Луѓето кои одлучуваат што ќе стане историја

03.05.2022 14:49
Луѓето кои одлучуваат што ќе стане историја


„Во Рим, на 15 октомври 1764 година, додека замислено седев меѓу урнатините на Капитол и го слушав вечерното пеење на босоногите фратари, во мојата глава се зачна идејата да ги опишам опаѓањето и пропаста на тој град.“ Ова се зборови на Едвард Гибон, а книгата што ја замислил во тоа време е, се разбира, „Падот и пропаста на Римската империја“.

Овој извадок од автобиографијата на Гибон е цитиран многупати зашто се чини дека во него 6-те тома од прочуената книга на историчарот се дестилирани во една слика: фратрите пеат на урнатините на цивилизацијата уништена од нивната религија. Можеби можеме да го замислиме, како на гравура на Пиранези, младиот Англичанец (Гибон тогаш имал 27 години) како седи на скалите на античкиот храм, прашувајќи се како христијанството го заринкало европскиот континент во 1.000 години суеверие и фанатизам, и одлучува да ја вгради таа приказна во темелите на своето дело, кое ќе стане едно од книжевните споменици на просветителството.

Дали свечената сериозност на тој момент ја смалуваат фактите што ни ги соопштува Ричард Коен во неговата исклучително забавна книга „Создавање историја: раскажувачите кои го обликувале минатото“, имено, дека Гибон бил дебел, висок 142 сантиметри и дека својата црвена, кадрава коса ја префрлал на едната страна на главата и ја врзувал на тилот - дека, според зборовите на Вирџинија Вулф, неговото „многу големо тело го носеле мали стапала“, но дека тој сепак „се тетеравел со неверојатна ревност“? Дали е важно што неговите современици го нарекувале господин Компир, што Џејмс Босвел го опишал како „грд, вештачки, одвратен човек“ и што боледувал, освен од гихт, и од зголемен скротум предизвикан од болно отекување на левиот тестис што морал редовно да се дренира и од кој понекогаш излегувале три до четири литри течност? И тоа што, кога во подоцнежните години запросил една жена, таа дама прснала во смеа, а потоа морала да повика двајца слуги да го кренат од колена и да го исправат на нозе?

Коен смета дека тоа навистина е важно, дека не можеме правилно да го читаме „Опаѓањето и пропаста на Римската империја“ ако не го познаваме писателот, неговите скротални маки и останато. Самиот Гибон би се согласил со тоа, барем теоретски. „Секој генијален човек што ја пишува историјата“, сметал тој, „го внесува во неа, можеби несвесно, карактерот на сопствениот дух. Неговите протагонисти... како сите да размислуваат и чувствуваат на ист начин, а тоа е неговиот начин“. Кога слушаме приказна, мора да имаме на ум кој е раскажувачот.

„Создавање историја“ е неверојатно исцрпен преглед на историчари, од Херодот (таткото на лагите, како што го нарече Плутарх) до Хенри Луис Гејтс Помладиот, во која е опишано потеклото и карактерот на секој од нив, накратко е изложено нивното дело и идентификувана е неговата програма. Коен тоа го прави епски подробно. Тој пишува за старите историчари, за исламските историчари, за црните историчари, како и за историчарите, од кинеската историчарка Бан Жао од 1-от век до класицистката Мери Бирд од Кембриџ. Тој расправа за јапонските и советските ревизионисти кои ги бришеле функционерите, настрадани во чистките и во ужасите на војната, од официјалната историја на нивната нација и ги анализира уметничките дела како Таписеријата од Баје, која ја нарекува „најдобриот приказ на тоа време, не само сликовно земено, туку најдоброто воопшто“, и фотографиите на Метју Брејди од бојното поле на граѓанската војна (за кои заклучува: „Тие се, всушност, измама“). Зборува за академските историчари, вклучително и за Леополд фон Ранке, основачот на научната историја од 19 век; за француската школа „Анали“; и за британските ривали Хју Тревор - Ропер и А.Џ.П. Тејлор. Ги разгледува авторите на историска фикција, меѓу другите и Шекспир, Волтер Скот, Дикенс, Толстој, Тони Морисон и Хилари Ментел. Пишува за новинарите, за телевизиските документаристи (смета дека „најуспешните документарни филмови на Кен Брнс стојат рамо до рамо со најдобро напишаните историски дела настанати во последните 50 години“), како и за популарните историчари како Винстон Черчил, кому неговата Историја на Втората светска војна му донела милиони, иако истражувањето а делумно и пишувањето на делото го спровеле други луѓе.

Коен е Англичанец и бил директор на две лондонски издавачки куќи. Ако го примениме неговиот метод, со тие биографски факти може да ги објасниме: а) неговата подготвеност да ги стави новинарството, историската фикција и телевизиските документарци рамо до рамо со делата на професионалните историчари бидејќи, како издавач, тој е заинтересиран за дела кои имаат читателска публика и влијание ; б) англоцентризмот на неговите избори. Еден американски читател може да помисли дека во книгата се претставени непропорционално многу автори од Велика Британија, иако неговата листа вклучува и британски историчари кои својата кариера ја граделе претежно на американските универзитети, како што се Сајмон Шама, Тони Џад и Најл Фергусон. Но, „Создавање историја“ е книга, а не енциклопедија и, за што и да пишува, Коен го прави тоа со заразна полетност. Како што вели песната: „Ако ова не ти е доволно, пеј си сам“.


***

Многу добра страна на „Создавање историја“ е што оваа книга, наспроти нејзините основни начела, не е ниту редуктивна, ниту теснограда. Освен кога зборува за оние писатели како што се националистичките ревизионисти, кои се карактеризираат со очигледна пристрасност и намерно замаглување, и некои исламски историчари, кои ги смета за догматични и нетолерантни, Коен се обидува да балансира и да му дозволи на читателот да донесе сопствени заклучоци. Пораката не е дека „никој од нив не заслужува доверба“, туку дека пристрасноста во пишувањето на историјата е еднакво неизбежна како и заземањето точка на гледиште. Секој мора да ја има.

Областа во која Коен можеби не успеал да достигне идеален степен на објективност е марксизмот, за кој тој зборува со расжестен анимозитет и чии принципи погрешно ги толкува бидејќи го меша со сталинизмот. Смешно е да му се префрла на Маркс што не го предвидел подемот на фашизмот и државата на благосостојба. Кој го предвидел тоа во 1848 година?

Анимозитетот на Коен има своја цена бидејќи Марксовата мисла одиграла голема улога во работата на историчарите во 20 век, особено во Велика Британија. Сепак, дури и овде тој се обидува да не биде исклучив. Очигледна е неговата благонаклоност кон британскиот историчар Ерик Хобсбаум, кој се приклучил на Комунистичката партија во 1936 година (што е прилично лошо) и останал нејзин член 55 години (што е надреално). Создавањето историја е правење колач со многу зрнца суво грозје. Дознаваме (или барем јас дознав) дека дедото на Владимир Путин им бил готвач на Ленин и на Сталин, дека Наполеон бил со просечна висина, дека Кен Брнс бил потомок на поетот Роберт Брнс и дека марксистичкиот критичар Ѓерѓ Лукач, кога бил уапсен по избивањето на унгарската револуција, на прашањето дали носел оружје, го предал своето пенкало. (Таа анегдота е малку слаткаста и ја проголтав со резерва - но ја проголтав.)

Коен не е несмасен, но може да биде малку невнимателен. Корнел Вест не бил директор на Програмата за афро-американски студии на Харвард, а Џил Лапре не потекнува од „привилегирано семејство“. Присутни се (неизбежно) и тврдења кои го антагонизираат читателот. Коен, на пример, смета дека „усната историја не е ништо повеќе склона кон измислување или менување на минатото во согласност со потребите на сегашноста, од пишаната“. Моето искуство не е такво. Она што луѓето го кажуваат секогаш мора да се проверува со факти, не затоа што тие намерно лажат (макар што, Енди Ворхол лажеше во секое дадено интервју), туку едноставно затоа што нивното сеќавање е недоверливо. Како кога барате одредена фотографија во вашата фото-архива: „Сигурен сум дека го посетивме Големиот Кањон во 2008 година!“ . А потоа се покажува дека тоа сепак било во 2019 година. Таквите погрешни сеќавања се вообичаени во усмените истории зашто на луѓето најчесто не им се важни датумите. Но на историчарите им се важни.

Коен ги сака новинарските истории, книгите од репортери кои биле сведоци на опишаните настани. Но, пропуштил да го спомене „Подемот и падот на Третиот рајх“ (The Rise and Fall of the Third Reich) на Вилијам Шарер, дело со гибонски наслов, кое ја освои наградата National Book Award и беше продадено во милион примероци со тврд повез. Тој смета дека новинарите кои се стремат кон објективност можат „прилично да се доближат до вистината“. Но, додава дека „потребно е време за вистинитоста да може да се процени ‘со ладна глава’“.

Тоа е традиционалната дефиниција за новинарството како „прва скица на историјата“ и дел од уверувањето дека нашето разбирање за минатото се подобрува со текот на времето. Меѓутоа, се прашувам дали навистина е така. Можеби само ги полираме нерамните рабови и на тој начин жртвуваме делови од она што навистина се случило за да добиеме приказна каква што сакаме. Како автори на првата скица на историјата, новинарите се можеби подоверливи зашто обично не работат под влијание на некоја теорија (макар што, Ширер имаше своја теорија). Тие опишуваат настани. Како и другите историчари, тие се обидуваат да произведат кохерентен наратив, но не мора секој факт да го подведат под некоја теза. Притоа, тие подобро знаат нешто што ниеден подоцнежен изучувач на минатото не може вистински да го знае, и што со текот на времето станува сè потешко да се реконструира: какво било современото чувство на конкретниот момент.


***

Необично е колку често прашањето „какво е чувството“ се појавува во „Создавање историја“ како вистинска цел на историската реконструкција. „Историчарот ќе ви каже што се случило“, рече Е. Л. Докторов. „Романописецот ќе ви каже какво било чувството на тој момент.“ Коен ја цитира Хилари Мантел: „Кога сакаме додадена вредност - да замислиме не само какво било минатото, туку и какво било чувството однатре - земаме роман“.

Очекуваме тоа да ни го кажат романописците. Тие можат да опишат што се случува во главите на нивните јунаци и што тие чувствуваат, а тоа историчарите главно не го можат или не би требало да го прават. Но, и историчарите сакаат да откријат „какво било чувството“. Имено, она што тие го прават не се разликува сосем од она што го прават романописците: и тие се обидуваат да оживеат исчезнат свет на страниците на своите книги. На романописците им е дозволено да измислуваат, а историчарите мораат да работат со проверливи факти. Тие не смеат да ја ослободат својата фантазија; тоа е правилото на играта. Но, тие сепак сакаат нивните читатели да почувствуваат како изгледало да се биде жив во одредено време и место. Чувството не е факт, но токму тоа им дава смисла на фактите.

На тоа, може да се каже, мислел Г. Р. Елтон, историчар специјализиран за периодот на тудорска Англија, кога ја опишал историјата како „имагинација под контрола на ученоста, на што, пак, имагинацијата дава смисла“. Германскиот збор за тоа (Коен погрешно му го припишува на Ранке) е Einfühlungsvermögen, што тој го дефинира како „способност на историчарот да се прилагоди на духот на времето чија историја ја пишува и да влезе во самото битие на историските личности, колку и да се тие далеку“. Едноставен превод би бил „емпатија“. Денес владее недостаток на емпатија. Живееме во доба што е склона кон осудување без многу вагање. Од друга страна, што би претставувало сочувство со еден трговец со робови? Дали тоа би било некаков вид оправдување и простување?

Пишувањето на историјата се заснова на верувањето дека настаните, наспроти сè, не се случуваат без никаков ред и дека - иако поединците можат да дејствуваат ирационално - промената може рационално да се објасни. Како што вели Коен, Гибон сметал дека историјата е трагање по принципите на движењето – онака како што филозофијата е трагање по првите начела. Многу западни историчари, дури и оние „научните“ како Ранке, претпоставувале дека минатото е судбински предодредено. Ранке зборуваше за „Божјата рака“ зад историските настани. Марксистичките историчари како Хобсбаум веруваат во законитоста на историскиот развој. Некои писатели на историјата, на пример аналистите, сметаат дека политичките настани во голема мера се случајни (и дека затоа е многу тешко да се предвидат, макар што коментаторите успеваат да заработат за живот од тоа), но дека под површинскиот хаос постојат правилности - циклуси, ритми, процеси на долго траење (long durée).

Сепак, историјата не е наука. Во суштина, како што рече А. Џ. П. Тејлор, таа е „просто една форма на раскажување“ - раскажување засновано на факти. А фактите не зборуваат сами по себе и не е доволно само да се соберат. Тие се, според зборовите на англискиот историчар Е. Х. Кар, „како риба која плива во огромен и понекогаш непристапен океан; она што историчарот ќе го улови делумно зависи од случајот, но пред се’ од тоа кој дел од океанот го избрал за риболов и каква опрема користи - а тие две одлуки, секако, зависат од тоа каква риба сака да улови. Сè на сè, историчарот ќе го добие оној вид факти што ги посакува“.

Се’ е прашање на толкување. Поуката што треба да се извлече од тоа е, ми се чини, дека историчарот никогаш не смее ништо да исклучи. Сè, од сопственоста на средствата за производство до бојата со која луѓето ги украсувале ноктите на нозете, може да биде релевантно за нашата способност да внесеме смисла во минатото. Аналистите овој пристап го нарекле „тотална историја“. Но, дури и во тоталната историја некоја риба ќе ја уловите, друга ќе ја пуштите да си оди. Се обидувате да ги добиете фактите што ги сакате.


***

А зошто на историчарите им се потребни факти? Имплицитниот одговор на Коеновата книга е дека тие можат да имаат илјадници можни причини за тоа – за да индоктринираат, за да забавуваат, за да предупредуваат, за да оправдуваат, за да осудуваат. Историчарот избира одредена цел зашто таа му е лично важна, а оттаму речиси секогаш следи: бидејќи целта му е важна на историчарот, нам ни е важна историјата што тој ја произведува. Како што вели Коен, големата иронија на пишувањето за минатото е дека „секој автор е заробеник на сопствениот карактер и околности, но често е и нивен творец“.

Историјата, меѓутоа, никогаш не е безличен и објективен приказ за минатите настани. Како што еднаш (со презир) рекол антропологот Клод Леви-Строс, секоја историја „служи на некоја цел“. Зошто Гибон ја напишал „Падот и пропаста“? Коен вели: со цел да ја предупреди Британија од 18 век за грешките кои би можеле да ја загрозат нејзината империја; за да не ја снајде судбината на Рим. Со други зборови, Гибон верувал дека неговата приказна ќе биде корисна. Затоа му требало да ја наслика римската цивилизација на начини со кои Британците можат да се поистоветат, а христијанството на начини кои одговарале на антиклерикалните предрасуди на Ерата на разумот. А каква врска имаат со тоа неговото кутро тело и неговите жалосни слабости? Коен мисли (како и Вирџинија Вулф) дека физичката непривлечност му овозможила на Гибон да се наметне со непробојна наметка на иронија. Научил да ги зауздува своите емоционални очекувања, што го направило студен аналитичар на секоја религиозна жар.

Леви-Строс сметал дека историјата во модерните општества одговара на митот во предмодерните култури. Кога одлучуваме како сакаме да изгледа нашето објаснување на некои настани, првиот чекор може да биде едноставниот чин на избирање датум од кој ќе ја започнеме својата приказна. Дали тоа ќе биде 1603 или 1619 година? Избираме една од тие години и настаните се редат соодветно. Луѓето приговараат дека тоа ја прави историјата идеолошка дисциплина. А што друго би можела да биде? Книгата „Падот и пропаста на Римската Империја“ е пронижена со идеологија од почеток до крај, па никој не спори дека тоа е историја. Гибон извесно е дека немал такви сомнежи. „Дали ќе бидам обвинет за прекумерна суета“, пишува тој во својот тестамент, „ако додадам дека споменикот е излишен?“

Извор: The Newyorker

ОкоБоли главаВицФото