Исповед

07.01.2022 12:25

Не прашувајте ме зошто сум
разградена
за невиденото за нечуеното за соништата
повеќе утре одошто денес
надоаѓа млеко во боските
зашто
многу деца останале неподоени
и многу мајки колнеле во убожиштата

Не прашувајте ме зошто сум
расплакана
над водата над гората над полето
во чад завиено
некаде каде што умираат гладуваат жедуваат
зашто
многу сестри биле силувани
и многу браќа умирале над колјето

Не прашувајте ме зошто сум
страственица
среде пожарите метежите бунтовите
легнати в ложница
зашто
многу бурми в земја потемнеле
и гаврани
машки раце носеле во клуновите

Затоа
не прашувајте ме зошто сум разградена
за невиденото за нечуеното
што доаѓа
повеќе утре отколку денес
во боските
за сонувањата млеко надоаѓа

 

Радмила Трифуновска (Скопје, 28 мај 1939 - Скопје, 13 септември 1994) - новинарка, поетеса и писателка. Една од најмаркантните жени во македонската книжевност. Извршила самоубиство, на 55 години.

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото