Авганистанската хуманитарна криза може да влијае на глобалната безбедност

08.03.2022 13:06
Како авганистанската хуманитарна криза може да влијае врз глобалната безбедност?

 
Конфликтот во Украина доминира на овогодинешната Минхенска безбедносна конференција, притоа, светските лидери посветуваат помалку внимание на авганистанската криза. Пред две децении, слична негрижа доведе до катастрофални последици по глобалниот мир.

„Небезбеден Авганистан има опасни импликации не само за регионот, туку и за целиот свет. Нападите од 11 септември го докажаа тоа“, изјави Шамроз Кан Масџиди, авганистански политички аналитичар.

Авганистан е нестабилен и несигурен со децении, но по преземањето на власта од страна на Талибанците во август минатата година целиот регион виси на конец. Земјата опустошена од војна се соочува со хуманитарна криза без преседан, која според многу експерти може да се претвори во уште еден насилен конфликт.

Сепак, меѓународната заедница, преплавена од украинската криза, се чини дека „заборави“ на Авганистан. Релативно малото внимание што тие го посветија на тескобната ситуација во Авганистан на овогодинешната Минхенска безбедносна конференција јасно го покажува тоа.

Американскиот сенатор Линдзи Греам го сумираше ова прашање во саботата во Минхен на панелот за Авганистан велејќи дека она што ќе се случи во Авганистан во наредните денови нема да биде толку влијателно како она што би можело да се случи во Украина.

Односот кон Талибанците

Но, Авганистанците веќе ги трпат последиците од „избрзаното“ повлекување на САД од Авганистан - најитните се сиромаштијата и невработеноста.

Според Махбуба Серај, авганистанска новинарка и активистка за правата на жените, хуманитарната криза во Авганистан не може да се реши само со хуманитарна помош.

„Рана што блика не може да се лекува со фластер“, рече таа за време на панелот на безбедносната конференција во Минхен „Афганистански последователни потреси: Од пепел во пепел“, додавајќи дека економијата на Авганистан мора да се подобри за Авганистанците да можат да се извлечат од сиромаштијата.

Но, за да се подигне авганистанската економија, меѓународната заедница треба да воспостави релација со талибанците.

Хана Нојман, германска пратеничка во Европскиот парламент, вели дека на Западот му треба балансиран пристап во справувањето со Талибанците.

„Не треба да се работи за тоа дека или нема да разговараме со нив или ако разговараме со нив, треба да ги признаеме. Што и да избереме да правиме, важно е да им помогнеме на обичните Авганистанци, особено на жените и децата“, рече таа, додавајќи дека хуманитарната помош мора да стигне до луѓето кои имаат потреба од неа.

За Моид Јусуф, советник за национална безбедност на пакистанскиот премиер Имран Кан, талибанците се реалност што никој не може да ја игнорира. На панелот од Исламабад тој изјави дека тероризмот нема да биде задржан во границите на Авганистан доколку хуманитарната ситуација во земјата не се подобри.

Сепак, Греам отфрли каков било компромис со талибанците, велејќи дека Соединетите Држави не сакаат „да ги поддржат талибанците“, кои, според него, „никогаш нема да се реформираат“.

Хуманитарна катастрофа

Малкумина на Запад гледаат непосредна безбедносна закана која произлегува од Авганистан. Талибанците, обидувајќи се да добијат меѓународно признание и финансиска помош, се понаклонети кон „дипломатски“ пристап отколку кон насилни тактики. Но, оваа површна сталоженост можеби нема да трае долго.

Ако хуманитарната криза во Авганистан се влоши, дури ни Талибанците нема да можат да се справат со ситуацијата, што се гледа од насилните напади на „Исламската држава“ (ИД).

Салахудин Лудин, политички експерт од Авганистан, вели дека животот на повеќето Авганистанци станал „исклучително тежок“.

„Меѓународните хуманитарни организации ја напуштија земјата. Талибанците не можат да ги платат платите на владините службеници. Јавниот здравствен сектор е во хаос“, посочи тој.

Освен страдањата на руралното население, дури и за Авганистанците што живеат во градовите им е невозможно „да врзат крај со крај“.

Лудин рече дека многу Авганистанци ги ставиле своите заштеди на банкарски сметки. „Сега, немаат пристап до нив. Авганистанските бизнисмени, на пример, не можат да вршат меѓународни трансфери, што резултираше со високи цени на стоките во земјата“.

Авганистанскиот аналитичар Масџиди стравува дека Авганистан може да се соочи со поголема катастрофа доколку Талибанците не можат да ја подобрат економската ситуација, додавајќи дека ќе им биде тешко да управуваат и дека може да избие граѓанска војна.

„Историјата ни кажува дека хуманитарните кризи може да доведат до насилни конфликти. На терористичките групи им е полесно да дејствуваат во земја која се соочува со економски превирања. Авганистан не е исклучок“, додаде Масџиди.

Глобални последици

Фарид Амири, поранешен функционер на авганистанската влада, рече дека евентуалниот насилен конфликт во Авганистан би може лда се прелее и во други земји во регионот.

„Ако тоа се случи, регионалните сили ќе почнат да поддржуваат посредници за да го задржат насилството во границите на Авганистан. Но, тоа би било само краткорочно решение за авганистанскиот конфликт“, изјави Амири.

„Колку повеќе талибанците останат на власт, толку потешко ќе биде да се одржи стабилноста во регионот“, додаде тој.

Некои набљудувачи велат дека моменталната ситуација во Авганистан е вознемирувачки слична на геополитичкото сценарио од доцните 1990-ти. Талибанците ја презедоа власта во 1996 година, но меѓународната заедница не ги сфати во целост потенцијалните последици од новата парадигма.

Далеку од глобалното внимание – и во услови на недостаток на интерес за авганистанските работи – земјата стана центар на локални и меѓународни милитантни групи.

„Талибанците имаат врски со меѓународни терористи. Нивното враќање на власт ги охрабри џихадистичките организации во регионот. Како што се консолидираат, нивните тактички и стратешки врски со финансиерите и спонзорите на тероризмот ќе растат и на крајот ќе ги загрозат мирот и безбедноста во регионот и пошироко. “, предупреди Амири.

Слики: Али Кара
Извор: Deutche Welle