Кодекс на облекување на поетесите

22.02.2023 14:44
Кодекс на облекување на поетесите: Што кажува облеката на Силвија Плат, Одри Лорд и Стиви Смит за нивниот внатрешен живот

Новата изложба, која е поврзана со 60-годишнината од смртта на Плат, го прикажува здолништето кое таа го носела во Париз во 1956 година, колекцијата на чисти јаки од кошули на Смит и симболичниот асиметричен кафтан што го носела Лорд по нејзината мастектомија.

„Отсекогаш бев малку заведена од фотографиите од женските поетеси и се чувствував виновна бидејќи ме интересира што носат“, вели Сара Паркер, кокуратор на “Поетеси во Вог”, нова бесплатна изложба во Националната поетска библиотека. „Сакавме да откриеме колку е сериозна и фасцинантна врската помеѓу самата нивна работа, начинот на кој се облекувале и начинот на кој облеката се појавува во нивните дела“.

Компактното шоу, кое се осврнува на седум поетеси од 20 век и нивниот однос кон облеката, намерно го става фокусот на жените.

Изложбата нема намера да ги обожува поетите преку нивниот начин на облекување или да сугерира на имитирање на нивниот изглед. Наместо тоа, намерата е да се рекреираат овие облеки и да се размислува имагинативно како да се претстават поетесите, нивната работа и животот

Гвендолин Брукс дома во Чикаго, во 1950 година.
Фотографија: Архива Bettmann/Bettmann

Има само едно историско парче облека: карирано здолниште со копче на малиот струк, врзано со ремен над наборите, кое во 1956 година го носела Силвија Плат на патување во Париз. На внатрешната страна е рачно извезено нејзиното име. Неколку парчиња се ре-креација, како што е асиметричниот кафтан што го носела американската поетеса Одри Лорд по мастектомијата. Другите експонати се измислени дела: инсталации кои ја изразуваат важноста на облеката за поетесите како Гвендолин Брукс и Стиви Смит.

„Постои одреден феминистички поттик ова да се направи само за жените“, вели Оливер. „Овде се работи за создавање, не само за реконструирање на нештата. Оддалечувањето од верните реконструкции ни овозможува да разбереме повеќе за самата работа“.

Едит Ситвел во улога на Леди Лагбет, околу 1950 година

Фустанот на Едит Ситвел на “Поетеси во Вог”

Во просторот има три метри висока манифестација на Едит Ситвел, британската поетеса чија што облека дополнително го потенцираше нејзиното чувство за постојана драма. Инсталацијата всушност е фустан - шатор, изработен од кокураторката Геса Вернер и инспириран од наметка што ја носела Ситвел кога настапила во улога на Лејди Магбет, во Музејот на модерна уметност во Њујорк во 1950 година. Фустанот допира до таванот и се протега на повеќе од пет метри. Во основата има маса на која е прикажан турбан и тенки раце од кукла, покриени со прстени. „Го имаме нејзиното присуство во нејзино отсуство овде“, вели Вернер.

Шоуто се отвора со превез, за да се претстави делото и животот на корејско - американската перформанс уметница, поетеса и филмска режисерка Тереза Хак Кјунг Ча. Слика од нејзината изведба Aveugle Voix (слеп глас) од 1975 година е испечатена на голем бел принт закачен на влезот. Ча е со врзани очи, облечена во бела спортска облека и во рацете на кои носи ракавици држи ролна ткаенина на која пишува „Јас“, „Неуспех“, „Зборови“.

Сликата на Тереза Хак Кјунг Ча, Aveugle Voix (1975) може да се види на изложбата “Поетеси во Вог”.
Фотографија: Трип Калаган

Нејзините изведби често пати вклучувале облека и ткаенина, како превезот што ја одвојувал од публиката. Исто така, изложен е и фанзин во кој се детализирани парчињата облека што ги носела на 5 ноември 1982 година, ноќта кога била силувана и убиена во Њујорк, на 31-годишна возраст.

Во близина е ре-креацијата на црвениот фустан кој Ен Секстон го носела за читање на нејзината поезија. Секстон си го одзела животот во 1974 година, на 45-годишна возраст. „Откако умре“, вели Оливер, „нејзините ќерки го пронајдоа фустанот во нејзината гардероба и одлучија дека тој ја претставува Ана најсуштински, и таа беше кремирана во него“.

Фустанот има гламур и сензуалност. „Нејзините читања беа сакани од нејзините обожаватели и критикувани од нејзините кодоши“, вели Оливер, кој додава дека, во тоа време, поетските читања релативно биле новост. „Секстон настапуваше овде во Ројал Фестивал Хол во 1967 година на првиот Поетски Интернационал, а приказната вели дека таа праќала бакнежи кон публиката. Многумина од печатот и светот на поезијата апсолутно го мразеле тоа“.

Ре-креација на црвениот „читачки фустан“ на Ен Секстон прикажан во "Поетeси во Вог".

Ен Секстон во 1974 година, облечена во нејзиниот „црвен“ фустан. Фотографија: Артур Фурст

Британската поетеса Стиви Смит, најпозната по делото “Не мавтање, туку давење: (објавено во 1957 година), е претставена преку низа јаки од бели кошули, за да се изрази намерната повторливост во нејзиното облекување и нејзината работа. „Има нешто во таа едноличност, што всушност ѝ овозможуваше многу нешта“, вели Паркер за Смит, која почина во 1971 година. „Сакавме да размислуваме за разликите во едноличноста и паралелите помеѓу поетските линии и ритамот на облеката“. Во меѓувреме, американската поетеса Брукс се прослави со нејзините набљудувања на облеката во рамки на нејзината работа, со инсталацијата направена од хартија и ткаенина, за нејзината песна „Неделите на Смит со сатенски нозе“ од 1945 година.

Јаките на кошулата на Стиви Смит прикажани на изложбата.

Стиви Смит во 1954 година. Фотографија: Карл Сатон

Ре-креацијата на кафтанот на Лорд има најмоќно присуство во шоуто – неговото асиметрично рачно печатење намерно го нагласува десниот дел од нејзиниот граден кош, по нејзината мастектомија во 1978 година. „Таа донесе многу свесна одлука да не носи протетика“, вели Оливер, „да им пркоси на нормите на времето и да се спротивстави на советите на разните лекари и здравствени посетители“.

Лорд често пати пишувала за облеката, опишувајќи го кодексот на облекување во њујоршките лезбејски барови од 1950-тите, опишани во нејзината книга од 1982 година “Зами: Нов правопис на моето име”, додека ретко го правела тоа во нејзината поезија. „Постои некомплицирана смисла за неа дека, се разбира, облеката е од суштинско значење за тоа каков сум во светот“, вели Оливер. „Таа постојано пишува за облека, како дел од нејзиниот проект да го пресоздаде светот во слика во која ќе има простор за црна лезбејка со попреченост“.
Одри Лорд

Што се однесува до здолништето на Плат: „Ние бевме амбивалентни околу вклучувањето на Плат“, вели Паркер, „без да играме со ниту еден од неверојатно “напумпаните” митови. Сакавме сè да остане минималистички и да оставиме здолништето да зборува само за себе“. Она што го кажува тоа здолниште е примарно, уредно, учтиво, задушено“.

Како што објаснува кокураторката Софи Оливер: „Кај жените, постои можност малку да се промени наративот, да се покаже како облеката е пресудна за работата и некои од работите што ги мислат преку нивната работа“.

Кураторите се зближиле со своите субјекти во петте години од почетокот на шоуто (отварањето било одложено поради пандемијата). Постои емоција која е присутна во делата што тие ги создале. „Ќе ми недостигаат поетесите“, вели Вернер. „Ќе ми недостасува сево тоа“.

Превод: Марина Туфекчиевска
Извор: The Guardian

ОкоБоли главаВицФото