Нов случај на фемицид во Македонија

08.08.2022 17:02
Нов случај на фемицид во Македонија

 

Нов случај на фемицид во Македонија ја згрози јавноста.

Најболно е што ова е резултат на катастрофалниот однос на системот кон семејното насилство.

Лани излезе податок дека секоја трета жена во земјава трпи насилство во сопствениот дом. Секоја трета!

Со физичко и/или психичко малтретирање живее секоја трета македонска жена. Во такви домови ни растат и децата во земјичкава.

Извештај на ОБСЕ од годинава забележува дека „во Македонија, за разлика од земјите од ЕУ, три пати повеќе жени сметаат дека семејното насилство е приватна работа, нешто што треба да остане во семејството, а една третина од жените сметаат дека жената треба да му се покори на мажот дури и кога не се согласува со него и дека тој има право да покаже кој е главен во куќата“.

Заедно со такви кои сметаат дека е „оправдано мажот да ги тепа ако се расправаат со него, ако тој не е задоволен како таа се грижи за децата или ако таа излезе надвор од домот без да му каже нему“.

Ужас!

Ова не е статистика.

Ова се луѓе, човечки животи и судбини.

Ова се вашите мајки, сопруги, сестри, партнерки, ќерки... кои вака ги воспитувате и кои Македонија не умее да ги издигне над вашето воспитување, ниту да ги заштити од вашите мажи, браќа, синови, партнери, кои еднакво се погрешно воспитувани и чии постапки не се ни превенирани ни казнети како што треба.

Од 2017 до 2020, на пример , во земјава сме имале 26 убиства вкупно, од кои 22 биле фемициди. 22 од 26 убиени се жени! Убиени од членови на семејството, убиени од оние во чија близина треба најмногу да се чувствуваат безбедни.

Најстрашно е што за ниедно од убиствата во 2020 претходно не било пријавено насилство, ама откако убиството се случило, куп родинини и пријатели на жртвата се јавиле да сведочат дека знаеле и гледале како убиецот ја малтретирал жртвата претходно.

Каква катастрофа!

Каква беда е ова, кога еден крајно неспособен и корумпиран државен систем ќе си биде помогнат и од малограѓанштината и отровната конзервативност на паланката.

Итно мора да се најде начин да се работи на овој огромен проблем.

Секоја трета!

Нека ви ѕвони овој податок во ушите за да ви текне каква колективна траума е ова и психичка тортура врз целото општество составено од просто премногу насилници и од уште повеќе жртви.

 

Слики: Aleksandra Waliszewska

 

Слични содржини

Општество / Активизам / Фотографија / Став
Општество / Активизам / Свет
Општество / Активизам / Култура / Теорија / Историја
Општество / Активизам / Теорија
Општество / Активизам

ОкоБоли главаВицФото