваат инвеститорите. Со други зборови, не им е рационално да вложуваат во производство.

Меѓутоа, не мора да значи дека она што на нив им е рационално е рационално и за општеството како целина. Ако живееме во економски систем кој се заснова на инвестиции со профитен мотив и ако моменталните околности „не дозволуваат“ пожелни општествени последици како што е одржливото домување, тогаш мораме да размислиме за систем кој ќе се грижи за општествените потреби без помош од профитно ориентирани инвестиции. Секако, таа задача бара ужасно многу, но ако не можеме да ги реализираме основните општествени потреби заради контрадикциите на капитализмот, тогаш проблемот е во капитализмот, а не во нешто друго.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Cinta Vidal

Извор: https://www.bilten.org/