Преводот како подарок на слободата

27.12.2022 19:13
Преводот како подарок на слободата

 

Кон едицијата Арго: Вистинска приказна од Лукијан од Самосата; Медеја од Л.А. Сенека; Втора филипика од М.Т. Кикерон; Превод и препев од старогрчки и латински јазик: Светлана Кочовска Стевовиќ; издавач: Или-Или, Скопје.

 

Единствената специјализирана едиција Арго на издавачката куќа Или-Или посветена на преводи на дела од античката литература кај нас, поврзува авторски имиња со специфичен етхос, отвора простор за избор споделувајќи дела како места за мислење и начини на живот. Такви се имињата на прозаистот и беседник Лукијан од Самосата и неговата новела Вистинска приказна, која пародирајќи ги елементите на античкиот авантуристички роман денес се восприема како прво научно-фантастично дело на западната книжевност. Такво е името на римскиот поет и прозаист Лукиј Анеј Сенека и трагедијата Медеја, која заедно со деветте негови драмски дела важат за единствени примери на римската трагедија што се сочувани до денес. Таков е и римскиот оратор, прозаист и општественик Марк Тулиј Кикерон, кој го наоѓа своето место во едицијата Арго со неговиот пригоден политички-советодавен говор Втора филипика.

За овие дела во превод и препев од латински и старогрчки јазик на класичниот филолог Светлана Кочовска Стевовиќ веќе може да се зборува како за сериозна преведувачка и издавачка програма која му понудува на македонскиот читател избор на антички автори и дела што уживаат голем углед во повеќе од двемилениумската книжевна традиција на античката литература. Секако, за споменатите автори и дела може да се зборува и како за значаен прилог во повеќедецениската преводна рецепција на античката литература на македонски јазик.

Во таа насока особено внимание привлекува препевот на драмата Медеја од Сенека. Овој прв објавен препев на римска трагедија на македонски јазик на најопшт план претставува одговор на стремежот за еквилинеарен и изоритмичен препев како основен критериум при преведувањето, односно, препејувањето на класични драмски дела.

Во тој поглед како илустративен пример ќе го посочиме преведувачкиот интерес за делата од римската трагедија кај нас чиишто почетоци ги датираме уште во текот на седумдесеттите години од минатиот век според преводот на римската трагедија Октавија од страна на класичниот филолог Анастас Ѓ. Таховски. Преводот на ова дело кое се смета како единствена сочувана историска драма на римската книжевност и кое до не толку одамна беше вбројувано во редот на драмските дела на Сенека, а современите проучувачи денес го сметаат како дело на подоцнежен автор кој бил силно повлијаен од стилот на Сенека останало необјавено, најверојатно поради преводот во проза и неспазувањето на метричките особености на изворникот. Тоа денес тоа се чува како ракопис во оставнината на Таховски во Архивот Харалампие Поленаковиќ на МАНУ.

Ваквата ситуација на преведено, но необјавено, односно нереципирано дело можеби најдобро сведочи за тежината на задачата што пред себе си ја има поставено авторката на препевот на римската Медеја, Светлана Кочовска Стевовиќ - да ја пренесе мислата на Сенека запазувајќи ја сложената метричка схема на делото: јамскиот триметар во дијалошките партии, малиот асклепијадов стих, гликонеј, дактилски хексаметар, анапестички диметар и монометар, сафичка строфа, јампски каталектички диметар во хорските партии или да се сочува ритамот на трохајскиот каталектички тетраметар во инкантацијата на делото.

Новелата Вистинска приказна од Лукијан со која едицијата Арго го отпочна своето книжевно патување во 2020 година е трето по ред преведено дело на Лукијан кај нас. Најпознатото и најинтригантно дело на Лукијан, Вистинска приказна, се појавува на македонски јазик по објавата на дијалогот Распродажба на филосоофии во превод на Даниела Стојкова во 2002 година и по објавувањето на списот Како треба да се пишува историја во превод на Војислав Саракински во 2004 година. Интересно е да се спомене дека сите овие преводи, всушност, се надоврзуваат на интересот за творештвото на Лукијан што своевремено го пројавил македонскиот преродбеник Јордан Хаџи Константинов-Џинот кога во Цариградски весник ги најавил своите преводи на две дела од овој автор кои до денес не се сочувани или сѐ уште не се пронајдени.

Најновото издание во рамките на едицијата Арго е говорот Втора филипика од Кикерон е дело кое е осмислено како реакција на претходно искажана беседа на Марк Антониј против Кикерон. Тоа се надоврзува на преводната рецепција на античкото говорништво во Македонија која започнува кон средината на деведесеттите години со појавата на Кикероновите Говори против Катилина во превод на македонски јазик од професорката Љубинка Басотова.

Овој скромен по обем увид на она што досега е преведено на македонски јазик од застапените автори во едицијата Арго: Лукијан, Сенека и Кикерон има за цел да не само да укаже на зреењето на книжевниот систем и неговата подготвеност да ги прифати вредностите на класичната култура, туку и да го подвлече значењето на преводот, односно на препевот како репродуктивен вид на книжевна рецепција и појдовна точка за секоја интеркултурна и интеркнижевна комуникација.

Осврнувајќи се кон процесот на преводната рецепција на античките автори како кон динамичен процес, кој е селективен и еклектичен и кој во современите културни системи се остварува како дијалог кој е секогаш историски условен го посочуваме и новиот толкувачки контекст што со себе го носи едицијата Арго. Тој е потврден на две рамништа, како што вели Марија Ѓорѓиева Димова во нејзиниот осврт кон преводот на Вистинска Приказна од Лукијан: „Прво во бројните фуснотни објаснувања, кои се функционални како корисни паратекстуални инструкции за современиот читател што ќе му ги предочат сокриените (алузивни и пародични) интертекстуални упатувања кон бројните книжевни и некнижевни предлошки, и, на тој начин ќе го олеснат разбирањето на текстот“, и како второ, посочува Ѓорѓиева-Димова, „во вештото преведување на комплексните збороформи и неологизми“.

Ми се чини дека нема да биде пренагласено доколку на крајот од претставувањето на едицијата Арго се послужам со зборовите што ги искажува Вирџинија Вулф по повод покренувањето на класичната библиотека Лоеб, доживувајќи ја оваа читалница како подарок на слободата, затоа што и покрај револуционерноста и стратешкото значење што го има проектот Лоеб денес, сто години од неговото основање, во неговите зачетоци ги препознаваме зачетоците на благородната цел што пред себе ја има и едицијата Арго и секоја друга едиција од ваков карактер: а тоа е да се направат што подостапни убавината, мудроста и духовноста на старогрчките и римските автори преку преводи кои сами по себе се парчиња вистинска литература поткрепена со критички текстови на оригиналните дела.

Автор: Дарин Ангеловски
Слики: William Russell Flint - Хомеровата Одисеја