Типографска почест

30.09.22 10:54

Пет дена во ноември 2020 година, една куќа во Сент Мари, Квебек, им оддаваше почит на сите нејзини станари и соседи од авенијата Сент Луис. Стотици имиња напишани со мастило на ленти од бела хартија беа залепени на блоковите на куќата, пред таа да биде срушена.

Овој краткотраен дизајн е проект на Луис Гањон, креативен директор на студиото „Паприка“ од Монтреал, кој живеел во куќата кога бил дете и сакал да им оддаде почит на станарите кои живееле во таа куќа, пред да биде урната. Уште во 2019 година, големи поплави го преплавиле градот, а владата побарала најоштетените резиденции, чиј број бил речиси 60, да бидат срамнети со земја. Куќата на "Сент Луис 283" била една од куќите урнати тоа лето.

Во тоа време, во куќата живеела 93-годишната Беатрис Вашон која била таму речиси седум децении. „Таа се надеваше дека ќе ги помине своите последни години на истата адреса“, велат од студиото. „Сен Мари е вид на тесно поврзана заедница каде што сите се познаваат, од една генерација до друга. Овде, соседите ги гледаат децата како се раѓаат и растат; а меѓусебното помагање на соседите е вообичаена практика. Многу малку си имаат заминато оттука“.

Додека градот се подготвувал за ваква голема промена, уривањето на 60-те куќи, Гањон побарал помош од своите сестри за да се сети на поранешните жители, честите посетители и други луѓе, поврзани на некој начин со соседството. Пред да ги отпечати имињата, тој изменил постоечки фонт со цел да ги рефлектира на буквите декоративните архитектонски детали на куќата. Mногу од буквите се заоблени во горниот дел и потсетуваат на столбовите од предниот трем на куќата.

Една фотографија од "Сент Луис 283", направена непосредно пред куќата да биде срамнета со земја, ја покажува Вашон како стои надвор од нејзиниот дом. „Како што доаѓа ноќта, куќата стои пред нејзиното неизбежно уништување, сведок за еден живот од приказни и спомени“, вели Гањон. „Последна почит. Чин на издржливост“.

Извор: The Colossal

Слични содржини

Општество / Јавни простори / Уметност / Око
Јавни простори / Фотографија / Уметност / Око
Јавни простори / Уметност / Око
Јавни простори / Уметност / Око
Јавни простори / Свет / Уметност / Око
Јавни простори / Уметност / Око
Јавни простори / Уметност / Око

ОкоБоли главаВицФото