Хелен Келер: Како станав социјалистка?

14.06.2023 03:34
Хелен Келер: Како станав социјалистка?

Последниве месеци моето име и социјализмот често се појавуваат заедно во весниците. Еден пријател ми вели дека насловните страници ги споделувам со бејзболот, господинот Рузвелт и полициските скандали во Њујорк. Поврзувањето со таквите вести не ме прави особено среќна, но мило ми е што толку луѓе се интересираат за мене и за образовните достигнувања на мојата учителка, госпоѓата Мејси (Ен Саливан). Дури и озлогласеноста може да се претвори во корист, па се израдував што весниците ми се на располагање и преку известувањата за моите активности почесто се слуша зборот социјализам. Се надевав дека во иднина ќе пишувам за социјализмот, дека на одреден начин ќе го оправдам публицитетот кој ми е даден мене и на моите ставови. Досега малку пишував и малку зборував за таа тема. Напишав неколку писма од кои едно, упатено кон колегата Фред Ворен, излезе во списанието Appeal to Reason. Разговарав за тоа со некои новинари, а господинот Арланд од New York World напиша мошне ласкав извештај, целосно и веродостојно пренесувајќи што реков. Никогаш не сум била во Скенектади. Никогаш не сум го сретнала градоначалникот Лан. Никогаш не сум добила писмо од него, но ми испраќаше љубезни пораки преку господинот Мејси. Заради болеста на госпоѓата Мејси ги напуштив сите мои планови да им се придружам на работниците во Скенектади.

За толку негативни и релативно безначајни прашања се напишани многу воведници, како во капиталистичкиот, така и во социјалистичкиот печат. Новинарските прилози ги полнат фиоките. Не прочитав ни четвртина, а се сомневам дека некогаш ќе ги прочитам сите. Ако толку мала количина факти предизикаа толку коментари, што ќе се случеше ако навистина се зафатев со работа и напишев и зборував во корист на социјализмот? Засега би сакала да се изјаснам за својата позиција, да корегирам некои неточни извештаи и да одговорам на критиките кои ми изгледаат неправедно.

Прво: како станав социјалистка? Читајќи. Првата книга што ја прочитав беше New Worlds for Old од Велс. Ја прочитав по препорака на госпоѓата Мејси. Ја привлекла имагинативноста и се надевала дека возбудливиот стил ќе ме поттикне и заинтересира. Не беше социјалистка кога ми ја даде книгата, а не е ни сега. Можеби ќе стане, кога господинот Мејси и јас ќе престанеме да се расправаме со неа.

Хелен Келер и американскиот претседател Ајзенхауер

Моето читање е ограничено и бавно. Добивам германски социјалистички двомесечник, печатен на Брајово писмо за слепи. (Нашите германски пријатели предничат во многу аспекти). На Брајово писмо на германски исто така ја читав дискусијата на Катски за програмата Ерфурт. Останатата социјалистичка литература што ја прочитав ми беше спелувана на рака од страна на една пријателка која доаѓа трипати неделно за да ми го прочита она што ќе го изберам. Најчесто барав нејзините палави прсти да ми го пренесуваат списанието National Socialist. Таа ми ги кажуваше насловите од текстовите, а потоа ѝ кажував кој да го прочита, а кој да го прескокне. Барав да ми го чита International Socialist Review, барем оние наслови кои звучеа ветувачки. Тактилното знакување бара време. Не е ни лесно, ни брзо, преку нечии прсти да се усвои книга од 50 000 зборови за економијата. Но тоа е задоволство во кое ќе продолжам да уживам, сè додека не се запознаам со сите социјалистички автори.

Во контекст на споменатото сакам да прокоментирам еден дел кој беше објавен во списанието Common Cause и реобјавен во Live Issue, двете антисоцијалистички публикации. Цитирам еден дел:

Постојана придружничка на Хелен Келер е сопругата на Џон Мејси, која е учителка 25 години. Господинот и госпоѓата Мејси ентузијастички го пропагираат марксизмот, па не е изненадувачки што госпоѓицата Келер, чии најинтимни знаења зависат од таквото целоживотно пријателство, и самата морала да ги впие таквите уверувања.

Господинот Мејси можеби и е ентузијастичен марксистички пропагандист, иако ми е жал што можам да кажам дека не покажа многу ентузијазам марксизмот да го пропагира низ моите прсти. Госпоѓата Мејси не е марксистка, ниту социјалистка. Затоа, она што го наведува Common Cause за неа не е вистина. Уредникот најверојатно го измислил тоа без никаква основа и ако тоа е начинот на кој функционира неговиот ум, не е чудо што е противник на социјализмот. Тој нема доволно смисла за факти за да биде социјалист, ниту што било друго што е интелектуално вредно.

Да го погледнеме и вториот цитат од истиот текст. Насловот гласи:

ЦРВЕНИТЕ ОД СКЕНЕКТАДИ СЕ РЕКЛАМИРААТ; ЈА КОРИСТАТ ХЕЛЕН КЕЛЕР, СЛЕПА ДЕВОЈКА, ЗА ДА СТЕКНАТ ПУБЛИЦИТЕТ

Текстот почнува:

Би било тешко да се замисли нешто попатетично од актуелната експлоатација на кутрата Хелен Келер од страна на социјалистите од Скенектади. Партискиот печат со недели го објаснува фактот дека таа е социјалистка и дека ќе стане членка на новиот Одбор за јавна заштита на Скенектади.

Хелен Келер и Џон Мејси

Имам можност сатирично да ја прокоментирам фразата експлоатација на кутрата Хелен Келер. Но ќе се воздржам, едноставно кажувајќи дека на сакам лицемерно сожалување од медиумите како што е Common Cause, но мило ми е што знаат што значи зборот експлоатација.

Да преминеме на фактите. Кога градоначалникот Лан слушнал дека можеби ќе дојдам во Скенектади, на Одборот за јавна заштита му предложил да ми чува место. За тоа ништо не беше објавено во Citizen, медиумот на градоначалникот. Намерата на Одборот била да не зборува ништо за тоа додека не се преселам во Скенектади. Но репортерите од капиталистичкиот печат слушнале за тој план и еден ден, додека градоначалникот бил отсутен од Скенектади, Knikerbroker од Албани објавил прилог. Информацијата била телеграфирана ширум земјата, а потоа почна вистинска медиумска експлоатација. Од страна на социјалистичкиот печат? Не, туку од страна на капиталистичкиот печат. Социјалистичките весници ја објавија веста, а некои пишуваа воведи за добредојде. Но Citizen беше тивок и не го споменуваше моето име во периодот кога репортерите телефонирале, телеграфирале и барале интервјуа. Капиталистичкиот печат вршеше експлоатација. Зошто? Зашто на обичните весници не им е гајле за социјализмот? Секако дека не; го мразат. Туку затоа што јас сум предмет на новинарскиот трач. Толку се изморивме од негирање дека сум била во Скенектади, што станав ненаклонета кон репортерот што прв ја објави веста.

Навистина, социјалистичките весници сработија добра работа, откако капиталистичките го објавија фактот дека сум социјалистка. Но сите репортери што дојдоа да ме видат беа од обичните комерцијални весници. Ниту еден социјалистички весник, ни Call, ниту National Socialist, никогаш не ме прашаа за прилог. Уредникот на Citizen му наговести на господинот Мејси дека би сакал прилог, но беше премногу фин и обѕирен отворено да праша.

New York Times ме праша за изјава. Уредникот ми пиша уверувајќи ме дека Тајмс е вреден медиум кој има влијание во јавноста и сакаше прилог. Исто така ми телеграфираше за да ме праша за моите планови, како и да му ги наведам идеите за своите обврски, како членка на Одборот за јавна заштита на Скенектади. Мило ми е што не се согласив со барањето, зашто неколку дена подоцна Тајмс ме прикажа како изгнаница, што ја надмина нивната правдољубива наклонетост. На 21 септември во Тајмс се појави воведник со наслов Презреното црвено знаме. Наведувам два пасуси:

Знамето е слободно. Но не помалку гнасно. Тоа е симбол на беззаконие и анархија во светот и како такво, го презираат сите разумни луѓе.

Полицијата нема да го злоставува оној што носи црвено знаме сè додека не направи нешто што го оправдува црвеното знаме. Сепак, тој заслужува да го гледаат со сомнеж. Носејќи го симболот на беззаконието, тој го губи секое право на почит и наклонетост.

Хелен Келер и американскиот претседател Џон Кенеди

Не сум обожавателка на ткаенини во ниедна боја, но го сакам црвеното знаме и тоа што го симболизира за мене и за другите социјалисти. Црвеното знаме виси во мојата работна соба и кога би можела, со задоволство би марширала носејќи го покрај канцеларијата на Тајмс дозволувајќи репортерите и фотографите да направат спектакл од тоа. Според сеопфатната осуда на Тајмс, го изгубив секое право на почит и наклонетост и на мене треба да се гледа со сомнеж. Сепак, уредникот на и сака да му напишам текст! Како може да ми изрази доверба да пишувам за нив ако сум со сомнителен карактер? Се надевам дека како мене ќе уживате во лошата етика, лошата логика, лошите манири во кои упаѓа капиталистичкиот уредник кога се обидува да го осуди движењето насочено кон плутократските интереси. Ние немаме право на наклонетост, а повторно, некои од нас можат да пишуваат текстови кои ќе помогнат неговиот весник да заработува пари. Веројатно нашите мислења за него имаат иста вредност како и исповедите на некој познат убиец. Не сме фини, но сме интересни.

Ги сакам луѓето од весниците. Познавам многумина, а меѓу моите најблиски пријатели има двајца или тројца уредници. И покрај тоа, весниците се од огромна помош за сè што се обидуваме да направиме за слепите. Не ги чини ништо ако пружат помош за трудот на слепите, исто како и другите површни милосрдни организации. Но социјализмот - ах, тоа е друго прашање! Тоа задира во коренот на сета сиромаштија и сето милосрдие. Моќта на парите зад весниците е спротивна на социјализмот, а уредниците, покорници во раката што ги храни, ќе направат сè што треба за да го критикуваат социјализмот и да го поткопуваат влијанието на социјалистите.

Кога беше објавено моето писмо до Фред Ворен во Appeal to Reason, еден мој пријател кој пишува во специјалното одделение на Boston Transcript, направи прилог за тоа, но главниот уредник не го објави.

За мене и за социјализмот Brooklin Eagle вели дека грешките на Хелен Келер произлегуваат од манифестните ограничувања на нејзиниот развој. Пред неколку години сретнав еден господин кој ми се претстави како МекКелвеј, уредник на Brooklin Eagle. Тоа беше после состанокот на слепите во Њујорк. Комплиментите со кои тогаш ме опспипуваше беа толку великодушни, што поцрвенувам секогаш кога ќе се сетам на тоа. Но сега кога истапувам како социјалистка, тој нè потсетува мене и јавноста дека сум слепа и глува и особено склона кон грешки. Сигурно интелигенцијата ми се намалила откако го запознав. Сега сигурно тој е на ред да поцрвени. Можеби глувоста и слепилото тежнеат кон социјализмот. Маркс веројатно бил глув како топ, а Вилијам Морис бил слеп. Морис сликаше со сетилото за допир и дизајнираше тапети со сетилото за мирис.

О, смешен Brooklin Eagle! Каква непогрешлива птица си ти! Општествено слепа и глува, која го брани неподносливиот систе, системот кој е причина за слепилото и глувоста кои се обидуваме да ги спречиме. Brooklin Eagle сака да ни помогне да ја спречиме бедата, секогаш обезбедена, а не да ја нападнеме тиранијата која ја поддржува, ги заглушува ушите и го замаглува видот. Brooklin Eagle и јас сме во војна. Го мразам системот што го претставува, во чие име се извинува и го поддржува. Кога ќе возврати, нека се бори чесно. Нека ги нападне моите идеи и нека им се спротивстави на целите и аргументите на социјализмот. Ниту е фер борбата, ниту е фер аргументацијата да нè потсетува мене и другите дека не гледам и не слушам. Можам да читам. Можам да ги читам сите социјалистички книги за кои имам време, на англиски, германски и француски. Кога уредникот на Brooklin Eagle би прочитал некои од нив, можеби би бил помудар и можеби весникот би му бил подобар. Ако некогаш со книга придонесам на социјалистичкото движење, за што понекогаш сонувам, знам дека ќе ја насловам: Индустриско слепило и социјална глувост.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://portaloinvalidnosti.net/

ОкоБоли главаВицФото